На Марс полета заедничка мисија на РФ и ЕУ

Ракета „Протон-М“

Ракета „Протон-М“

AP
Првата експедиција „ExoMars” има задача да ги усоврши технологиите на работењето на Црвената планета и да најде на неа траги на живот.

На 14 март во 12.31 од космодромот Бајконур полета ракетата „Протон-М“ која на Марс носи руски и европски апарати. Главната задача на мисијата е да пронајде метан, зашто тој може да биде знак на примитивен биолошки живот, а исто така да ја испроба технологијата на меко „атерирање“ среде песочните бури кои беснеат на оваа планета.

Датумот на стартот не е избран случајно. Според научниците, март 2016 година е времето кога растојанието помеѓу Земјата и Марс е минимално и изнесува само неколку десетина милиони километри.

„Во ова време постои таканаречен 'прозорец'“, вели за „Руска реч на македонски“ Игор Митрофанов, раководител на одделението за нуклеарна планетологија при Институтот за космички истражувања на Руската академија на науките. „Ова се случува еднаш во 2 години и 50 дена. Следниот пат ќе може да се лета на Марс дури во 2018 година. Тогаш се планира втората фаза од проектот „ExoMars”.

Како ќе изгледа сето тоа?

Ракетата носи два апарата. Еден ќе се движи по орбитата на Марс а другиот ќе се спушти на неговата површина. Апаратите содржат 11 руски и 3 европски уреди чија задача е детално да ја истражат атмосферата на Марс и да најдат можни знаци на живот, односно метан. Овој гас може да биде со биолошко потекло. Над 90% од метанот на Земјата го произведуваат живи организми.

„Можеби ќе најдеме оази каде сè уште постојат некои примитивни организми кои можеле да настанат пред неколку милијарди години“, се надева Игор Митрофанов.

„Досегашните обиди за пронаоѓање метан зависеа од чувствителноста на уредите. Сега на Марс е испратена апаратура од сосема нова класа. Таа е 100 пати попрецизна. Овој пат ние навистина ќе можеме да кажеме дали таму има метан или нема и, доколку има, во колкави количества. Дури потоа ќе можеме да дојдеме до определени заклучоци“, вели Александар Тохимовски, научен соработник на Институтот за космички истражувања при Руската академија на науките.

Првата фаза од мисијата „ExoMars” ќе трае околу седум месеци. Таа ќе стаса до Марс кон средината на октомври. Три дена пред влегувањето во атмосферата на оваа планета демонсрацискиот лендер Schiaparelli автоматски ќе се извлече од орбиталниот апарат Orbter и ќе почне да се спушта кон површината на Црвената планета.

Според научникот, модулот Schiaparelli треба да ја испроба технологијата на меко „атерирање“ во песочните бури на Марс. Така ќе се дознае што се случува со апаратот во екстремни услови.

Партнери во мисијата

Се проценува дека европско-руската мисија „ExoMars” чини милијарда евра и е составена од две фази: „ExoMars 2016” и „ExoMars 2018”.

Во рамките на првата фаза од оваа мисија Русија ја обезбедува ракетата-носач и половина од научните инструменти за орбиталната сонда Trace Gas Orbiter (TGO), додека Европската вселенска агенција ја обезбедува само сондата TGO и модулот Schiaparelli.

За TGO Русија ги направи уредите ACS (Atmospheric Chemistry Suite) и FREND (Fine Resolution Epithermal Neutron Detector). Првиот е предвиден за испитување на хемискиот состав на атмосферата на Марс, а другиот е невронски детектор кој бара водород и замрзната вода. Московскиот физичко-технички институт помогна во изработката на алгоритамот за обработка на податоците за анализа на атмосферата во уредот ACS.

„Нашиот систем од орбитата ќе ја проучува атмосферата на Марс. Далечински ќе ја мери содржината на гасовите, температурата и облаците, како што се прави со метеоролошките сателити во орбитата на Земјата“, вели за „Руска реч на македонски“ Олег Корабљов, научен раководител на системот ACS. Според него, TGO во орбитата на Марс ќе остане до 2022 година.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња