Како да се спасат 250 јазици во Русија?

Без оглед на собирите и на безбројните петиции што се собираат со цел на Ботлихците и на нивниот јазик да им се овозможи културна автономија, но официјалните власти продолжуваат да ги вбројуваат меѓу Аварите. Ваквиот третман довел до тоа од 6 илјади Ботлихци, на мајчиниот јазик сега зборуваат само 200 лица. Фотографија: РИА Новости.

Без оглед на собирите и на безбројните петиции што се собираат со цел на Ботлихците и на нивниот јазик да им се овозможи културна автономија, но официјалните власти продолжуваат да ги вбројуваат меѓу Аварите. Ваквиот третман довел до тоа од 6 илјади Ботлихци, на мајчиниот јазик сега зборуваат само 200 лица. Фотографија: РИА Новости.

Во Русија се зборуваат околу 250 јазици, меѓу кои рускиот со над сто милиони носители, но и кетскиот на кој зборуваат одвај илјада луѓе. Иднината на рускиот и на неколку јазици од турската група е сигурна, додека другите се соочуваат со сериозни тешкотии во обидот да се одржат.

Јазиците во Русија се исто толку нерешлива загатка како и таинствената руска душа. И самиот руски јазик е тајна. На него, имено, за рекордно кратко време (од крајот на 18 до крајот на 19 век) беше создадена една од водечките европски книжевности. Во овој временски период создавале Толстој, Чехов и многу други. Толку брз развој книжевноста не доживеала ни во Америка, која се потпира на вековната традиција на англиската култура. 

Иднината на рускиот јазик е сигурна. Постои грижа за неговиот развој во земјата, во странство привлекува голем интерес и на секој начин се развива. Слична судбина имаат и други јазици на староседелските народи во Русија, какви што се Татарите, Башкирите, Чувашите и Јакутите (јазиците на сите овие народи спаѓаат во турската група јазици). Дури ни Јакутите, кои ги има половина милион и се расеани низ територијата на најголемата федерална единица на Руската Федерација (на 3 милиони квадратни километри), не треба да се грижат за иднината на своите јазици. На јакутски се печатат книги, се одржува настава во училиштата и на факултетите, функционираат сите средства за информирање и сите видови културни установи, со него активно се занимаваат етнографите и лингвистите. 

Меѓутоа, јазиците на малите староседелски народи се наоѓаат во многу потешка ситуација. Ваквите јазици изумираат насекаде на планетава. Често за тоа не е одговорна ниту бирократијата, ниту шовинистичкото општество, туку суровоста на природните услови. Русија не е исклучок. Во супполарната област на Русија, каде што најголемиот дел е покриен со тајга и со тундра, се наоѓаат територии што се непроодни како амазонската џунгла, но со многу поладна клима. Во овие пространства од крајниот север (Саами) на Русија до нејзиниот краен југоисток (Удегејци) полека исчезнуваат племиња што водат сурова, номадска и не секогаш успешна борба за живот и комуницираат на своите јазици без писма. Овие народи не можат да живеат во услови на урбанизирана цивилизација поради специфичниот начин на исхрана, нерезистентноста на алкохолот и на вирусите што за поголемиот број луѓе се безопасни.

Мали јазици изумираат насекаде на планетава. Често за тоа не е одговорна ниту бирократијата, ниту шовинистичкото општество, туку суровоста на природните услови.   

Меѓутоа, постои и друг вид изумирање на јазиците, а тоа е постепената асимилација во мнозинското население во густо населените области. Оваа судбина ги снајде некои од дијалектите на карелскиот јазик („Карели“ е заеднички назив за остатоците на угро-финските племиња и за потомците на православното население од денешна Финска што се доселило во Русија пред религиозните прогони во средниот век). Последните Карели што живееле на Валдај (популарна бања меѓу Санкт Петербург и Москва) за време на пописот од 1897 година се изјасниле како Руси, додека нивниот дијалект изумрел многу порано. 

Државата се труди да им даде поддршка на малите староседелски народи на Северот, на Сибир и на Далечниот Исток. Нивните момчиња се ослободени од воената обврска, ловците и рибарите се ослободени од плаќањето данок итн. Меѓутоа, во Русија постои и регион во кој говорителите на јазикот што нема развиено писмо се изложени на сериозни проблеми. Станува збор за Дагестан на Северен Кавказ. Уште во средниот век Арапите го нарекувале Кавказ „Планина на јазиците“. Но, Дагестан дури и на овој лингвистички богат простор зазема посебно место. На релативно мала и пристапна територија се зборуваат околу 50 јазици. Според уставот на оваа република, која е измачена од тероризмот и од проблемите на невработеноста, сите нејзини јазици имаат статус на државни, но постојат само 14 јазика што имаат писмо, вклучувајќи го и рускиот, кои се третираат на тој начин. Носителите на другите јазици (кои често живеат во некое мало село или дури во дел од некое село) вештачки се припојуваат кон помоќните народи (меѓу кои најбројни се Аварите) и ним не им се овозможени даночни, културни и други олеснувања. 

На научниците им е дозволено да ги проучуваат локалните јазици, за нив се објавуваат прирачници во мал тираж и се развиваат варијанти на писма. Но, со целосно право може да се зборува за незабележително постепено искоренување на овие јазици. Пример за ова е судбината на Ботлихците (Бујхадите). Без оглед на собирите и на безбројните петиции што се собираат во селото Ботлих (административен центар на Ботлихскиот реон на Дагестан) со цел на Ботлихците и на нивниот јазик (кој припаѓа на андската група аваро-андо-цезски јазици на нахско-дагестанското семејство) да им се овозможи културна автономија, но официјалните власти продолжуваат да ги вбројуваат меѓу Аварите, што како практика започнало уште во дваесеттите години од минатиот век, кога советски комесар по прашања за националностите бил Сталин. Ваквиот третман довел до тоа од 6 илјади Ботлихци, на мајчиниот јазик сега зборуваат само 200 лица.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња