„АвтоВАЗ“: „ЛАДА“ ќе се продава во 15-20 земји во светот

Автомобилите „ЛАДА“ ќе се продаваат во 15-20 земји, изјави за новинарите претседателот на компанијата „АвтоВАЗ“ Бо Андерсон.

„Се разбира дека ќе се вратиме во Европа. Од 1 јули нашите автомобили одговараат на сите европски стандарди. „ЛАДА“ ќе се продава добро, ако успееме да ги добиеме најдобрите импортери на алијансата „Рено-Нисан“. Тогаш нашата работа ќе биде поедноставна. Но, можам да кажам дека нашите производи ќе се продаваат во 15-20 земји, покрај Русија“, ги цитира РИА „Новости“ зборовите на претседателот на  „АвтоВАЗ“.

Според него, „АвтоВАЗ“ склучи договори за испорака на околу 70 илјади автомобили во разни земји во 2015 година. Во топ-5 увозници на крајот на година ќе влезат  Казахстан, Азербејџан, Египет, Украина и Германија. Притоа дел од увозниците изјави дека испораките на производите на „ЛАДА“ ќе бидат намалени во врска со економската ситуација. Египет, напротив, ги обнови нарачките и има намера да го зголеми бројот на купени возила од „АвтоВАЗ“.

„Ние одамна сме застапени во Либан, продававме наши автомобили во Сирија. Имаме силен пазар во Германија и Латинска Америка. Таму добро се продава „ЛАДА 4×4“… Сега потпишавме договор со импортерот на „Нисан“ во Унгарија“, изјави тој.

Во февруари Андерсон изјави дека  „АвтоВАЗ“ има планови двојно да го зголеми извозот и да го доведе до бројка од 100 илјади автомобили. Есента 2014 година компанијата ги запре испораките во ЕУ поради несоодветноста на автомобилите „ЛАДА“ со техничките норми на ЕУ. Претходно беше објавено дека во септември-октомври 2015 година производите на „ЛАДА“ ќе се вратат на европскиот пазар. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.