На почетокот на ерата на Интернетот во 1994 година, работникот на една скромна трговска Фирма Владимир Левин го проби компјутерскиот систем на City Bank Of America. Тој со помош на обичен стандарден компјутер 386 ја хакираше заштитата на еден од најсовршените платежни системи на светот.
Левин дејствувал внимателно, префрлајќи релативно мали суми од сметките на големите инвеститори на банката на своите соучесници во целиот свет. Вкупната сума на украдените средства изнесуваше 10.700.952 американски долари. Службата за електронска безбедност на банката сепак успеа да ги открие трагите на хакерскиот напад, така што ФБИ го пронајде Левин.
ТАСС
Беше уапсен во Лондон, а мy беше судено во САД, зашто во Русија во деведесеттите години од минатиот век не постоеше кривична одговорност за сајбер-криминалот. Рускиот хакер се согласи на спогодба со истрагата, така што речиси сите украдени пари (освен 400.000 американски долари) ѝ беа вратени на банката. Левин помина три години во затвор, а потоа излезе на слобода и сè уште претставува симбол на вештината на руските хакери. Тој беше првиот кој се прочу низ светот.
24-годишниот дипломец на Економскиот факултет при Московскиот државен универзитет Игор Клопов не крадеше пари, ами финансиски податоци за американските милијардери од списокот на Форбс. Клопов и неговите соучесници ги пробиваа кредитните бази на богаташите и во нивно име склучуваа договори на Интернет. Така украдоа 1.5 милиони американски долари.
Измамникот беше „провален“ во 2007 година кога се обиде да се претстави како милијардерот Чарлс Вајли. Со помош на фалсификувани чекови нарача златен накит во вредност од 7 милиони американски долари, но работникот во златарницата решил да го провери чекот и му се јавил директно на Вајли. Така измамата беше откриена, а Клопов беше уапсен кога допатува во Њујорк за да го подигне купеното злато. Тој ја издржа затворската казна, а потоа премина на „светлата страна на Силата“ и сега е еден од главните експерти на компанијата за сајбер-безбедност CyberSec.
На 14 август 2014 година сите оние кои го следат Дмитриј Медведев на Твитер се зачудија кога на неговиот профил се појавија чудни твитови. „Давам оставка. Се срамам од потезите на владата. Извинете“, започна Медведев. Потоа му рече на „Вова“ (Владимир Путин) дека „нема право“ и напиша дека по поднесувањето на оставката ќе стане слободен фотограф, за што одамна сонувал.
Секако, тоа не го пишуваше Медведев. Неговиот профил на Твитер беше еден час под контрола на хакерите од групата „Анонимна интернационала“, познати и под називот „Шалтај-Болтај“. Ова е една од најпознатите хакерски групи поврзани со политиката. Оваа нивна акција имаше најголем одек во јавноста, но тие се познати и по други активности. Од 2014 година оваа група од време на време на Интернет исфрла електронски преписки на руските функционери и политичари.
Во анонимно интервју за порталот „Медуза“ еден од основачите на „Интернационалата“ вели дека потсмевањето со функционерите и објавувањето на нивната преписка не е единственото нешто со кое се занимава оваа група. Нивна главна задача е собирање податоци, особено компромитирачки материјал, по нарачка. Според основачот, „Шалтај-Болтај“ ја објавува само онаа содржина што не може добро да се продаде.
Во декември 2016 година Евгениј Богачов, родум од Анапа (1.471 километар јужно од Москва) се најде на списокот на новите санкции на САД, зашто беше обвинет за мешање во изборите на американскиот претседател. За волја на вистината, Богачов е навикнат на вниманието на американските власти и на разузнавачките служби. Уште во февруари 2015 година, многу пред претседателските избори во САД, ФБИ вети 3 милиони американски долари за информација за тоа каде моментално се наоѓа хакерот.
fbi.gov
Агентите на ФБИ толку високо ја оценија „главата“ на Богачов зашто тој го создаде сосема новиот вид вирус „Gameover Zeus“. Имено, групата хакери со кои раководеше споменатиот Русин го напиша најмоќниот „банкарски тројанец“ на светот. Овој вирус може незабележливо да ги копира броевите на банкарските картички, лозинки и други податоци. ФБИ смета дека „Gameover Zeus“ веќе им има донесено на своите творци над 100 милиони американски долари.
И покрај тоа што ФБИ го бара Богачов речиси две години, сè уште нема дознаено каде се наоѓа тој. Се претпоставува дека се наоѓа во Русија.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче