Европскиот парламент против руските медиуми

Ројтерс
Европскиот парламент ја изгласа резолуцијата со која се осудуваат руските медиуми за ширење пропаганда и за внесување раздор во редовите на ЕУ. Руските експерти сметаат дека овој чекор ќе остави трага во Европа.

Европскиот парламент гласаше против медиумското влијание на Русија на Запад, одобрувајќи ја антируската резолуција. Нејзината суштина се состои во тврдењето дека руските медиуми во земјите на Европската Унија спроведуваат „непријателска пропаганда“ која во усвоениот документ се изедначува со пропагандата на Исламската држава, дека руските власти, наводно, ја фалсификуваат историјата, ги финансираат опозициските партии во европските земји и со својата стратегија се обидуваат да внесат раздор во Европската Унија. Покрај сето тоа, Москва, наводно, испраќа свои претставници на заеднички акции со европските колеги само со пропагандна цел, а не за вистински дијалог.

Меѓу „инструментите на руската агресија“ како „најопасни“ се вбројуваат ТВ Канал Russia Today и агенцијата Спутник, а исто така и фондот „Руски мир“, федералната агенција „Россотрудничество“ и Руската православна црква.

Резолуцијата ја поддржаа мнозинството присутни пратеници (304 беа за, а 179 против), со тоа што воздржани беа 208 членови, а 60 не беа присутни. Сè на сè, за резолуцијата гласаа помалку од половината од сите пратеници на Европскиот парламент (304 од вкупно 751), но според правилникот тоа се третира како одлуката да ја изгласало „мнозинството“.

Најлош начин

Како контрамерки европските парламентарци предлагаат, пред сè, да се продлабочи соработката помеѓу ЕУ и НАТО. Второ, да се подигне нивото на „медиумската писменост“ на Европејците, односно повеќе да им се зборува „за злосторствата на комунизмот“. И трето, да се зајакне медиумското присуство во оние региони каде живеат народи, кои според нивно мислење, се најмногу изложени на пропаганда. Меѓу таквите се народите кои зборуваат „руски, арапски, персиски, турски, урду, и други јазици“. Не се објаснува зошто се наведени токму овие народи.

Автор и иницијатор на резолуцијата е полскиот пратеник и потпретседател на Алијансата на европските конзервативци и реформисти (трета по големина фракција на Европскиот парламент) Ана Фотига. Против резолуцијата гласаа мнозинството претставници на левичарските  на десничарските партии кои се залагаат за соработка со Русија.

„Дојдовме до таков степен на апсурд, што на истиот список на опасност, една покрај друга ги ставаме ИДИЛ и Русија. Почнавме да го губиме здравиот разум и врската со реалноста“, изјави претставникот на Националниот фронт на Франција, пратеникот Жан Лук Шафхаузер, кој одамна се залага за укинување на антируските санкции.

Во иста мера категорични беа и претставниците на власта на Руската Федерација. Министерството за надворешни работи на РФ ја окарактеризира резолуцијата како „поган лист хартија“ и „доказ за медиумско злосторство“ на Европската Унија. „Злосторство е кога вниманието на меѓународната заедница се одвраќа од вистинската опасност во вид на тероризам и на фундаментализам, од сето она што претставува плодно земјиште за цутење на национализмот и на ксенофобијата, и насочува кон сосема друга страна“, изјави портпаролката на Министерството за надворешни работи Марија Захарова. Таа обрна внимание на тоа дека вистината се раѓа само во спротивставувањето на различните ставови, а западните политичари со ваквата одлука им ја одземаат на луѓето можноста врз основа на различни ставови да донесуваат сопствени заклучоци. Според неа, во Русија немало, ниту, пак, ќе има каква и да е дискриминација на западните новинари, но и дека Русија реципрочно ќе одговори на притисоците што ќе се вршат врз руските новинари. Државната дума не ја исклучи можноста за возвратни мерки, а претседателот Владимир Путин изрази надеж дека нема да има никакви вистински ограничувања во работата на руските медиуми. „Нас сите се обидуваа и се обидуваат да нè учат што е тоа демократија и од тие луѓе секогаш сме слушале дека најлош начин е... да се забрани нешто“ рече тој во оваа пригода.

Ист ефект како противењето на Брегзит и на Трамп

Резолуцијата на Европскиот парламент, за волја на вистината, не може ништо да забрани, но може да послужи како препорака.

„Ние знаеме дека и без резолуцијата на Европскиот парламент во определени земји имаше обид да се ограничи работата на руските медиуми“, истакна во разговор со „Руска реч на македонски“ членот на експертскиот совет на Институтот за социјално-економски и политички истражувања Алексеј Зудин. Станува збор за неодамнешниот инцидент со новинарката на RT на брифингот во Стејт департментот, или за блокирањето на банкарските смети на телевизијата RT во Велика Британија. „Тоа не се само два случаи, тоа е стабилна тенденција. Според тоа, фактот што споменатата резолуција не е задолжителна не треба никого да залажува. Оваа резолуција го подгрева русофобното расположение и има свое определено влијание“, смета Зудин.

„Сега е тешко да се каже како ќе продолжи – само со понатамошни закани и обиди да се воведе цензура, или со одземање лиценци за емитување. На пример, во Велика Британија веќе сега се апелира да се објавуваат списоци на оние кои доаѓаат кај нас во програма“, вели за весникот Комерсант главната уредничка на телевизијата RT Маргарита Симоњан.

По сè изгледа, резолуцијата ќе остави трага. „Политичките системи во земјите со развиена демократија сега се во криза. Постои јаз помеѓу расположението на граѓаните и на елитата. Во тој контекст привлечни се алтернативните кандидати како што е Доналд Трамп во САД, социјалистот Игор Додон во Молдавија, или алтернативниот политички курс како Брегзит, или алтернативните медиуми како што е телевизијата RT. Според тоа, има основа за да се мисли оти резолуцијата има сосема ист ефект како обидите за спротивставување на Брегзит и на Трамп“, смета Зудин, истакнувајќи дека покрај политичките причини, тука постои и финансиска заднина.

Според податоците на весникот Комерсант, авторите на резолуцијата како возвратна мерка предложиле да се промени финансирањето на специјалното одделение при надворешнополитичката служба на Европската Унија EastStratCom Task Force која се занимава со „руската пропаганда“, и од средствата на Европската Унија во буџетот на споменатото одделение да се префрлат 800.000 евра.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња