Дијабетесот тип 2 може да се спречи и да се излекува

Panthermedia / Vostock-photo
Дијабетесот може да се излекува доколку се промени интензитетот на интелектуалниот напор велат руските научници. Но, може и да се добие доколку сте избрале погрешна професија или сте се преселиле во друг град. Лекувањето или спречувањето на дијабетесот зависи од генетските предиспозиции за интелектуален или за физички напор.

Дијабетесот тип 2 може да се излекува доколку правилно се регулира физичкиот и интелектуалниот напор во зависност од тоа за што човекот е генетски повеќе предиспониран. До овој заклучок дојдоа руските биолози по истражувањето во кое учествувале 103 лица заболени од дијабетес (тип 2) и 60 здрави доброволци.

„Постојат гени што ја зајакнуваат активноста на мозокот“, вели Дмитриј Давидов, еден од авторите на истражувањето и водечки научен соработник на научноистражувачкиот институт за општа патологија и патофизиологија при Руската академија на медицински науки. „Ова не е задолжително поврзано за интелектот. Едноставно човекот троши повеќе енергија за да размислува и постојат гени што тоа го овозможуваат. Во тој случај мозокот е главен потрошувач на гликозата“.

Според Давидов, без оглед на тоа што болниот е физички активен како што му е препорачано во терапијата, тоа нема да биде од полза, доколку е потребно да се „напрегне мозокот“.

Мозокот без напрегање ја губи гликозата

Кога мозокот кој е генетски „прилагоден“ на поактивна работа не се напрега доволно, се намалува и потрошувачката на гликоза. Во ткивото не наталожува гликозиран хемоглобин, односно показател на нивото на шеќер во крвта. Од друга страна, доколку луѓето кои се предиспонирани за поголеми физички напори не се занимаваат со спорт, нивните мускули не трошат гликоза, и поради тоа кај нив расте нивото на гликоза во крвта. Но, мускулите можат и да се одмораат, но на мозокот му е потребно постојано и стабилно ниво на гликоза, зашто тој не ја прекинува својата активност дури ни кога спиеме.

Дијабетесот тип 2 може да биде предизвикан дури и од погрешен избор на професија или преселување во друг град. Згора на тоа, ќе се разликуваат и последиците во зависност од тоа дали станува збор за генетски „паметни“ или генетски „јаки“ пациенти. Во случај на недостиг од умствен напор последици од овој тип дијабетес можат да бидат шизофренија, Алцхајмерова болест или атеросклероза, а поради недостиг од физичка активност дијабетичарите можат да добијат заболувања на срцето и крвните садови, на желудникот, на црниот дроб и на белите дробови.

За спречување на добивањето или напредувањето на дијабетесот 2 научниците предлагаат да се промени средината или професијата. Друга варијанта е отсуството на определена активност да се компензира со помош на медицината. Можат вештачки да се создадат молекуларни врски кои ја намалуваат активноста на генот и предизвикуваат репрограмирање на физиолошките процеси.

Дијагностика за „паметни“ и за „силни“

Методите за ефикасно дијагностицирање на болестите кај двете споменати групи се разликуваат, истакнуваат научниците. На пример, „паметните“ треба да го мерат нивото на гликозиран хемоглобин, односно нивото на гликоза во ткивото, а „спортистите“ да ја мерат гликозата во крвта која се дава за анализа наутро пред јадење.

Засега изборот на методот зависи од економскиот развој на земјата во која живее пациентот. Вториот метод се смета дека е квалитетен и се користи, на пример, во Европа. Во африканските земји дијагнозата за дијабетесот се поставува со мерење на гликозата пред јадење. Руските научници тврдат дека со оглед на економските показатели обете групи не даваат објективна можност за оценка на болеста.

„Дијабетесот не може да се оцени според количеството на гликоза во крвта или во ткивото“. Тоа се секундарни аберации, односно конечен резултат на физиолошките процеси. Поправилно е да се испита метаболизмот на гликозата во организмот, но ваквите анализи засега не се вршат во медицината“, објаснува Дмитриј Давидов.„Едни исти физиолошки процеси можат да го креваат или да го спуштаат нивото на гликоза во организмот. На пример, кај апсолутно здравите спортисти тоа може да се менува во зависност од тренингот“.

Дали генетскиот фактор е толку важен?

Дали тоа значи дека дијабетесот може да се спречи доколку знаеме какви ни се гените? „Присуството на гените сè уште не е докажано. Човек може и да ги нема споменатите предиспозиции“, вели Дмитриј Давидов. „Гените можат да бидат активни, а можат и да функционираат делумно или едноставно да 'молчат' за време на целиот живот, зашто преку нив се прозиведуваат белковини и го нема оној синџир кој доведува до синтеза на определени молекули“.

Истражувањето на руските научници е објавено во списанието EndocrineConnections, официјално издание на Европското ендокринолошко друштво. Во истражувањето учествувале 103 лица што боледуваат од дијабетес (тип 2) и 60 здрави доброволци. Меѓу нив има и такви кај кои гените за интелектуален и за физички напор се подеднакво активни.

Процедурата за оценка на предиспонираност за различни облици дијабетес руските научници сега ја воведуваат во московската клиника GLMED, која ги финансира овие истражувања.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња