Каде се лекувале комунистичките лидери

ТАСС
Лекувалиштето „Барвиха“ се наоѓа недалеку од Москва. Тука заминувале на лекување руските и странските водачи, воените началници и актерите. Идејата за создавање на ова лекувалиште е на Ленин. Група новинари беа во посета на лекувалиштето на познатите пациенти.

На 22 февруари 1922 година се појавил документ за санитарен надзор на Кремљ. И Ленин во порака до Сталин забележува дека треба да се изгради лекувалиште, каде што би се одморало раководството на земјата. Требало да се наоѓа во шума, во „исклучително живописно место“, на околу 60 километри од Москва. Така се појавило клиничкото лекувалиште при Управата на Претседателот на РФ. „Барвиха“ почнала да ги прима првите гости во 1935 година. Заедно со вип-пациентите доаѓале и нивните телохранители – соработници на НКВД (подоцна КГБ). Но, тогаш тоа било само обично лекувалиште.

Во тие години во лекувалиштето се одморале и се лекувале не само раководните лица на земјата, туку и познати странски политичари, научници. Тука престојувал и генералниот секретар на Италијанската комунистичка партија Лонго. „Во 1972 година тој се одмораше со жена си во лекувалиштето. Беше многу жешко, гореа шумите и сламата. Неговата сопруга настојуваше да заминат во Суздаљ. Лонго доби срцев напад, требаше да се спасува“, се сеќава академикот на Руската академија на науките и на Руската академија на медицински науки Евгениј Чазов. Тој се грижел за здравјето на првиот човек на СССР Леонид Брежњев, на првиот руски претседател Борис Елцин, на многу министри научници, но и на раководители на странски држави – В. Улбрихт (ГДР), Г. Насер (Египет), Ј. Кадаре (Унгарија), Т. Живков (Бугарија) и други.

Делот на Елцин

Во делот наменет за Борис Елцин има неколку простории: хол, каде се наоѓа огромна маса на која можат да се водат преговори, потоа трпезарија, спална со огромен кревет. Има и уште една спална соба, како и работен кабинет и сала за приеми. Во овој дел има многу тајни врати кои ведат кон системот на скриени ходници. Тие се така направени за персоналот да може да се движи незабележливо. Односно лекарите, чистачките, градинарите итн. се движеле така што не се гледале.

- Всушност ние не готвевме и не се грижевме за него, тоа го правеше неговиот персонал, - велат вработените во „Барвиха“. – Ние само бевме тука за секој случај. И фала Богу! Борис Николаевич имаше сложен карактер...

Постарите вработени се сеќаваат дека тешко им одело со министерот за надворешни работи на Советскиот Сојуз, а потоа и прв човек на Грузија Едвард Шеварнаѕе. Тој бил многу студен и се држел настрана, така што медицинските сестри не знаеле како да му се приближат со инјекциите и со облогите.

За јадењето треба одделно да се зборува. Директорот Константин Молчанов раскажува: „Во архивата на лекувалиштето најдовме стара картотека со 800 јадења! Особено полезни се сметале супите, кашите и лебот од хељда, кои се правеле тука. Биле направени 14 диетски режими. На ова место се применувале најновите медицински прибори што ги имаа измислено научниците, како и најнови лекарства и методологии“.

Мошне често беше тешко да им се објасни на раководителите на земјата зошто им не им се препишува тоа што тие го сакаат, ами она што лекарот смета дека е потребно. Но, персоналот од претседателскиот корпус умееше да биде мошне убедлив. Сите медицински сестри имаа поминато посебна школа. Тие ги знаеја не само навиките и вкусовите, туку и особеностите на карактерот, за кои не знаеше ниту најблиското опкружување. До денешен ден имињата на санитарните и на медицинските сестри не се обелоденуваат.

Лебедите на Алексеј II

Во „Барвиха“ постојат и најсакани пациенти. Најсакан бил патријархот на РПЦ Алексеј II.

- Беше послушен кога му стававме инјекции, беше трпелив, - велат медицинските сестро. – По просторијата понекогаш одеше во пижами. Но, дури и во нив се разликуваше од останатите пациенти“.

- Шетав со него секој ден. Одевме кај езерцето и ги храневме лебедите. Тој секогаш чуваше за нив леб од  ручекот. Со него беше мирно и убаво. Малку зборуваше, а доколку раскажуваше нешто, тоа беше од неговото детство. Многу сакаше да се сеќава на тоа како станал свештеник. Кај Алексеј доаѓаа да бараат совет многу вработени – од раководителите до негувателките. И тој сите ги примаше“.

На второ место меѓу најсаканите кај персоналот е претседателот на Казахстан Нурсултан Назарбаев.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.