Русија ќе ги замени САД во тихоокеанската интеграција?

25 ноември 2016 Алексеј Лосан
Можното одбивање на САД да го ратификуваат проектот за создавање Транспацифичко партнерство ќе резултира со поголемо влијание на Русија во регионот, велат експертите. Руските власти заедно со Кина ќе можат да започнат сопствен проект за интеграција во азиско-тихоокеанскиот регион, за што сведочат резултатите од АТЕС.
Самитот на АТЕС во Перу
Претседателот на Русија Владимир Путин, претседателот на Кина Си Ѓинпин, претседателот на Перу Педро Пабло Кучински и премиерот на Сингапур Ли Хсиен Лунг (Д-Р) присуствуваа на церемонијата на групно фотографирање на годинешниот самит на Азиско-тихоокеанската економска соработка. Извор: Михаил Мецел / ТАСС

Создавањето зона на слободна трговија во рамките на организацијата за економска соработка на азиско-пацифичкиот регион (АТЕС) е основен инструмент за интеграција во регионот, се вели во завршното соопштение за јавноста по средбата на лидерите на АТЕС одржана во Перу. Но, во истиот тој документ се вели дека „различните нивоа на развој и на либерализација во рамките на веќе постоечките договори претставува пречка за создавање единствена зона“. Експертите сметаат дека еден од опипливите резултатите на самитот на АТЕС е договорот на Русија и Кина за заедничко залагање во правец на создавање зона за слободна трговија во азиско-тихоокеанскиот регион. Министерството за надворешни работи на Кина веќе објави соодветно соопштение. Згора на тоа, Перу и Чиле изразија желба да се приклучат на овој проект. Со оглед на тоа дека новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп најави дека ќе се откаже од ратификацијата на Транспацифичкото партнерство како американски проект за интеграција, сè поголема улога во регионот играат Русија и Кина.

Според податоците што ги изнесува рускиот весник Комерсант, новиот договор може да биде подготвен веќе во 2017 година. Преговорите се водат зад затворени врати и засега не е јасно каква е нивната содржина. Според експертите, условите за учество можат да бидат поблаги одошто во проектот за Транспацифичко партнерство (ТПП). „Најважен резултат од самитот на АТЕС во Перу од 18 до 20 ноември е разгледување на интеграциските процеси на територијата на Евроазија на иницијатива на Русија и на Кина“, вели финансискиот аналитичар на групацијата Финам Тимур Нигматулин.

Иднината на транспацифичкото партнерство

„Самата идеја ТПП е започната како своевиден пандан на Светската трговска организација со потесен круг членови“, објаснува Сергеј Хестанов, советник за макроекономија на генералниот директор на брокерската компанија „Откритие Брокер“. Според него, беше планирано во овој трговски блок да влезат земји кои се максимално лојални на Америка, што би овозможило во самиот блок да се воспостави најповолен царински режим. Оваа идеја предизвика голема вознемиреност како во ЕУ, така и во Кина. Доаѓањето на власт на Трамп ја доведе во прашање реализацијата на Транспацифичкото и на Трансатлантското трговско партнерство, истакнува Хестанов.

„Со доаѓањето на новиот претседател сè послаби се шансите договорот за ТПП да биде ратификуван. Доколку Трамп остане на својот став и се спротивстави на формирањето на ова трговско партнерство, тоа нема да биде ратификувано“, вели Владимир Саламатов, шеф на катедрата за меѓународна трговија на Руската академија за народно стопанство и државна администрација. Според него, доколку други учесници на ТПП посакаат сепак да го реализираат овој проект, во него ќе биде испразнето местото на лидер. „Во тој договор постои цела низа поглавја за кои тешко може да се каже дека се прифатливи за Кина. Едно од нив е, на пример, заштитата на интелектуалната сопственост“, вели Саламатов. Поради тоа Кина, според него, секогаш развивала сопствен проект за интеграција, односно регионално сеопфатно економско партнерство, кое покрај Кина ги опфаќа Австралија, Индија, Нов Зеланд, Кореја и Јапонија.

Улогата на Русија

Соработката со Русија може да даде нов импулс на напорите на Кина во правец на развојот на сопствениот интеграциски проект во азиско-тихоокеанскиот регион. Како што на прес-конференцијата по за завршувањето на самитот на АТЕС во Перу изјави претседателот Владимир Путин, во советот не би требало да се создаваат никакви затворени трговски блокови, зашто тоа нема да биде корисно за развојот на светската трговија и економија. Според него, руските власти посакуваат спрега помеѓу АТЕС и плановите на Кина поврзани за економскиот појас „Патот на свилата“, соопштува РИА Новости. Руските власти предлагаат алтернативен план за економска интеграција.

„На Санктпетербуршкиот меѓународен економски форум одржан во јуни 2016 година Владимир Путин објави дека Русија е подготвена да започне разгледување на широко трговско-економско партнерство на евроазискиот континент, а прв чекор во овој правец е преговарачкиот процес помеѓу Кина и Евроазиската економска унија како најголема интеграциска заедница на држави на просторот на поранешниот СССР која ја опфаќа Русија, Белорусија, Казахстан, Ерменија и Киргистан“ вели Владимир Саламатов. На почетокот на ноември 2016 година во Санкт Петербург се состанаа премиерите на Кина и Русија и најавија почеток на работата за формирање зона за слободна трговија. Според Хестанов резултатите од самитот на АТЕС и одбивањето на САД да го ратификуваат ТПП ќе придонесе кон јакнење на улогата на Русија во земјите од азиско-тихоокеанскиот регион. „Преговорите помеѓу Русија и Кина во рамките на АТЕС ќе им овозможи на овие земји подобро да ги координираат плановите на големите руски и кинески компании во рамките на проектот за долгорочна соработка“, вели експертот.

 

Авторските права на материјалите се во сопственост на редакцијата. При објавувањето на материјали од порталот „Руска реч на македонски“ во друг медиум, задолжително треба да се постави активен линк кон страницата од која е преземен текстот.
+
Лајкнете нѐ на Фејсбук.