Што ќе ѝ е на Русија планетата Венера?

03 декември 2016 Арам Тер-Газарјан
Новиот руски проект „Венера-Д“ предвидува лет до ненаселени планета во 2026 година. Што планираат научниците?
Венера
Извор: ESA

Руската вселенска агенција (Роскосмос) и НАСА разговараат за проектот „Венера-Д“. „Д“ означува „долголетен“. Во рамките на проектот ќе се развие нов апарат за слетување, кој ќе може да издржи на површината на Венера неколку дена.

Вселенски природни ресурси

Советскиот Сојуз почнал да размислува за мисија на Венера уште во седумдесеттите години од минатиот век. Сите тогашни вселенски апарати сепак би издржале не повеќе од неколку часа при екстремните услови на површината на планетата. Новата мисија, планирана за 2026 година, може да биде уникатна според времетраењето.

Според руските научници интерес да учествуваат во проектот веќе се пројавиле земјите од ЕУ, САД и Кина. Комплексната програма за истражување на планетата предвидува лансирање атмосферски сонди, па дури и орбитален комплекс.

„Ваквите истражувања имаат долгорочен економски составен дел. При сегашната широката употреба на природните ресурси, порано или подоцна ќе се судриме со нивен недостиг. Минералите од другите планети ќе станат основа на индустријата на иднината“, смета академикот од Руската академија за космонаутика „Циолковски“ Александар Железњаков.

Можеби на Марс ќе биде полесно?

За разлика од Марс, каде што беше најдена вода, втората планета не дава надежи за постоење на живот. Венера е безживотна пустина. Температурата на нејзината површина е +467 степени Целзиусови во сенка. А, сенка таму има насекаде, бидејќи има густа облачен слој кој не дозволува да се видат сонцето, ѕвездите или други планети. Има речиси чист јаглерод диоксид, притисок од 93 атмосфери што е ист како во земните мориња на многу голема длабочина.

„На Венера развојот на климата има изминато катастрофален пат - од огромната температура испариле океаните“, вели потпретседателот на Руската академија на науките Лев Зељони. „Покрај тоа, оската на планетата не се врти во иста насока како кај останатите планети, ами во спротивна насока“.

Според зборовите на Зељони новата мисија „Венера-Д“ ќе може да истражува непознати за луѓето физички феномени. „Податоците за оваа планета, добиени од советските научници во седумдесеттите и во осумдесеттите години од минатиот век до моментов се користат од страна на научниците низ целиот свет“, вели Зељони. „Информациите добиени од аеростатите, издигнати на 50-55 километри над површината, и до денес се единствени“.

Советската Венера

Првата употреба на вселенски апарат до Венера се случила во август 1970 година, кога меѓупланетарната станица „Венера-7“ го направила првото во историјата меко слетување на планетата. Во 1975 година друг апарат, „Венера-9“, ги испраќа до Земјата првите фотографии од површината. Во 1982 година, „Венера-13“ праќа до Земјата панорамски слики во боја и звучни сигнали од Венера.

Според Зељони во Русија веќе е формирана мешовита работна група, која има намера да го повтори искуството на советските програмери кои во 1985 година го спуштиле на површината на планетата апаратот „Вега-2“. Токму тој ќе биде прототип на „Венера-Д“.

Со кого ќе лета Русија?

„За Русија е профитабилно да покани за учество во оваа експедиција странски партнери, особено од САД“, тврди Железњаков. „При најоптимистичките проценки, односно со целосно и континуирано финансирање, руските научници можат да создадат од нула апарат и сè што е потребно за истражување на Венера не порано од 10 години. А, Американците во последниве години имаат многу напреднато во оваа насока и би го направиле тоа максимум за пет-шест години“.

Според Железњаков соработката на Роскосмос со НАСА ќе биде поволна и ефикасна. Руските научници прават активности за создавање пренослив истражувачки центар за далечинскиот апарат. Американците можат да го обезбедат „опстанокот“ на овој апарат со постојните и развиени од нив материјали отпорни на влијанието на надворешната средина на други планети.

Во НАСА засега се воздржуваат од директна потврда за учество во проектот, само потврдуваат дека водат преговори за заедничка мисија со Роскосмос.

 

Авторските права на материјалите се во сопственост на редакцијата. При објавувањето на материјали од порталот „Руска реч на македонски“ во друг медиум, задолжително треба да се постави активен линк кон страницата од која е преземен текстот.
+
Лајкнете нѐ на Фејсбук.