„Сонародници! Граѓани на Советскиот Сојуз! Се обраќаме кон вас во тежок, критичен час за судбината на Татковината и нашите народи! Над нашата голема Татковина е надвисната смртна опасност! Започнатата иницијативата на Михаил Горбачов за политика на реформи, замислена како средство за обезбедување на динамичен развој на земјата и демократизација на општествениот живот, поради голем број причини дојде до ќорсокак. Користејќи ги дадените слободи, негирајќи ги кревките никулци на демократија, се појавија екстремистички сили, кои фатија курс кон ликвидација на Советскиот Сојуз, уривање на државата и заземањето на власта по секоја цена“.
Овие алармантни зборови беа слушнати од советските граѓани од Државниот комитет за вонредна состојба (Государственный комитет за чрезвычайному положению, ГКЧП) во СССР на 19 август. Тогаш тие впрочем и дознаа за постоењето на самиот ГКЧП.
Во Комитетот формиран во пресрет на настаните, учествуваат претставници на највисокото раководство на СССР, претседателот на КГБ, премиерот, потпретседателот на СССР. Последниот, Генадиј Јанаев, издаде декрет во кој себеси си назначува да ги извршува функциите на шеф на државата, објаснувајќи тоа со слабото здравје на претседателот Горбачов. Самиот Горбачов, кој во овој момент во суштина подготвуваше нов проект за сојузен устав, претворајќи го СССР во лабава конфедерација, е блокиран од учесниците во превратот во Крим, каде што тој е на одмор.
ГКЧП воведува цензура, ги ограничува телевизиските емисии. На телевизија откако е сменета програмската шема, постојано се врти балетот „Лебедово езеро“, кој и до ден денешен многумина го поврзуваат со оние настани. Во Москва пристигнуваат војници. Но, сето тоа не им помогна на учесниците во превратот.
Комитетот опстана само три дена. „Пучистите“, како што ГКЧП ги нарекуваа приврзаниците на тогаш популарниот руски лидер Борис Елцин почнуваат да викаат, не успеваат да се справат со центарот на отпор, кој во тие денови беше Белата куќа, во која се наоѓа Владата на Русија. Членовите на Комитетот не се решаваат да влезат во зградата. Во исто време опкружувањето на Елцин успева да го донесе Горбачов од Крим во Москва. Членовите на ГКЧП се уапсени.
Од поразот на пучот најголема политичка придобивка извлече Борис Елцин, избран за претседател на РСФСР два месеци претходно. Авторитетот на неговиот главен политички противник - Горбачов (а, воедно и на целото раководство на СССР и на самиот Сојуз како политички проект) е неповратно поткопани. Приврзаниците на Елцин во деновите на ГКЧП, се собираат да ја заштитат Белата куќа, го гледаат обидот за преврат како обид да се врати минатиот период на Советскиот Сојуз пред Перестројката. Но, дали е тоа така? Што ќе се случеше доколку ГКЧП сепак се одржеше на власт, воопшто, можеше ли да се случи такво нешто?
Политикологот Алексеј Зудин е убеден дека тоа е невозможно, бидејќи во моментот на пучот процесот на распаѓање на СССР веќе беше неповратно започнат – „успехот на пучот само би ја продолжил агонијата“. Аналитичарот смета дека СССР бил осуден на распад, без оглед што и да направиле членовите на ГКЧП. А, тоа значи дека на неуспех биле осудени сите чекори на Комитетот, со кои се предвидуваше зачувување на Сојузот.
Според него суштината на проблемот на СССР е вкоренета во тоа што уште пред Горбачов советските раководители останале без цели за развојот на земјата, кои претходно се формулирани во рамките на комунистичката идеологија. „Овие луѓе [раководителите на Сојузот] не веруваа во целите кои ги прогласија и тоа беше главната причина [за распадот на СССР]. Земјата го загуби значењето и целта на своето постоење“, смета Зудин. Овој поглед на иднината му недостигаше и на ГКЧП.
Модест Колеров, поранешен соработник на Администрацијата на претседателот и шеф на новинската агенција „Регнум“, исто така не гледа дека ГКЧП би можел да постигне нешто. Според него „централизираната држава беше уништена во текот на последните години на перестројката“, во 1989-1991 година низа републики, од Прибалтикот и Закавказјето, веќе беа изразиле неподготвеност да останат во составот на СССР. Колеров нагласува дека на пучистите им недостигала и програма за реформи.
Сепак постои и мислење дека ГКЧП имал шанси за успех, доколку неговите членови биле подобро подготвени за заземањето на власта. Историчарот и политиколог од МГУ Дмитриј Андреев смета дека од воена гледна точка, во 1991 година сè е направено многу погрешно.
Притоа тој ја отфрла тезата дека ГКЧП немал програма. Во обраќањето кон советските граѓани се зборува за слобода на претприемништвото, демократија, борба против криминалот итн.
Виктор Милитарјов, член на невладината експертска организација Совет за национална стратегија, исто така е убеден дека ГКЧП имал шанси. При тоа експертот е сигурен дека ГКЧП би водел политика која во принцип не се разликува од онаа на Горбачов, смета експертот. „Фактот што во деновите додека ГКЧП беше на власт имаше лош пи-ар, нивните јавни настапи се доживуваа како заканувачки. Но, од тоа не може да се заклучи дека тие се стремеа кон диктатура. Во суштина, тие го сакаа истото што и Горбачов [задржувањето на реформирана СССР]“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче