Рускиот однос кон настаните од декември 1991 година принципиелно се разликуваат од сфаќањата што се присутни кај останатите поранешни сојузни републики. Автор на карикатурата: Нијаз Карим.
Неделава се навршија 90 години од денот на создавање на Сојузот на Советските Социјалистички Републики – држава, која до денес е татковина за повеќе од четири петтини од жителите на Русија (останатите се појавија на белиот свет во суверената Руска Федерација). Советскиот Сојуз не доживеа точно уште една година до навршувањето на својот 70 роденден, а оттогаш во јавноста не стивнуваат страстите во врска со причините и последиците од исчезнувањето на наддржавата.
Распадот на Сојузот што случи на 25 декември 1991 година мина сосема нормално. Еден западен дипломат, кој вечерта кога се случи абдикцијата на Михаил Горбачов дошол на Црвениот плоштад, бил изненаден од отсуството на луѓе. Единствено јапонските телевизиски екипи мрзнеле на ветрот, надевајќи се дека ќе снимат нешто историско. Немало никаква народна маса – ниту такви што го прославуваат паѓањето на империјата, ниту демонстранти кои би биле против распаѓањето на земјата. Јавноста беше изморена од долгата агонија на советската држава, вистинско финале на она што се беше случило пет месеци претходно, во август, формалната црта се приемаше со олеснување и со надеж за нова епоха.
Но, од подалечен агол, кога го снема СССР, споровите за него стануваа се пожестоки. Осознавањето за неповратноста доаѓаше бавно, зашто на почетокот, се чини, малкумина можеше да поверува дека самостојна Украина или суверен Киргистан е сериозна работа и тоа за долго, засекогаш.
Рускиот однос кон настаните од декември 1991 година принципиелно се разликуваат од сфаќањата што се присутни кај останатите поранешни сојузни републики. Распадот на заедничката држава практично насекаде тргна во полза само на малцинството, но таму го прославуваат нејзиното случување, а не ја оплакуваат загубата – појавувањето на своја држава, која без разлика на сите мани се восприема како вредност. Руската јавност до денес не е уверена дали нашата државност е целосна или е само остаток од некоја друга, „вистинска“, земја.
Тагата по загубата – апатична, депресивна, најмногу реторична, понекогаш пропагандно-инструментализирана – ја беше обележала речиси целата руска дискусија за минатаото и за иднината. Тоа се случува до денес, без разлика на тоа што реалниот дневен ред веќе нема никаква врска со советското минато. И луѓето, принципиелно, се стремат напред, иако продолжуваат да подгледнуваат назад, обидувајќи се таму да ја најдат појдовната точка. Но не може, сето советско е исцрпено – од политички, економски, идеен и морален аспект. Повеќе нема што да се обновува, треба да се создаде нешто ново.
Ние сме навикнати да сметаме дека Русија изгубила со распадот на СССР. А, што доби? Добивката е обратната страна од загубата. Русија го изгуби статусот на наддржава, која го немала до средината на дваесеттиот век и нема да го има во иднина. Ќе ризикувам да кажам никогаш повеќе. Геополитичката положба на една од двете главни држави на светот и сферата на контрола, која се простираше по сиот свет, станаа резултат на уникатен сплет на околности, што повеќе нема да се случи. Мошне бргу и самото сфаќање за наддржава во разбирањето на студената војна ќе замине во минатото. Мултиполарниот свет нешто такво не се предвидува.
Русија изгуби дел од територијата, која се сметаше и продолжува да се смета за исконско своја, територија што по правило ѝ припаѓа. Оваа рана се лекува со труд, иако времето лечи сè – кога денес почнува да се зборува, на пример, за Крим или за Одеса, повеќе не постои онаа носталгична страст како порано.
Во замена Русија доби голема слобода (се има предвид како држава, како политички субјект, а каква слобода добија и како ја користеа граѓаните е одделно прашање). Таа слобода – правото да не се учествува во сите меѓународни процеси, да стоиш настрана од она што не е од првостепена важност, да не се биде поврзан со големата мисија, со идеолошката догма или неопходноста постојано да ја докажуваш својата исклучителна благосостојба. Тоа долго не се сметаше за придобивка, ами напротив, политичкиот врв и голем дел од јавноста тагуваа имено по таквата глобална улога. Сега станува јасно дека во светот во кој секој што претендира на апсолутна власт, автоматски започнува да одговара за настаните, а врз кои не е во состојба да се влијае. Да се нема таа улога може да биде мошне исплатливо.
Пример за тоа е „Арапската војна“ што беснее на Блискиот Исток. Доколку Русија го поседуваше статусот и меѓународната обврска на СССР, ќе требаше активно да се вмеша, стремејќи се да го насочи случувањето во една или во друга насока, за да не ја изгуби својата лидерска позиција. Токму со ова сега се занимаат САД, и резултатот се чини сомнителен, ако не и спротивставен. Стремежот да биде на „вистинската страна во историјата“ го доведе Вашингтон де-факто во алијанса со истите оние против кои Америка се бореше претходните 10 години, и кои, се разбира, ја гледаат исклучиво како тактички, а не како стратешки сојузник. И колку подалеку, толку посложено и поопасно ќе биде да се срка манџата, што се вари во овој дел од светот. Русија таму се бори за определени принципи, но, во краен случај, едноставно ќе замине, сосредоточувајќи се кон понасушни потреби. САД не можат себеси да си го дозволат тоа. Пред дваесет и една година тие го победија змејот и долго се гордееја со триумфот. Не забележувајќи, како постепено го зазедоа неговото место.
Фјодор Лукијанов е претседател на президиумот на Советот за надворешна политика и одбрана.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче