Самитот на АТЕС во Лима беше одржан на 19 и на 20 ноември во медиумски контекст на неодамна одржаните претседателски избори во САД, на кои победи републиканецот Доналд Трамп. Новоизбраниот американски претседател во повеќе пригоди зборуваше за потребата за соработка со Русија, а многумина се обидуваа во неговата победа да пронајдат некаква „руска трага“. Со оглед на острите потези и на острата реторика на администрацијата на Обама кога станува збор за Москва, победата на Трамп дополнително го „зачини“ можниот контакт на американскиот претседател во заминување со рускиот лидер во главниот град на Перу.
Првиот ден од самитот портпаролот на Путин – Дмитриј Песков, изјави дека на самитот е предвидена посебна средба на претседателите на САД и на Русија, но дека до ваква средба може да дојде „на нога“ во делот од програмата на самитот на АТЕС кој е заеднички за лидерите на сите земји. Во саботата тоа не се случи, но затоа во неделата дојде до оваа средба, која е можеби последна „претседателска“ средба на двајцата лидери.
Разговорот траеше само неколку минути „на маргините“ на една седница од самитот. Набргу потоа на Интернет се појави видеоснимка од оваа средба. Како што соопшти Путин на завршната прес-конференција, и покрај тоа што „(во изминативе години) нашиот дијалог не беше воопшто лесен, па дури и може да се каже дека контактите ни беа тешки“, обајцата претседатели изјавија дека и понатаму се почитуваат. Путин му се заблагодари на Обама за „годините на заедничка работа“ и изјави дека со задоволство ќе го пречека во Русија кога ќе сака да ја посети РФ.
Обама, зборувајќи за оваа средба, рече дека го повикал Путин да работи на исполнувањето на договорот од Минск поврзан со Украина, со цел да се постигне напредок пред истекот на мандатот на Обама во Белата куќа во 2017 година. Обама исто така му рекол на Путин дека е неопходно хуманитарно примирје во Алепо со подоцнежен премин кон политичко решение.
Путин имаше многу подолги и многу посодржајни средби со лидерите на другите земји од регионот. Особено се впечатливи неговите средби со првите луѓе на Јапонија и на Филипини.
Разговорот со јапонскиот лидер беше необично топол. Шинзо Абе и Путин еден на друг си се обраќаа на „ти“. Зборувајќи за посетата на Путин на Јапонија, планирана за средината на декември, Абе вети дека ќе го пречека Путин како драг гостин „во традиционален хотел со термални извори“. Како што се очекува, една од главните теми на посетата на Путин ќе биде разговорот за новите предлози на Токио поврзани со Курилските острови.
Во Лима Путин за првпат се сретна со претседателот на Филипини Родриго Дутертео, познат по своите контроверзни изјави. Овој пат претседателот на Филипини не правеше никакви ексцеси. Тој ги пофали лидерските особини на својот соговорник и ги прекори земјите од Западот поради обидот да ги заплашат малите држави и тоа го окарактеризира како „доказ на лицемерство“. Според Глеб Ивашенцов, стручњак за земјите од азиско-тихоокеанскиот регион на Руската академија за народно стопанство и државна администрација, преговорите со Дутертео се важен настан зашто Филипини „кои претходно беа во американската орбита“, сега изјавуваат намера да развиваат односи со Кина и со Русија. Експертот во интервју за „Руска реч на македонски“ потсети дека оваа земја со 100 милиони жители е мошне значаен потрошувачки пазар.
Според Ивашенцов, годишниов самит на АТЕС е особено значаен за развојот на оваа заедница на држави зашто иднината на американскиот проект за Транспацифичко трговско партнерство засега останува недефинирана, со оглед на изјавата на Доналд Трамп дека тој не го поддржува проектот. Во овој контекст се појавуваат нови можности за развој на зоната на слободна трговија меѓу земјите на АТЕС. Москва ја поддржува оваа идеја зашто нејзиното учество во Транспацифичкото трговско партнерство не беше предвидено.
Во Лима Путин за првпат лично даде изјава во врска со приведувањето на министерот Алексеј Уљукаев поради примање мито. Рускиот претседател ова го окарактеризира како „тажен факт“, но изјави дека сето тоа воопшто нема лошо влијание врз бизнис-климата во земјата (од што стравуваат определени аналитичари), ами, напротив, токму придонесува таа да стане подобра.
Рускиот претседател исто така изјави дека споменатото приведување никако нема да се одрази на неговиот однос кон владата, ниту ќе влијае врз ситуацијата поврзана за најголемата нафтена компанија Роснефт, од која поранешниот министер изнудувал мито. Продолжувајќи со „нафтената тема“, Путин рече дека Русија е подготвена да ја замрзне експлоатацијата на нафтата доколку биде постигнат таков договор со земјите од ОПЕК.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче