Научните од Томскиот државен универзитет (ТДУ) решија сериозно да се зафатат со истражување за тоа како таинствените магнетни бури, за кои од време на време предупредуваат метеоролозите, навистина влијаат на здравјето на човекот, на функционирањето на различни уреди и на екологијата на Земјата.
Таканаречените бури, кои можат да траат од неколку часа до неколку дена, претставуваат реакција на геомагнетното поле на Земјата на облаците од плазма што доаѓаат од космосот, а кои се исфрлени од нашата ѕвезда – Сонцето. Во текот на годината научниците ја изучуваа геомагнетната активност и нејзиното влијание на луѓето. Во серијата експерименти учество зедоа 60 лица со различна возраст. Како резултат на него научниците потврдија дека магнетните бури влијаат на слухот и на видот, забавувајќи ја брзината на реакцијата.
За време на експериментот томските радиофизичари ги анализираа слухот и видот на луѓето со помош на специјална методика, предложена од Кримскиот федерален универзитет и Институтот за космички истражувања при Руската академија на науките.
„Во текот на една година направивме повеќе од 350 опити. Притоа како фон беше избрана спокојната геомагнетна опстановка, а за споредба експерименталните работи се извршуваа во неспокојните денови. Како резултат на тоа увидовме дека времето на реакција на стимулите во ситуација на зголемен геомагнетски фон се зголемуваат“, изјави за „Руска реч на македонски“ Јулија Афанасјева, специјалист во областа на космичката физика и екологија од ТДУ.
Според неа резултатите се разликувале во зависност од возраста: волонтерите кои биле постари од 50 години имале позабавена реакција, одошто помладите.
За да се определи колку е силна бурата, научниците користеле скала на моќност од 0 до 8, каде 0 е спокојна опстановка, а 8 е екстремна геомагнетна бура.
Суштинска промена на брзината на реакцијата научниците забележале при колебање на магнетното поле поголемо од четири степени. Ваквите нагли измени на геомагнетната опстановка како последица на сончевата активност специјалистите ја нарекуваат „мала бура“.
Забавувањето на реакцијата може делумно да се објасни со статистиката на Министерството за вонредни состојби: во период на геомагнетско колебање се зголемува бројот на сообраќајни незгоди, како и бројот на повреди при работа и на технички хаварии. По правило, нивната причина е човечкиот фактор.
На состојбата на човекот можат да влијаат не само неочекуваните колебања на магнетното поле кои се предизвикани од сончевите експлозии. Уште еден проект кој го реализира ТДУ покажува како се менува електричната активност на мозокот во услови на природни локални магнетни аномалии.
Магнетните полиња на животната средина во голема мера го определуваат формирањето на живите системи: на пример, им помагаат на животните во ориентацијата. Геомагнетните аномалии од природен карактер влијаат и на состојбата на човекот. Особено чувствителен на дејството на магнетното поле е нашиот нервен систем.
Томските научници спроведоа серија експерименти на делови со нееднородност на магнетното поле во Горен Алтај, вели за „Руска реч на македонски“ Максим Соколов, постдипломец на ТДУ. Имено на ова место, недалеку од месноста Кош-Агал, се наоѓал епицентарот на силните земјотреси од 2003 година (8.5 степени според Рихтеровата скала).
„Волонтерите се наоѓаа во природни услови на базниот дел и во аномална зона. За време на нивното движење со помош на мобилни сензори се вршеше мониторинг на електричната активност на мозокот“, вели Соколов.
Резултатите од алтијските експерименти покажуваат дека при влегување во зоната на модифицирано магнетно поле кај човекот значително се менуваат показателите на биоелектричната активност на мозокот.
Електричните импулси се користат за предавање сигнали меѓу невроните на мозокот, а нарушувањето на овој процес се одразува врз состојбата на човекот. При тоа луѓето не чувствуваат никакви необични нешта и, по правило, ништо не забележуваат.
Влијанието на геомагнетните аномалии е различно кај луѓето со различна возраст: кај младите промената на ЕЕГ се појавува по 4-5 минути, а кај постарите времето изнесува една минута. Притоа реакцијата на луѓето се совпаѓа со резултатите од реакцијата на магнетните бури.
Истражувањата на магнетните бури во ТДУ продолжуваат. Сега научниците вршат нови експерименти, со цел да соберат дополнителни податоци.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче