До кога ќе трае растот на цената на нафтата?

Getty Images
Русија изрази подготвеност да ја поддржи одлуката на Организацијата на земјите извознични на нафта (ОПЕК) за замрзнување на производството, но експертите сметаат дека во тој случај ќе се активираат компаниите од САД кои произведуваат нафта од шкрилци, така што цената нема долго да биде висока.

Министрите на членовите на ОПЕК успеаја да се договорат за ограничување на производството на нафта на неформалната средба во Алжир на 28 септември. За првпат од 2008 година оваа организација ќе определи лимит за производство, а тој ќе изнесува 32,5 милиони барели дневно, што е за милион барели помалку одошто беше експлоатирано во јули и август.

Русија е подготвена да го разгледа учеството во заедничките дејствија на членовите на ОПЕК и на други земји кои произведуваат нафта, изјави на 29 септември министерот за енергетика на Русија Александар Новак. „Ние секогаш сме имале еластичен став (во врска со ова прашање), вели Новак. Според него, земјите кои извезуваат нафта можат да воведат ограничувања на производството на нафтата, и тие можат да траат околу половина година. Крајниот договор за замрзнување на производството на членовите на ОПЕК ќе биде потпишан на 30 ноември на официјална седница.

Русија и претходно отворено лобираше за одлуката за замрзнување. На пример, на 5 септември за време на самитот Г-20 во Кина јавноста беше известена дека Русија и Саудиска Арабија постигнале договор за давање поддршка за стабилноста на пазараот на нафта и за обезбедување стабилно ниво на инвестиции во долгорочна перспектива. Соодветен договор потпишаа министрите за енергетика на РФ Александар Новак и министерот за енергетика, индустрија и минерални ресурси на Саудиска Арабија Халид ал Фалих.

Скок на цените

Веднаш по споменатата одлука, цената на нафтата Брент скокна за 6%. Тоа ја зацврси валутата на земјите-извознички на нафта, а пред сè на рубљата, вели Артјом Калинин, менаџер на активите на Leon Family Office. Благодарение на тоа вредноста на нафтата на светскиот пазар на 29 септембри беше во пораст. Во пораст се и берзанските индекси: јапонскиот Nikkei порасна за за 1.2%, кинескиот Shanghai Composite за 0.33%, додека акциите на нафтените и на гасните компании на Волстрит скокнаа за 4%, вели Виталиј Багаманов, директор на менаџментот на групацијата „БКС Ултима”.

Мнозинството учесници на пазарот одамна сметаат дека ОПЕК не е во состојба да се договори за што и да е, и дека поради тоа не треба да се потцени важноста на овој настан, смета Артјом Калинин. Најголем противник на намалувањето на производството е Саудиска Арабоја, но и таа на крајот направи отстапка, коментира тој, Меѓутоа, не треба да се паѓа во еуфорија во врска со оваа одлука, зашто порастот на цената на нафтата ќе трае кратко, смета аналитичарот на банкарската структура „Сбербанк СIВ“ Валериј Несторов. Според него, тешко дека Канада, Норвешка, САД, Бразил и Мексико ќе ја поддржат одлуката на ОПЕК.

Ефектот на „замрзнување на ОПЕК“ може да се нивелира со зголемување на производството во други земји. Многу земји кои не се членови на ОПЕК продолжуваат со соборувањето на сопствените рекорди во производството на нафта. Во Казахстан во 2017 година може да биде пуштено нафтеното поле Кашаган, а тоа е најголемо наоѓалиште во епиконтиненталниот појас, вели Калинин.

Нафтено „клатно“

Одлуката на ОПЕК може да предизвика ефект на „клатно“ на пазарот, кога постојано се менуваат високи и ниски цени на нафтата, и тоа може да трае неколку години, смета Валериј Несторов. „Пазарите нема да можат да ја задржат добрата цена на ниво од 60-70 долари за барел“, тврди тој.

Решавачка улога на пазарот на нафта денес имаат производителите на нафта од маслени шкрилци во САД, кои во изминативе три години успеаја за 50-100% да ја намалат просечната цена на производството на овој вид нафта. „Секој скок на цените над 50 долари за барел ќе предизвика зголемување на бројот на постројките во САД и го обновува порастот на производството на нафта од маслени шкрилци. И цените повторно ќе почнат да паѓаат“, објаснува Несторов.

Не треба да се влева надеж дека ќе дојде до кардинални промени на пазарот на нафта и дека производството ќе биде значително редуцирано. Побарувачката на нафта стабилно расте и ги поттикнува нафтените компании да ја зголемат експлоатацијата, коментира Артјом Калинин.

„Ниските цени поттикнаа поголема побарувачка за нафта. Мислиме дека побарувачката ќе биде во пораст, но помалку изразена, и тоа главно благодарение на активноста во Кина и на пазарите во земјите во развој, додека во САД и во Европа овој пораст ќе биде мошне умерен“, вели Виктор Биељски, шеф на глобалното одделение за анализа на пазарите на суровина на холдингот „ВТБ Капитал“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња