Во ноември 2016 година на брегот на Сирија ќе се појави рускиот носач на авиони „Адмирал Кузнецов“ со палубни ловци Су-33 и МиГ-29К/КУБ, и со хеликоптерите Ка-52К Катран. Како што соопштува за „Руска реч на македонски“ извор од военоиндустрискиот сектор, бродската авијација кон крајот на годинава може да ги тестира новите ракети Х-38 во воени услови.
„Ние го поддржуваме нашиот авијатички контингент и испорачуваме во регионот нови проектили. МиГ-29К за уништувањето на терористите ќе применува сосема нови модели на ракетата Х-38“, вели изворот за „Руска реч на македонски“.
Како што наведува споменатиот извор, ловците од семејството Су-33 ќе добијат нови високопрецизни системи СВП-24 за коректура на траекторијата на летот на ракетите.
Тие овозможуваат повеќекратно да се зголеми прецизноста на воздушните напади и да се избегнат евентуални цивилни жртви.
Системот ја коригира траекторијата на проектилот, поаѓајќи од положбата на ловецот и параметрите на летот, така што отстапувањето од целта може да изнесува најмногу неколку метри. СВП-24 се состои од само неколку блока кои производителот дополнително ги вградува во авионот.
Според главниот уредник на весникот „Взљот“ Андреј Фомин, палубните мигови спаѓаат меѓу најсовремените сериски ловци од генерацијата 4++.
„И покрај надворешната сличност со 'копнената' верзија на ловецот МиГ-29, ова е сосема поинаква машина. Станува збор за стелт-технологија и за нов систем за дополнување гориво во воздух, како и крила што се собираат и механички решенија кои на авионот му овозможуваат да полетува од пократка писта и да има помала брзина на слетување“, истакнува експертот.
Според рускиот стручњак, Су-33 е конструиран да има доминација во воздухот како вистински ловец-пресретнувач.
МиГ-29К/КУБ има разновидни можности. Предвиден е за решавање задачи на бродската противвоздушна одбрана, како и за уништување цели на вода и на копно со наведувачки високопрецизни проектили, дење и ноќе, во сите временски услови.
За време на сириската кампања палубните авиони Су-33 со новиот систем за коректура на огнот ќе применува гравитациски бомби со слободен пад. Планирано е МиГ-29К/КУБ да се вооружи со бомби чија траекторија на лет може да се коригира, како и со ракети кои се наведуваат кон целта со помош на системот ГЛОНАСС.
Како што соопштува за „Руска реч на македонски“ извор од военоиндустрискиот сектор, во акцијата можат да учествуваат петнаесетина палубни ловци МиГ-29К/КУБ и Су-33 и десет борбени хеликоптери Ка-52К „Катран”, Ка-27 и Ка-31.
Борбените хеликоптери Ка-52 „Катран“ се конструирани за француските десантни бродови од типот Мистрал.
Но, според професорот на Академијата за воени науки Вадим Козјулин, под притисок на сојузниците од НАТО, Франсоа Оланд го раскина договорот со Русија за продажба на бродовите. Мистралите ги купи Египет и веднаш потоа Каиро од Москва купи партија од 50 руски „Катрани“.
Беше одлучено останатите хеликоптери да се разместат на носачот на авиони „Адмирал Кузнецов“. Кон крајот на годинава ги чека огнено крштевање во Сирија.
Како што истакнува експертот, „копнената“ верзија на хеликоптерот Ка-52 се има добро покажано во сириската кампања. Меѓу другото, новите машини треба да ја покажат својата борбена можност пред идните купувачи.
Хеликоптерите можат да користат ракети „воздух-воздух“ Р-73 и „Игла-В“, како и наведувачки ракети од класата „воздух-земја“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче