Три сценарија по американското ракетирање на Сирија

Михаил Воскресенски / РИА Новости
Неочекуваното американско ракетирање на аеродромот на сириското воено воздухопловство по обвинувањето дека сирискиот претседател применил хемиско оружје ќе има сериозни последици за односите помеѓу САД и Русија, уверени се руските експерти. Тие истакнуваат неколку можни сценарија според кои ќе се развиваат настаните. Меѓу нив е и најопасниот директен судир помеѓу американските и руските сили. Руските експерти ги опишаа трите веројатни варијанти на развој на ситуацијата по нападот на САД врз единиците на сирискиот претседател Башар ал Асад.

Сценарио 1. Вооружен конфликт помеѓу Русија и САД

Руските експерти не ја исклучуваат можноста Москва да одговори на Соединетите Американски Држави на ракетирањето на единиците на нејзиниот сириски сојузник. Русија може да одговори со демонстрација на сопствената воена моќ. Доколку САД извршат уште еден напад, Москва може да одлучи да собори извесен број американски крстосувачки ракети, смета Алексеј Фененко, експерт од Институтот за проблеми на меѓународната безбедност при Руската академија на науките. Засега Русија демонстративно ќе ги зајакне своите воени напори во Сирија.

Според него, САД уште од 2013 година планираат воена операција против единиците на сирискиот претседател и затоа нападот ноќта кон петок може да биде само почеток на нова воена кампања на Соединетите Американски Држави во странство. Но, доколку излезе дека оваа прогноза е точна, тогаш „порано или подоцна самата логика на конфронтација ќе ја принуди Русија да одговори со сила“, вели за „Руска реч на македонски“ експертот. Судирот на двете светски сили не мора задолжително да поприми облик на глобален нуклеарен холокауст. Тој може да потсетува на настаните од времето на граѓанската војна во Шпанија 1936-1939 година. Тогаш советската авијација водеше борби против војниците на фашистичка Италија и на нацистичка Германија без формално објавување војна.

Од друга страна, ниту во случај на таква „посредна“ војна не може во целост да се исклучи можноста за примена на нуклеарно оружје. Сосема е реално воените команди на двете земји во определен момент да дојдат до заклучок дека е неопходно да се примени тактичко нуклеарно оружје, предупредува аналитичарот.

Сценарио 2. Балансирање на работ на бездната

Експертите истакнуваат дека САД извршиле напад без никакви консултации со Русија, не водејќи при тоа сметка како бомбардирањето може да се одрази на ситуацијата во самата Сирија и на односите помеѓу Вашингтон и Москва. Како што изјави во интервју за „Руска речм на македонски“ Дмитриј Суслов, експерт за меѓународни прашања на Националниот истражувачки универзитет „Виша школа за економија“, ова дава основа за заклучок дека со тоа Доналд Трамп „спроведува цврста еднострана политика со примена на воена сила, не грижејќи се за меѓународното право, и така во суштина ќе се претвори во извесна „лајт-верзија“ на администрацијата на Буш помладиот.

Вашингтон за миг го промени ставот кон личноста на сирискиот претседател и повторно доследно ќе инсистира на негово заминување. Русија нема намера да му заврти грб на својот сојузник и сè повеќе ќе го зајакнува военото присуство во Сирија. Од друга страна, тешко дека и Америка ќе отстапи, зашто основниот мотив на Трамп е желбата да „не попушти и да покаже колку е моќен“.

Во такви услови најверојатна е сериозна военополитичка ескалација во односите помеѓу Русија и САД во Сирија. Суслов не ја исклучува можноста во една таква ситуација да станеме сведоци на „реинкарнација на затегнатоста“ од периодот на Карипската криза. Пред 55 години двете суперсили беа на работ на нуклеарна војна по поставувањето на советските ракети на Куба. Тогаш беше избегната војна откако Москва ги повлече ракетите од „Островот на слободата“, а Американците ги повлекоа своите ракети од Турција.

Сценарио 3. Дипломатски пат

Сепак, сите експерти не сметаат дека Русија подготвува некаков одговор на Америка во Сирија. Според Александар Коновалов, директор на невладината организација „Институт за стратешки проценки“, Москва ќе се задоволи со она што е веќе сторено во овој момент, односно излез од меморандумот за безбедност на летовите, потпишан со американскиот воен врв. Овој експерт смета дека Русија нема да го зајакнува своето воено присуство во Сирија зашто „САД не влегле во војна во Сирија, ами, како што велат, извршиле еднократна акција“.

Во секој случај Русија ќе се обраќа до меѓународните институции и во Советот за безбедност на ОН ќе го покрене прашањето за агресијата што САД ја извршија врз Сирија, а исто така ќе му предложи на Вашингтон дијалог во врска со истрагата за примена на хемиско оружје во Сирија. Но, останува отворено прашањето за тоа дали САД ќе одговорат на сите тие потези на Русија.

Како што истакнува Владимир Сотников од Институтот за ориенталистика при Руската академија на науките, многу работи во развојот на соработката помеѓу двете земји зависи од очекуваната посета на државниот секретар на САД Рекс Тилерсон на Москва. Неговата мисија ќе биде „деликатна“. „Од една страна Тилерсон ќе мора да ја објасни одлуката на Трамп (за ракетирање на Сирија), а од друга страна и да ја задржи соработката со Москва на постојното ниво“ истакнува експертот во интервју за „Руска реч на македонски“. Сотников нагласува дека САД не можат да ги избегнат контактите со Русија, со оглед на тоа дека се вовлечени во сириската криза, а Русија е присутна таму. Вашингтон е осуден на барање допирни точки со Москва во Сирија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња