Научниците повторно ги најдоа гравитациските бранови

Panthermedia / Vostock-photo
Астрономијата повеќе никогаш нема да биде онаква каква што ја знаеме. Научниците соопштија дека повторно детектирале гравитациски бранови. Овој настан тие го карактеризираат како почеток на новата ера во науката за ѕвездите. Брифингот беше одржан на 15 јуни на Московскиот државен универзитет и во Американското друштво на астрономи во Сан Диего.

Научниците соопштија дека во црните дупки детектирале гравитациски бранови, односно колебање на метриката на просторот и времето. Ова е втор ваков случај. Првиот беше забележан на 11 февруари 2016 година.

„Основата за создавање гравитациско-бранова астрономија станува сè поцврста и посигурна“, вели раководителот на московската група LIGO, професорот на Факултетот за физика при Московскиот државен универзитет Валериј Митрофанов.

Гравитациските бранови се важна компонента за претскажувањата што ги има изнесено Алберт Ајнштајн во својата општа теорија за релативитетот, објавена во 1915 година. Таа подразбира ново сфаќање на гравитацијата, во кое главната улога ја игра категоријата „простор-време“. Во согласност со неа ткивото што го сочинуваат времето и просторот се деформира поради влијанието на присутните тела. Со други зборови, силата на гравитацијата е резултат на деформацијата на просторот и времето.

Деформацијата на просторот и времето е официјално констатирана

„Гравитациските бранови се летачки фрагменти на кривата простор-време. Порано ова се восприемаше како нешто егзотично, а денес е веќе извор на нови податоци за вселената. Ова е почеток на ерата на гравитациската астрономија“, вели професорот на Факултетот за физика при Московскиот државен универзитет Сергеј Вјатчанин.

Во рамките на научната соработка со ова истражување се занимаваат над 1.000 научници од 15 земји, вклучувајќи ја и Русија.

Брановите се регистрирани од двата детектори на Ласерската интерферометриска опсерваторија за гравитациски бранови  (LIGO — Laser Interferometric Gravitational Wave Observatory) во САД, во државите Луизијана и Вашингтон.

Детектирано гравитациски бранови и овој пат генерираа две црни дупки (чија маса е 14, односно 8 пати поголема од масата на Сонцето) во последните делови од секундата на нивното спојување и формирање на една поголема црна дупка која се врти околу својата оска.

Во која насока ќе се развива новата астрономија?

Следниот циклус на истражувањата е планиран за наесен. Се очекува дека дотогаш дополнителното подобрување на чувствителноста ќе му овозможи на  LIGO за 50 до 100% да го зголеми обемот на сондираната вселена.

„Повторното детектирање на гравитациските бранови е силен потстрек во целиот свет да се создаваат детектори од нова генерација за понатамошно истражување на мистериозната вселена“, заклучува доцентот на Факултетот за физика при Московскиот државен универзитет Сергеј Стригин.

Група научници од Московскиот државен универзитет учествува во овој проект уште од 1992 година. Теориските и експерименталните истражувања на руските научници се применети за време на создавањето на детекторот за непосредно следење на гравитациските бранови кои настануваат при спојување на две црни дупки.

Во моментов колектив научници од Московскиот државен универзитет учествува во изработката на детектори од следната генерација. Тие треба да овозможат секојдневно детектирање на сигналите на гравитациските бранови.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња