Народната актерка на РФ Татјана Самојлова почина утринава во Москва. На 4 мај таа наполни 80 години. Оваа голема актерка, која на македонската публика ѝ е позната по улогата на Вероника во филмот „Жеравите летаат“, во кој партнер ѝ беше Андреј Баталов, како и по бравурозно одиграната ролја на Ана Каренина во истоимениот фил, снимен под режисерската палка на Александар Зархи, уште со своето прво појавување на филм ги освои срцата не само на советската, туку и на публиката ширум светот.
Татјана Самојлова е родена во Ленинград (денешен Санкт Петербург) на 4 мај 1934 година. Нејзините родители, Евгениј Валерианович Самојлов, познат советски артист, и Зинаида Левина, во 1937 година, кога Тања имала само 3 години, решиле да се преселат во Москва, каде ги поминале и бурните времиња на Втората светска војна.
Уште како мала, Татјана ја влечела сцената. Во детската возраст таа започнала да се занимава со балет, а своето понатамошно школување го продолжила во Московскиот академски музички театар „К.С. Станиславски и В.И. Немирович-Данченко“. Поради нејзиниот талент своевремено познатата балерина Маја Плисецкаја ја повикала Татјана Самојлова да појде да учи во балетската школа при Бољшој театар. Самојлова го одбила овој предлог, зашто како ќерка на актер, таа израснала со филмовите и со претставите на својот татко, па нејзина најголема желба била и таа да продолжи по неговите стапки. Така, во 1953 година Татјана се запишува на факултетот за драмски уметности „Борис Шчукин“.
Извор: Zabava Class
Патот до славата за Самојлова не бил тежок, со оглед на нејзиниот извонреден талент. Преку ноќ таа станува популарна во целиот свет откако ја одиграла улогата на Вероника во филмот на Михаил Калатозов „Жеравите Летаат“. Потресната драма за младата девојка која во времето на Втората светска војна ги губи своите родители, а нејзиното момче заминува на фронт претставува ремек-дело не само на советската, туку и на светската кинематографија, за што сведочи и „Златната палма“ на Канскиот филмски фестивал. Нејзината втора голема ролја е ликот на Ана Каренина, со која таа уште еднаш го докажа својот неспорен талент.
Во својата кариера Татјана Самојлова има одиграно 25 филмски улоги, а нејзиното последно појавување на големиот екран беше во 2008 година со улогата на Маргарита Ивановна во филмот на режисерот Игор Волошин „Нирвана“.
Како што пренесува новинската агенција Интерфакс, сочувство до семејството на Самојлова изразил претседателот на РФ Владимир Путин и министерот за култура на РФ Владимир Медински. Говорејќи за нејзиниот придонес во руската кинематографија Медински рече: „Во меморијата на милиони гледачи Татјана Самојлова – Вероника од филмот „Жеравите летаат“ – е вечно жив симбол на женственоста, убавината и љубовта, на оние вредности кои не може да ни ги одземе ниту една војна“.
Татјана Самојлова ќе биде погребана на Новодевичјите гробишта во Москва, а во среда ќе биде организирани и комеморација во Домот на филмот.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.