Конфликтот во Либија: Бара ли Русија сојузници?

Калифа Хафтар е командант на единиците на една од двете либиски влади (онаа во Тобрук).

Калифа Хафтар е командант на единиците на една од двете либиски влади (онаа во Тобрук).

Ројтерс
Еден од главните учесници во конфликтот во Либија, маршалот Хафтар, неколку пати ја посети Москва. Неодамна го посети и рускиот носач на авиони „Адмирал Кузнецов“. Контактите на либискиот маршал со Русија беше протолкуван од страна на медиумите како доказ за поддршката што Москва ѝ ја дава на Либија, што, пак, сериозно вознемири определени политичари на Запад. Сепак дали Москва навистина има сериозни планови во врска со либискиот маршал?

Калифа Хафтар е командант на единиците на една од двете либиски влади (онаа во Тобрук). Тој во 2016 година двапати престојуваше во Москва – еднаш во јуни, а вториот пат во ноември, додека на 11 јануари годинава ги посети рускиот носач на авиони „Адмирал Кузнецов“ кој го напушти брегот на Сирија. Од носачот на авиони Хафтар со помош на видеоврска разговараше со рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу. Малку порано, кон крајот на декември претставник на Министерството за надворешни работи на РФ го карактеризираше Хафтар како „водечка воена и политичка фигура“ на Либија.

Контактите на Хафтар со Москва се одразуваат во големиот број публикации посветени на интересите на Русија во Либија. Се зборува за можноста за повторување на „сириското сценарио“, односно за воена интервенција на Русија во Либија. Се изнесуваат и претпоставки дека Русија со помош на либискиот маршал сака да обезбеди уште една воено-поморска база во Средоземно море, покрај сириската. Поединци, меѓу кои и министерот за надворешни работи на Малта, одат уште подалеку во своите претпоставки и во средбите на Хафтар со претставниците на руската власт гледа увертира за „катастрофална“ граѓанска војна во Либија.

Иницијативата на Хафтар

Од друга страна, руските експерти едногласно тврдат дека е премногу рано да се смета Хафтар за некаква креатура на Москва. Погрешно е мислењето дека Русија во либискиот конфликт се потпира исклучиво на овој маршал, зашто постојат и други сили што Москва ги има предвид, смета Елена Супонина, советник на директорот на Рускиот институт за стратешки истражувања (РИСИ). Во разговор со репортерот на „Руска реч на македонски“ таа нагласи дека Хафтар самиот бил иницијатор на посетите на Москва, иако е факт дека неговите иницијативи со големо разбирање се прифатени во руската престолнина.

Сергеј Демиденко, ориенталист од Институтот за општествени науки на Руската академија на народно стопанство и државна администрација, обрна внимание на „Руска реч на македонски“ на фактот дека Хафтар сега многу патува во странство. Тој не ја има посетено само Русија, ами и Европа и САД, „најавувајќи насекаде зближување“. Според сознанијата на експертот, целта на овие посети е од Русија да се добие тешко вооружување и хеликоптери. Но, Русија засега не може да испорачува вооружување на Либија, зашто оваа земја од 2011 година е под санкции на ОН.

Со оглед на биографијата на либискиот маршал, тешко може да се каже дека тој е штитеник на Москва. Хафтар уште кон крајот на осумдесеттите години од минатиот век како соборец на поранешниот либиски лидер, полковникот Моамер Гадафи, падна во немилост по неуспешната операција за време на војната во Чад, по што замина во САД кадешто живееше над 20 години. Според Андреј Коротаев, историчар-ориенталист од Националниот истражувачки универзитет „Виша школа за економија“, „Хафтар е очигледно поврзан со американските специјални служби“, кои извесно време го користеле во борбата против Гадафи.

За тоа дека поддршката на либискиот маршал од страна на САД не е минато сведочат и неодамнешните снимки од разговорите помеѓу пилотите на истокот од Либија што стасаа до јавноста. Таму единиците на Хафтар, кои според определени извори бројат околу 35.000 војници, војуваат против исламистите од подрачјето на Бенгази. Снимките до кои дојдоа либиските медиуми сведочат за тоа дека САД и НАТО му даваат помош на Хафтар од базите на алијансата на Сицилија и на Крит. Подоцна, по загинувањето на француските војници на истокот на Либија, кое го потврди Париз, стана очигледно дека Хафтар го поддржува и Франција.

Слаба власт и моќен маршал

Од друга страна, Западот ја поддржува и владата во Триполи. Но, властите Тобрук и Хафтар не сакаат да соработуваат со Триполи, обвинувајќи го за поврзаност со исламистите. Властите во Триполи не уживаат голем авторитет во Либија. Таканаречената влада на народно единство засега не е кадарна да излезе на крај со хаосот во кој се наоѓа Либија по симнувањето на Гадафи.

Експертите истакнуваат дека Хафтар делува репрезентативно во споредба со слабата власт во Триполи. Според Василиј Кузнецов директор на Центарот за арапски и исламски истражувања на Институтот за ориенталистички студии при Руската академија на науките, либискиот маршал контролира значајни воени единици, што го прави еден од „најперспективните кандидати“ за стекнување власт во целата земја. Но, и покрај големата поддршка однадвор, тој за две години не успеа да ги потчини исламистите на истокот, макар што неодамна ги презеде нафтените пристаништа, што во голема мера ги зајакна неговите позиции. Сепак, тој може да има сериозни проблеми со западните либиски племиња. Поради сето тоа треба да се биде внимателен кога станува збор за процената на неговите шанси за победа во внатрешниот либиски конфликт на кој сè уште не му се гледа крајот.

„Фантазирање“ за руска база

Кузнецов истакнува дека Русија тешко може во блиска иднина сериозно да смета на потези на Хафтар што би ѝ одговарале, со оглед на тоа дека Либија е во хаос и дека не е јасно како ќе заврши конфликтот. Ова се однесува и на воените бази и на обновувањето на договорот што Москва го направи со Гадафи. „Тоа е фантазирање. [...] Очигледно е дека Русија не се труди да продре длабоко во Либија, за разлика од Сирија. Тоа би ја чинело многу, би било тешко изводливо, а и самата цел не би била доволна јасна“, уверен е експертот. Андреј Коротаев смета дека добронамерноста на Русија кон Хафтар се објаснува со тоа што тој се бори против исламистите, додека владата во Триполи е во тесна врска со нив.

Москва има уште една причина да биде во добри односи со Хафтар. Според информациите што ги презентираат медиумите, тој порано има студирано или бил на стажирање во Советскиот Сојуз. Според тоа, Хафтар има врска и со Русија, и со САД, и може да биде личност што ѝ одговара и на едната и на другата страна. Според Коротаев, по доаѓањето на власт на администрацијата на Доналд Трамп во САД, обете земји можат поактивно да го поддржат либискиот маршал и на тој начин да најдат заеднични јазик во поглед на иднината на Либија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња