Оние што ја напишаа иднината

Писателите имаат навика од време на време да ја демонстрираат својата особина на пророци, „пронаоѓајќи“ го на страниците од своите книги она што допрва треба да се случи во реалниот живот. „Руска реч на македонски“ ги прелиста некогаш популарните книги на руските фантастичари, со цел да ви претстави некои од тие пронајдоци.

Нуркачко одело 

Во 1928 година Александар Бељаев го издаде романот „Човек-амфибија“, во кој станува збор за момчето Ихтиандар, кому во детството му биле пресадени жабри од ајкула. Според приказната, Ихтиандар поминувал многу време во морето, користејќи тенок костим прилепен на неговото тело, и со перки за пливање, ракавици и очила со дебело стакло. Во денешно време слично нешто им е познато на сите што се занимаваат со нуркање, сурфање или со подводен лов. Современите нуркачки одела од неопрен се како втора кожа и ја одржуваат топлината на телото, а почнаа да се појавуваат во педесеттите години од минатиот век во САД. 

Електронски весници 

Гаџетите за читање електронски весници ги има опишано советскиот фантастичар Кир Буличев во 1978 година. Во неговата повест „Сто години однапред“ се споменува направа која е слична на смартфон или на таблет, но се нарекува весник. Ликот од книгата треба само да притисне отстрана на црната кутијка, слична на табакера, и се појавувал екран во боја, а не него вести за фестивалот на Месечината и за дискусиите во ООН. Иако идејата за електронска книга во седумдесеттите години од минатиот век веќе не била нова, првиот текст-ридер, кој е сличен на современите, се појави во 1992 година. 

Мултимедијална библиотека 

Видео и аудиозаписите што за нас се нормална работа, биле восхитувачко откритие за хероите на романот „Аелита“ од Алексеј Толстој, кој е напишан во 1923 година. Според приказната двајца земјани на Марс пронаоѓаат разурнат град, а во него зграда од библиотека. Таму нема само обични книги од хартија, ами и телевизиски екран, на кој гостите успеваат да погледнат едно кратко видео. Инженерот Лос, еден од главните херои, наоѓа предмети кои се слични на мемориска картичка, а исто така и книга од која се слуша прекрасна музика. 

Холограм 

Иван Ефремов во расказот „Сенка на минатото“ издаден во 1945 година, опишува појава која по две години ќе ја открие унгарскиот физичар Денеш Габор и ќе ја нарече холограм. Хероите во расказот се палеонтолози кои, како најаве, да гледаат тираносаурус во пласт скаменета смола. Габор го пронајде хлографскиот метод и за него во 1971 година ја доби Нобеловата награда. Прашањето за тоа како да се добие голема снимка со помош на светлосни зраци, го заинтересирала Габор кога тој се занимавал со усовршување на микроскопот. 

Храна од нафта 

Во романот на Евгениј Замјатин „Ние“, издаден во 1920 година, човештвото пронаоѓа нафтена храна, со што еднаш засекогаш е решен проблемот на гладот. Во светот каде не постојат раси, имиња, мода и личен живот, на сите храната им се дели во коцки, направени од преработка на нафта. Во педесеттите години од минатиот век со микробиолошка синтеза на јаглероди на нафта започнува да се произведува белковина, а исто така и витамини и антибиотици. 

Нуклеарна енергија 

Александар Богданов опишува нуклеарен меѓупланетарен апарат во романот „Црвената ѕвезда“, издаден во 1908 година. Марсовскиот етеронеф – брод за патување низ етерот – личел на јајце од алуминиум и стакло, и можел да развива брзина од 50 километри во секунда. Бродот се движел со помош на енергијата што се ослободувала при делбата на радиоактивна материја. Во 1932 година Англичанецот Џејмс Чедвик го открил неутронот, а со тоа бил отворен нов хоризонт за нуклеарната физика, за што во 1935 година ја добил Нобеловата награда.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња