Полициски службеници на местото на апсење на членовите на терористичка група која подготвувала серија терористички напади со автоматско оружје и експлозивни направи на места на масовни собири во Москва.
РИА „Новости“„- Каде е брат ти? – Во Сирија? – Што прави таму? – Џихад“, уверено одговара младиот човек со азиска надворешност на видеото од испрашувањето што го објави ФСБ. Пред камерите Абдухолеб Мирзоев, државјанин на Таџикистан, зборува дека планирал да изврши терористички напад во Москва.
Мирзоев и уште двајца осомничени беа уапсени на 12 ноември во Москва, а седуммина нивни „колеги“ во Санкт Петербург. Според информациите од ФСБ, осомничените (по потекло од Таџикистан, Узбекистан и Киргистан) се пронајдени „Калашникови“ и четири рачно направени бомби со голема моќност. Уапсените во Санкт Петербург работеле како таксисти и како обезбедување, а „московјаните“ како продавачи на градежен пазар.
„Росијскаја газета“, повикувајќи се на извори во специјалните служби, вели дека терористите планирале да извршат терористички напад сличен на оној од Париз на 13 ноември 2015 година, односно истовремено да активираат неколку бомби на места каде се собира народ и истовремено да почнат да пукаат по луѓето на улица.
Извор на „Комерсант“ соопштува дека сите уапсени имаат криминално минато. Во нивните земји за нив е распишана потерница, при што поголемиот дел не се однесуваат на врски со исламистите, ами за други кривични злосторства.
Според податоците од ФСБ, уапсените признале дека имале контакт со раководството на ИДИЛ и дека имале план да извршат терористички напади во името на оваа терористичка организација. Во Државниот комитет за национална безбедност на Киргистан, кој во врска со ова соработува со специјалните служби, изјавија дека уапсените самостојно минале подготовка во камповите на ИДИЛ.
Генерал-мајорот на ФСБ во пензија Јуриј Сапунов, поранешен прв човек на управата за борба со меѓународниот тероризам, претпоставува дека групата била врбувана на територијата на Русија. „Ова е, најверојатно, резултат на работата на врбувачите, исто онака како што тоа се случува во Европа и низ целиот свет. Врбуваните се обединуваат во ќелија и дејствуваат самостојно, организирајќи терористички напади. Вакви оддели на ИДИЛ, за жал, постојат и ја продолжуваат својата дејност“.
Сергеј Гончаров, претседател на Асоцијацијата на ветерани на одделот за борба спротив тероризмот „Алфа“ смета дека уапсените во Москва и во Санкт Петербург се најверојатно врбувани од страна на неофити, а не на искусни борци на ИДИЛ. „Тоа се млади луѓе кои, чинам, се фатиле на пропагандата на исламскиот фанатизам“, забележува Гончаров. Во секој случај, вели експертот, опасноста од извршување терористички напад била сосема реална, а неговото спречување претставува сериозен успех за руските специјални служби.
Според официјалната статистика, во последниве години руските специјалисти успеваат да не допуштат терористички напади на територијата на земјата. Така, „Известија“ наведува статистика на Националниот антитерористички комитет, според кои во 2015 година биле спречени три терористички напади, а во првите шест месеци од годинава седум.
Во Русија постои закана од тероризам, што, меѓу другото, е поврзано и со нејзините дејствија на територијата на Сирија, забележува Јуриј Сапунов. Во исто време, експертот смета дека заканата за терористички напад во Москва или во Санкт Петербург не е поголема одошто во кој било друг мегаполис. „Нивото на терористичка закана во современиот свет е речиси насекаде исто. Во крупните градови е поголема концентрацијата и на обичниот криминал и на терористите. Затоа и постојат специјалните служби кои работат на пронаоѓање и спречување терористички напади“.
Една од најважните причини за успехот е тесната соработка на ФСБ и на другите специјални служби со колегите од земјите од Средна Азија, вели Сергеј Гончаров. Апсењето на терористите во Москва и во Санкт Петербург било овозможено откако специјалните служби на Таџикистан уапсиле нивен соучесник и ја предале информацијата што ја добиле од него на Русија. „Всушност, постои единствена агентурна мрежа насочена на борба со терористите од ИДИЛ како во Русија, така и во земјите од Средна Азија, и тоа ја зголемува ефикасноста на заедничката работа. Засега се справуваме и, се надевам, така и ќе продолжиме“, забележува Гончаров.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче