Преговорите околу влезот на Русија во Светската трговска организација траеја повеќе од 15 години. Протоколот за влез е потпишан на 16 декември 2011 во Женева. Извор: AFP/EastNews.
Преговорите за влегување на Русија во СТО започнаа во 1995 година, но дури во 2000 година прераснаа во комплициран процес кој ги опфаќа сите аспекти на приклучување на една земја во Светската трговска организација.
Најакутните прашања во текот на дискусијата се однесуваа на поддршката која државата ја дава на земјоделството, фитосанитарните и ветеринарните контроли, квотата за испорака на прехранбени намирници, царински такси за дрвена граѓа и производство на автомобили. Преговарачкиот процес влезе во ќорсокак во 2006 година, кога Русија ја зголеми увозната зарина за дрвена граѓа од 6,5% на 25%. Земјите од Европската Унија бурно реагираа на овој потег и поставија ултиматум: ако не се намали царината, ЕУ нема да даде согласност за стапување на Русија во Светската трговска организација. Како резултат, тарифата остана замрзната, со тоа што Москва предупреди дека ќе ја зголеми на 80% доколку прашањето за нејзиното влегување во СТО повторно се доведе во прашање.
Протоколот за влез на Русија во глобалниот трговски клуб е потпишан на 16 декември 2011 година во Женева.
Максим Медведков, директор на одделението за трговски преговори во Министерството за економски развој и трговија и Алексеј Лихачов, заменик на министерот за економски развој, изјавуваат за „Росијска газета“ што очекува Русија после стапувањето во СТО, како и за тоа дали е оправдан стравот дека стапувањето во СТО ќе доведе до затворање на компаниите и зголемување на вработеноста.
Максим Медведков: Лесно е за домашните економски проблеми да се обвини СТО
„Врз Светската трговска организација практично се истураат сите проблеми со кои се судираат нејзините членки, а кои често немаат никаква врска со условите на членство во оваа организација. Истото се случува и кај нас.
„Да ги разгледаме трезвено прашањата кои предизвикуваат страв. За компаниите е значаен само еден услов, т.е. тоа што може да се измени после стапувањето во СТО, а тоа е висината на извозната тарифа. Дали извозната тарифа има одлучувачко значење за конкурентноста на компаниите? Има, но во многу ретки случаи. Има ли државата можност да ја врати поранешната извозна тарифа, доколку се увиде дека извозот на некој му носи штета? Има, врз основа на разумно мотивирани жалби од компаниите. Во што е тогаш проблемот? Во тоа што или компанијата не знае дека такви можности постојат, или не сака да губи време и пари за припрема на аргументи. Но тоа е проблем на самата компанија.
„Ние од 2002 година воведовме систем за заштита на пазарот и припремивме десет стручњаци. Многумина од нив преминаа во Евроазиската економска комисија која сега работи на тоа. Што се однесува со масовната невработеност, Русија не презема обврски да обезбеди пристап на работната сила на својот пазар на труд. Поради тоа, ние како и до сега ќе можеме да го регулираме бројот на работниците од странство (во прашање се стотина илјади работни места), но прашање е дали тоа воопшто ќе биде потребно“.
Алексеј Лихачов: Зоната за слободна трговија на Заедницата на независни држави е веќе ускладена со нормите на СТО
„По приклучувањето во Светската трговска организација, конкуренцијата во многу стопански гранки ќе зајакне. Извозните тарифи ќе почнат да се намалуваат за еден месец и тоа ќе се одвива во етапи. После транзицискиот период (максималниот транзициски е седум години), просечната стапка на царинската такса ќе се намали за 2,5 до 3 проценти. Тоа, секако, нема да има катастрофални последици. Ние и самите сакаме развој на здрава конкуренција. Потрошувачите на крај ќе добијат поквалитетна роба по попристапни цени.
„Државата, сопствениците, компаниите и менаџерите, секако, ќе мораат да се потрудат да ги искористат инструментите на СТО. Ако исправно се постапува, влезот во светскиот трговски клуб ќе овозможи ширење на домашните компании во стопанството. Впрочем, Русија веќе одамна функционира според правилата на Светската трговска организација. Сите измени кои се однесуваат на нашите обврски се внесени во законодавството уште во 2003-2007. Во склад со правилата на СТО формирана е нормативна база на Царинската унија и Единствениот економски простор меѓу Русија, Белорусија и Казахстан. Дури и зоната за слободна трговија во Заедницата на независни држави, која наскоро ќе стапи во сила, е исто така создадена според најдобрите светски примери и основни норми на СТО.
„Се разбира, државата нема да ја жртвува руската индустрија. Разработен е план за прилагодување на индустријата кон условите на СТО, што подразбира и конкретни мерки на заштита на пазарот и прашања за оптимизација на поддршката која државата треба да ја пружи на индустријата. На тој начин, субвенциите во земјоделството можат да бидат два пати поголеми од досегашните. Со цел поддршка на индустријата, Русија може во поголема да го користи инструментот за државен откуп, а тоа е повеќе од шест илјади милијарди рубли (187 милијарди долари) годишно. Моментално на сила се 15-процентни субвенции за домашните производители за време на државниот откуп на возилата, градежната техника, производите од лесната и прехранбената индустрија, додека текстилот за униформи се откупува само од руските производители. Освен тоа, владата има план додатно да ги прошири субвенциите за руските производители.
„И понатаму актуелни се мерките за заштите од дампинг, а членството во СТО ќе овозможи стимулирање на нивната поенергична примена“.
„На крај, заштитата на сопствениот пазар не е единствена тема за која треба да се зборува. СТО отвора и нови можности за извоз и тоа не само на енергенси, туку и на производи од металургијата, хемиската индустрија и земјоделството. Ако се има во предвид дека пазарите во светот се пред се транснационални, тогаш учеството во светскиот трговски клуб ќе ни овозможи поефикасно да реагираме на ризиците во светската економија и да ги „штимаме“ правилата на светската организација со нашите интереси“.
Во текстот се користени материјали од „Росијскаja газета“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче