Америка избра претседател. Кандидатот на републиканците, контроверзниот милијардер Доналд Трамп, ја победи својата соперничка од Демократската партија Хилари Клинтон и со тоа ги шокираше не само експертите кои не веруваа во ваков исход, ами и светските берзи, па дури и сајтот за емиграција во Канада. Имено, и берзите и сајтот почнаа да паѓаат кога помалку или повеќе беше јасно дека Трамп победува.
Двајцата американски фаворити се следеа еден со друг за време на предизборната кампања. Разликата изнесуваше само неколку проценти. Се чинеше дека пред крајот на изборната трка речиси сите се против Трамп – и демократите, и американската елита, и нивните спонзори, па дури и партијата на Трамп. Имено, наспроти изборите републиканскиот врв побара кандидатурата на Трамп да биде повлечена со образложение дека во случај на победа тој ќе биде „најнеразумниот претседател во историјата на Америка“.
Сепак, и покрај тоа што немаше политички грб, победи „вонсистемскиот“ каднидат Доналд Трамп, кој ги доби неопходните 270 гласови од електоратот. Една од највпечатливите разлики помеѓу предизборната реторика на Доналд Трам и реториката на Хилари Клинтон беше ставот кон Русија. Москва очигледно посакуваше победа на Трамп како поперспективен кандидат кога станува збор за односите помеѓу двете земји. Посакуваше не одвојувајќи се од телевизорот. Финалето на „главното телевизиско шоу“ во Америка и во Русија беше прикажано како главна „шоу-програма“. Федералните руски телевизиски канали организираа директни вклучувања од избирачките места, тркалезни маси и коментари на повикани луѓе од различни нивоа, од пратеници до дипломати. Владимир Путин е првиот претседател кој му ја честиташе победата на Трамп.
„Клинтон во голем дел ја засновуваше својата кампања на тежнеењето да се одржи меѓународниот либерален поредок, демократијата и понатаму да се шири и да се одврати Русија, а Владимир Путин да се прикаже како олицетворение на светското зло. Меѓутоа, излезе дека сето тоа не ги загрижува обичните американски избирачи, па затоа резултатот е ваков“, изјави за изданието Газета.Ру Дмитриј Суслов, програмски директор на Фондот „Валдај“ и заменик-директор на Центарот за комплексни европски и меѓународни истражувања при националниот истражувачки универзитет „Висока школа за економија“.
„Ваквиот резултат сведочи за мошне длабокиот раскол помеѓу американската политичка елита и американските жители“; додава експертот. „Сета елита на САД од ова треба да извлече определени заклучоци. По сè изгледа американскиот политички систем ќе биде реформиран. Победата на Трамп е мошне силен потрес. Ова не смее да се игнорира како некаква случајност, ниту треба да постои надеж дека Трамп по четири години нема да биде избран и дека сè ќе си се врати на своето место“.
Шефот на кабинетот на Советот на федерацијата (горниот дом на рускиот парламент) за меѓународни прашања Константин Косачов изјави дека победата на Трамп дава простор за маневрирање во односите помеѓу РФ и САД. „Но, ист таков простор се појави и пред осум години кога победи Обама... Знаеме како заврши тоа... Во секој случак, ова е подобро одошто американската безнадежност Хилари Клинтон“. Претходно тој изнесе мислење дека политичкиот систем на САД не издржа нови предизвици.
Зборувајќи за причините за победата на Доналд Трамп, претседателот на комисијата за медиумска политика при Советот на федерацијата Алексеј Пушков нагласи: „Резултатите од изборите покажаа дека постои огромен јаз помеѓу владејачката елита на САД која стои зад Клинтон и мнозинството американски граѓани. Тоа е и причината за победата на Трамп“.
Пратениците на Државната дума на 9 ноември утрото со аплауз ја дочекаа веста за поразот на Хилари Клинтон на претседателските избори во САД, соопшти агенцијата Интерфакс. Лидерот на Либерално-демократската партија на Русија (ЛДПР) Владимит Жириновски изјави дека на претседателските извори во САД „победил подобриот“, пренесува РИА Новости. „Баба Хилари (Клинтон) нека одмори“, рече тој. Лидерот на ЛДПР како причина за победата на милијардерот Доналд Трамп ја наведе желбата на граѓаните на САД да живеат мирно и тоа што Клинтот ѝ се закануваше на Русија со војна. Жириновски исто така додаде дека во чест на новиот американски претседател ќе организира банкет со шампањско.
Членот на комитетот за меѓународни прашања на Државната дума и заменик-секретар на Генералниот совет на Единствена Русија Сергеј Железњак изјави дека резултатот од претседателските избори во САД покажува дека Американците се изморени од вештачката конфронтација.
„Текот и резултатот на тукушто завршената изборна кампања покажува дека Американците се револтирани од агресивноста и од неефикасноста на политиката на претходната администрација, која граѓаните на САД ги држеше како заложници на своите непромислени и деструктивни потези“, нагласи пратеникот. Според Железњак, кандидатот на Демократската партија Хилари Клинтон ја изгубила поддршката на многумина избирачи меѓу другото и поради „безумната антируска хистерија“. Затоа граѓаните на САД наместо неа го поддржаа стремежот на републиканецот Доналд Трамп да се позанимава со решавање на прашањата на внатрешната политика и да воспостави соработка со Русија, истакнува рускиот парламентарец. Тој изрази уверување дека Трамп ќе мора да работи во услови на сложен и контрадикторен политички систем.
Портпаролот на претседателот на Русија Дмитриј Песков изјави дека не треба да се очекува односите помеѓу Русија и САД да бидат решени набрзина, веднаш по влегувањето на Трамп во кабинетот, соопштува ТАСС.
„Тоа не значи дека сите спорни моменти од нашите билатерални односи можат да исчезнат веднаш. Ваквите очекувања се неразумни. Тоа не е најважно. Најважно е дека постои политичка волја и намера овие спорни моменти да се решаваат по пат на дијалог, а не по пат на конфронтација, и уште повеќе не по пат на некакви апсурдни заплашувања“, рече Песков.
Првиот заменик на претседателот на комитетот за меѓународни прашања на Државната дума на РФ Дмитриј Новиков исто така изјави дека не треба да се очекуваат брзи промени по победата на Доналд Трамп. „Победата на Трамп е сигнал дека во САД се натрупале проблеми“, вели тој за Комерсант. „Хилари Клинтон ги претставува оние кои сакаат постојниот политички курс да продолжи и затоа резултатот означува тежнеење нешто да се смени. Друг дел од проблемот е во тоа што Трамп ќе биде претседател на својата земја и ќе биде принуден да работи со владеачката елита, така што засега е премногу рано да се очекуваат радикални промени во политиката на Белата куќа. Појавата на нова личност е добра можност и за самата Америка да излезе од замката во која падна во претходниот период и тоа да излезе достоинствено и со крената глава. Трамп може да корегира цела низа надворешнополитички линии, и тоа нема да изгледа како болен пораз, ами, напротив, како зајакнување на позицијата на САД на меѓународната политичка сцена“.
Коментирајќи ја победата на Трамп, шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров изјави дека Русија ќе ја оценува работата на новата администрација на Белата куќа според нејзините дела, и дека на нив ќе одговара со свои дела. Лавров истакна дека Министерството за надворешни работи на РФ е подготвено да работи со секој претседател, но не одговори на прашањето за тоа дали смета дека победата на Трамп ѝ одговара на Русија.
„Не можам да кажам дека претходните лидери на нашите партнери во секоја ситуација биле предвидливи. Тоа е дел од животот, дел од политиката. Имам слушнато многу, но судот ќе го донесеме според делата, и на тие дела ќе одговориме со дела“, нагласи тој.
На победата на трамп мошне нервозно реагираше поранешниот прв човек на „Јукос“ Михаил Ходорковски. „Љубителите на Путин го сакаа Трамп. Еве ви го сега Трамп. Купувам пуканки, зашто претстои интересна претстава. За почеток, подгответе се за пад на цената на нафтата и сетете се на Реган“, напиша Ходорковски на Твитер, алудирајќи на тоа дека по доаѓањето на власт на Реган во земјите од социјалистичкиот блок постоеле определени илузии во смисла на тоа дека новиот претседател ќе стави крај на студената војна и дека ќе стави точка на трката за вооружување. Но, излезе дека мандатот на Реган беше мошне тежок период за советско-американските односи.
Руските официјални лица повеќепати ги повикуваа штабовите на американските кандидати да не ја мешаат Русија во предизборната кампања и да шпекулираат на тема „руска закана“, но западните политичари и новинари и понатаму зборуваат за фамозната „рака на Кремљ“.
„Putin intervened in our elections and succeeded. Молодец” („Путин се замеша во нашите избори и постигна успех. Секоја чест“). Ова на својот профил на Твитер го напиша поранешниот амбасадор на САД во Москва Мајкл Макфол, а потоа го избриша твитот. Портпаролот на Министерството за надворешни работи Марија Захарова на својот профил на Фејсбук ја искоментира избришаната порака на Макфол на следниов начин: „ Најпрво администрацијата на Обама ги постави тие 'мекфоли' на одговорни функции и им даде да управуваат и со својата земја, но и со многу вазалски држави, а потоа, кога дојде до пол-позиција, за сè ја обвини Москва“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче