Што се договорија Русија и САД за Сирија

Државниот секретар на САД Џон Кери и министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров пред почетокот на прес-конференцијата по состанокот за Сирија на 26 август 2016 година во Женева, Швајцарија.

Државниот секретар на САД Џон Кери и министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров пред почетокот на прес-конференцијата по состанокот за Сирија на 26 август 2016 година во Женева, Швајцарија.

Reuters
Сириското прашање беше во фокусот на последниот состанок на Сергеј Лавров и Џон Кери. Пробив во преговорите не се случи, но продолжувањето на руско-американскиот дијалог ја задржува надежта за политичко решение.

„Не успеавме да го собориме рекордот во должина на преговорите“, иронично коментираше рускиот министер за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров на конференцијата за новинарите по средбата со државниот секретар на САД во Женева на 26 август. Средбата на двајцата дипломати траеше 12 часа, што е за еден час пократко од нивната јулска средба во Москва. Колегата на Лавров Џон Кери изјави дека средбата „траеше долго, но беше конструктивна“.

За 12 часа Лавров и Кери дискутираа за украинското прашање и билатералните односи. Страните се залагаат за придвижување од мртва точка на процесот за реализација на „Минската спогодба“, а Лавров истакна дека и на Русија и на Америка им е во интерес да имаат нормални односи.

Најмногу внимание беше посветено на Сирија. Покрај министрите, на средбата присуствуваше и специјалниот пратеник на генералниот секретар на ОН за Сирија Стафан де Мистура.

Разграничување на опозицијата и терористите

Според Сергеј Лавров, САД првпат ѝ предадоа на Русија список на вооружените организации во сирискиот конфликт кои можат да се третираат како умерени и кои го прифатија режимот на прекин на огнот. Претходно претставниците на Русија повеќепати го критикуваа Вашингтон поради неспособноста да покаже која е границата меѓу „умерената опозиција“ и терористите.

„Факт што Американците ги предадоа своите списоци сведочи за тоа дека и тие сфаќаат колку е неопходно да се одделат умерените вооружени организации од терористичките. Во овој конфликт никогаш не постоела таква диференцијација“, вели политикологот Фјодор Лукјанов, главен уредник на весникот „Русија во глобалната политика“ (Россия в глобальной политике). Лукјанов смета дека предавањето на списоците е првиот, но многу важен чекор во насока на разграничувањето без кое политичкото решение на кризата е невозможно. Најважно е да се искристализира претставата за заедничкиот непријател, вели политикологот.

„Тоа е тешко прашање“, истакнува арабистот Леонид Исаев, виш предавач на катедрата при одделението за политикологија на универзитетот „Висока школа за економија“. „Ал Нусра, на пример, ги менува своите називи и се камуфлира, а формално умерените вооружени организации тесно соработуваат со неа“. Сергеј Лавров на конференцијата за новинарите и самиот кажа дека тоа е тешка задача, но истакна дека треба брзо да се решава и дека Русија ќе се погрижи да ѝ помогне на Америка во тоа.

Поважна Турција отколку Курдите

И Лавров и Кери со своите изјави допреа до курдскиот проблем. Лавров изјави дека е недозволиво да се користат Курдите (кои сакаат да создадат сопствена држава) за поделба на Сирија, а Кери истакна дека САД имале „многу ограничена соработка“ со курдските сили.

Во контекст на операцијата која Турција ја започна неделава на северот на Сирија спротивставувајќи ѝ се на „Исламската држава“, но и на курдските сили, изјавите на двајцата дипломати изгледаат како поддршка за Турција, истакнуваат експертите. „Очигледно е дека и Русија и САД се дистанцираат од Курдите по најновите промени во односите со Турција“, вели Лукјанов. Според него, заради соработката со Турција во Сирија, двете големи сили се подготвени да ги ограничат своите контакти со Курдите.

Од друга страна, ни Москва ни Вашингтон не ги прекинуваат во целост тие контакти. Леонид Исаев смета дека Америка се обидува да биде посредник меѓу Курдите и Турција како свои регионални сојузници. „Американците го кажуваат она што Ердоган сака да го слушне за да биде мирен“, смета експертот. „Но тоа не значи дека тие се откажуваат од соработката со Курдите“. Слична позиција зазеде и Русија.

 Дијалог заради дијалог

Во текот на средбата не беше потпишан никаков документ, ниту се најавени нови сеопфатни преговори во рамките на Женевскиот мировен процес (последните такви преговори во кои беа застапени сите страни во сирискиот конфликт беа одржани во април). Па сепак, постојаните контакти на Лавров и кери по повод сирискиот проблем се многу важни, сметаат експертите.

„Гледано во целина, билатералните односи на Русија и САД во моментов се ужасни“, вели Фјодор Лукјанов. „Фактот дека во толку лоши односи Лавров и Кери и понатаму се обидуваат да го одврзат сирискиот јазол е најважната позитивна вест“. Тој е убеден дека без контакти меѓу Русија и САД за Сирија, ситуацијата може да ескалира до директен судир меѓу двете нуклеарни сили во овој регион.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња