Извор: Сергеј Пивоваров / РИА Новости
Се смета дека историјата на руската воена униформа започнува од Петар Велики, но тоа не е сосема точно. Иако прецизните правила со кои се пропишува изгледот на облеката за целата војска се утврдени дури на почетокот од 18 век, и претходно постоеле обиди за воведување воени униформи. До 16 век во Русија, како и во поголемиот дел европски земји, не било точно определено како треба да бидат облечени војниците.
Во тоа време поголемиот дел од руската војска била коњаница, во која служело благородништвото. Државата на благородништвото му доделувала земјиште, а тоа, пак, било задолжено од приходите од тие имоти да опреми и да вооружи определен број војници и да учествува во војните. Благородниците морале лично да учествуваат во битките и да обезбедат „луѓе, коњи и оружје“. Спахиите ги опремувале војниците според своите можности.
Руска униформа од 1786. до 1796. |
Секако, не можело да стане збор за иста облека: разнобојни руски кафтани (капути што се закопчуваат од предната страна, припиени до телото и благо ѕвончести надолу) се мешале со кожени татарски наметки, а имало и униформи и оружје што биле запленети во судирите со Полјаците.
Ваквата шаренолика војска не постигнувала значајни успеси во битките. Потоа, во 16 век, Иван Грозни донел значајна одлука за формирање на првата постојана војска во Русија. Тоа биле полкови од стрелци, кои броеле по 3.000 души. Биле вооружени со мускети, нов вид рачно огнено оружје. Се населиле во околината на Москва, добивале постојана плата, а биле препознатливи по кафтаните скроени посебно за стрелците. Бојата на кафтаните на почетокот не била точно определена. Современиците забележале дека стрелците носеле црвени, жолти и сини кафтани.
Кон крајот на векот имало сè помалку разлики во воените униформи. Еден странец во 1606 година го опишал пешадискиот полк на следниов начин: Стрелците се облечени во црвени сукнени кафтани, кои на градите се врзуваат со бели врвки. Во тоа време постоел и коњички одред стрелци, кој бил облечен исто како и пешадијата.
На почетокот на 17 век бил утврден единствениот изглед на униформите на руските стрелци, кој останал непроменет сè до времето на Петар Велики. Основен дел на униформата бил кафтан со долги поли, кој се закопчувал оддесно налево. Бројот на врвките зависел од полкот, а за офицерите врвките биле правени од коноп прошиен со сребрен и со златен конец. Под кафтанот носеле зипун (костум сличен на кафтанот, но покус и сошиен од покруто сукно) во иста боја.
На главата носеле калпаци, високи зашилени капи кои на прстенот имале крзно. За офицерските калпаци се користело скапоцено крзно. Стрелците на капите пришивале златни амблеми слични на кокарда или, пак, златна паричка. Секој полк имал определена боја на калпакот, на кафтанот и на чизмите.
Пол Деларош (17971856): Петар Велики (1838) |
Офицерите носеле посебен вид копје, кое се нарекувало протазан. Според бојата на дршката на протазанот се разликувале и воените чинови. Обичните војници преку рамото носеле бела лента на која висела фишеклија со барут и со куршуми.
Руската воена униформа први ја опишале странците кон средината на 17 век. „Еден Австралиец од руската воена служба напишал: Кафтаните им се убави, еден пол има кафтани со светлозелена, а друг со темнозелена боја на сукното. Според рускиот обичај, кафтаните се врзуваат на градите со златно јаже со должина од четвртина аршин“.
Треба да се спомене дека првата единствена воена униформа во современата смисла на зборот се појавила во Англија, а ја вовел Оливер Кромвел во 1645 година. Во другите европски земји ваквата униформа стасала од Франција 30 години подоцна. Малкумина знаат дека во времето кога Александар Дима го напишал својот познат роман „Тројцата мускетари“, припадниците на француската кралска гарда сè уште не ги носеле препознатливите сини наметки со крст. Ваквите наметки се појавиле 50 години подоцна, во седумдесеттите години од седумнаесеттиот век, кога Шарл Д'артањан, прототипот на главниот јунак од романот на Дима, повеќе не бил жив. Значи, кафтанот на руските стрелци е најверојатно првата воена униформа во Европа.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче