Зошто странците ги лекуваат очите во Русија?

Виталиј Анков / РИА Новости
Во офталмолошките клиники во Москва постојано доаѓаат пациенти од Европа, од Блискиот Исток и од Африка. Она што нив ги привлекува е односот меѓу цената и квалитетот на лекувањето.

Во дворот на московскиот научно-технички комплекс Микрохирургија на окото „Фјодоров“ можат да се сретнат дури и Африканци во национална облека и жени во чадри. Само од 2013 година на оваа клиника на лекување пристигнале 1.600 лица. Според податоците на самата клиника, меѓу пациентите најчести се оние што доаѓаат од Иран, Либија, Оман и од Судан. Исто така, доаѓаат и Европејци од Италија и од Германија, а поретко од Северна Америка. Комплексот е основан во 1986 година од страна на рускиот научник и хирург, академик Светослав Фјодоров.

Пациентите доаѓаат во Русија самостојно или со помош на специјални агенти, кои обезбедуваат преведувачки услуги и придружник. Најбарани операции се ласерската хирургија на катаракта, отстранување на кривогледост, како и стационарно конзервативно лекување. Според Дмитриј Покровски, шеф на операцискиот блок во клиниката на Фјодоров, се зголемува и заинтересираноста за витреоретиналната хирургија.

Пионери во офталмологијата

Едвард Рослоф, директор на заедничкиот проект меѓу американскиот MIT и Институтот за наука и технологија во Сколково, во 2014 година направил операција за отстранување на катарактата на двете очи во Европскиот медицински центар во Москва. „Процедурата се нарекува факоемулзификација и се користи ултразвучна направа со висока фреквенција за да се разбие матната леќа на помали парченца, кои потоа внимателно се отстрануваат од окото со вшмукување. Потоа мојот хирург во окото ми стави јасна внатрешна леќа“, вели Рослоф за „Руска реч“.

Рослоф вели дека тој дури имал намера да ја направи оваа операција во својата татковина, во САД. „Најпрво овој метод е разработен тука, во Русија, во клиниката на Фјодоров. Во Русија лекувањето на очите има само предности. Руските лекари и медицинските научници се пионери во оваа работа. Тие имаат прекрасна подготовка и искуство. Трошоците се разумни“, вели Рослоф.

Уште на почетокот на осумдесеттите години од минатиот век Светослав Фјодоров и неговата екипа имаа разработено неколку уникатни методи, кои во следните години еволуираа и се применуваат во поголемиот број земји во светот. Еден од нив е ласерската екстракција на катарактата. Имено, оваа технологија е земена како основа за операцијата што ја има направено Рослоф.

Освен тоа, Фјодоров ја има усовршено техниката на радијалната кератотомија. Во осумдесеттите години од минатиот век овој метод станува револуционерен при лекувањето астигматизам и кусогледост. Интересот за оваа операција доведе многу странски офталмолози во Москва. „До денес методот не се користи во чист вид. Но, неговите принципи се ставени во основата на низа високотехнолошки методи, меѓу кои и корекција на видот со помош на фемтосекунден ласер“, вели Покровски. Овој ласер го замени микроножот и прави операцијата да се изврши без употреба на механички инструменти.

Од каде е опремата?

„Во руските клиники операциите се извршуваат во целосен обем, а најчесто се користи корејска, американска и јапонска опрема. Сè попопуларни стануваат индиските разработки – од техниката до кристалите“, вели професорот Михаил Коновалов, раководител на офталмолошката клиника на Коновалов. Според него, основните проблеми се состојат во долгото и скапо оформување на документите во Русија. Побрзо и поевтино излегува да се купи опрема што веќе има добиено сертификати во странство.

И покрај тоа, постојат примери за интересни руски разработки. Фјодоров има создадено уникатни ласери, кои овозможуваат да биде отстранета и најобемната катаракта. „Тој ги определи параметрите на зрачењето со кои е можно целосно лекување, без оглед на стадиумот. Поголемиот дел од ласерите што се користат на Запад имаат ниска моќност и отстрануваат само катаракта во почетен стадиум. Многу често ни се обраќаат во случаи кога на друго место не постои можност да се добие помош“, вели Покровски.

„Микроскан“ е уште една офталмолошка направа од новото поколение, разработена во МНТК „Микрохирургија на окото“ заедно со Центарот за физички прибори при Институтот за општа физика на Руската академија на науките. Овој ласер овозможува да биде коригирана кусогледоста, далековидоста и астигматизмот со највисока прецизност. Направата ја произведува руската компанија „Оптосистеми“ од градот Троицк, Московска област. Освен во Русија, „Микроскан“ се извезува и во Кина, Иран и во Нигерија.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња