Амбасадорот на Русија во Турција Андреј Карлов вечерта на 19 декември имаше обраќање при отворањето на изложбата на фотографии „Русија во очите на Турците“ во Галеријата на современата уметност во Анкара. Според исказите на очевидците, Карлов го завршувал својот говор кога вооружено лице, „со изглед на обезбедување“ неколку пати пукал во грбот на дипломатот. Од здобиените рани Карлов починал.
Како што соопштува за радиото КомерсантFM турскиот новинар Абдурахман Карим Оглу напаѓачот извикувал пароли за Сирија и за Алепо. „Постои информација дека тој влегол во зградата преправен како полицаец“, вели Абдурахман Карим Оглу. Потоа турската телевизија NTV извести дека напаѓачот бил ликвидиран. Според информациите на турскиот канал Хабертурк, убиецот е лицето Мевљут Мерт Алтинташ, роден во 1994 година. Во 2014 година тој завршил полициска академија во Измир.
Претставникот на руското МНР Марија Захарова изјави дека настанот е терористички напад и дека 19 декември е „трагичен ден за руската дипломатија“. „Тероризмот нема да мине“, изјави Захарова, потврдувајќи ја намерата на Русија да продолжи со борбата против тероризмот.
Едни од првите што го осудија убиството на дипломатот беа САД: претставникот на Стејт департментот Џон Кирби изјави дека Вашингтон го осудува овој акт на насилство, без оглед на тоа кој го извршил. Со осуда за убиството на Андреј Карлов излегоа и претставници на други земји, а исто така и на меѓународни организации, вклучувајќи ги ООН и НАТО. Во МНР на Турција изразија длабоко сочувство на Русија.
Атентатот врз рускиот амбасадор е извршено по победата на силите на Башар ал Асад, поддржан од Русија, во Алепо. Со оглед на тоа дека убиецот извикувал „Нема да го заборавиме Алепо!“ и дека ја обвинил Русија за наводни убиства на мирно население во сирискиот град, настанот наликува на акт на одмазда, забележува Семјон Багдасаров, раководител на Центарот за проучување на земјите од Блискиот Исток и Централна Азија.
„Значаен дел од членовите на групите што се наоѓаат таму (во Алепо), беа протурски“, забележува Багдасаров во интервју за КомерсантFM. Според експертот, претставниците на исламските групи лесно дошле до територијата на Турција и извршиле одмазда.
Градоначалникот на Анкара Мелих Ѓокчук изјави дека целта на атентатот врз амбасадорот била да се нарушат односите помеѓу Турција и Русија. Слично мислење искажа и Леонид Слуцки, претседател на комитетот за меѓународни работи на Државната дума. „Не е исклучено дека оваа ужасна провокација, при која е убиен рускиот амбасадор, е поврзана со односите помеѓу Русија и Турција“, изјави Слуцки за телевизијата Росија 1. Според Слуцки, организаторите на нападот се обиделе „да ја деформираат улогата на Русија во мировната операција во Сирија“, но нема да успеат во тоа.
Керим Хас, експерт за евроазиска политика при Меѓународната организација за стратешки истражувања во Анкара за Комерсант вели дека руско-турските односи можат да се развиваат според две сценарија: или нова криза, доколку Москва ја обвини Анкара за неспособност да осигури безбедност на дипломатите, или, напротив, да ја закрепне соработката, во прв ред во Сирија. Според Хас, најважното сега е реакцијата на првите лица на Русија и на Турција, според која ќе може да се суди како понатаму ќе се развиваат односите.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче