Претседателот на Турција Ердоган потврди дека средбата со рускиот претседател Путин ќе се одржи во блиска иднина. Според него, таа може да се одржи веќе кон крајот на јули или во август на самитот на „Големата дваесетка“.
Ова ќе биде прва средба по 7-месечната криза во билатералните односи која започна на 24 ноември 2015 година, откако Турција го собори рускиот бомбардер Су-24. Експертите предвидуваат дека на средбата помеѓу претседателите на Русија и на Турција ќе доминираат три теми.
„Главната тема е заедничката соработка во врска со Сирија и заедничката борба со тероризмот“, вели Александар Сотниченко, експерт за меѓународни односи од Санктпетербуршкиот државен универзитет. Според него, рано е да се прават прогнози за тоа дали ќе можат двете страни да дојдат до какво било решение. „Сè зависи од програмата за меѓусебна соработка што ќе ја предложи Русија“, претпоставува Сотниченко.
Сириската криза е главна причина за несогласување помеѓу Русија и Турција. Анкара од почетокот на кризата во Сирија застана на страната на опозицијата, беше активен учесник на средбите на „Пријателите на Сирија“, па дури се откри дека им дава воена помош на радикалните групи кои се борат против Ал Асад. Москва излезе со поддршка на режимот во Дамаск, а есента 2015 година започна воена кампања во Сирија со цел да ѝ се помогне на сириската армија.
Керим Хас, експерт за евроазиска политика на независниот аналитички центар „Меѓународна организација за стратешки истражувања“ од Анкара забележува дека во последно време Турција започнала да ја ревидира својата надворешна политика, меѓу другото и во однос на Сирија.
„Дијалогот помеѓу Москва и Анкара за Сирија е сосема реален, а згора на тоа и неопходен. Кризата во руско-турските односи започна имено со Сирија. Таа може да биде надмината со помош на соработка за решавање на сириската криза“, забележува експертот.
На средбата ќе биде продолжен разговорот за деталите за симнувањето на санкциите за Турција кое претседателот Путин го довери на Владата на РФ, а исто така и прашањето за укинувањето на визниот режим за граѓаните на Турција, воведен на 1 јануари.
„Не треба да се заборави дека овие процеси ќе бидат непосредно поврзани со успесите на Анкара во областа на исполнувањето на останатите барања на Москва, - претпоставува Јуриј Мавашев, ориенталист-турколог, експерт на Кавкаскиот геополитички клуб. – Тоа е казна за виновните, а исто така и отштета за загубите од соборениот авион. Во ова смисла Русија веќе се наоѓа во предност на претстојната средба. Неслучајно премиерот на РФ Дмитриј Медведев го акцентираше вниманието на турската страна на тоа дека мерките на владата на РФ ќе имаат етапен карактер. Тоа е повикувачки сигнал за понатамошни чекори на одговор од страна на Анкара“.
Уште една важна тема ќе биде проектот Турски тек. Да потсетиме дека во декември 2014 година за време на официјалната посета на Турција, претседателот Путин го обелодени откажувањето на проектот Јужен тек во полза на новиот проект Турски тек. Се предвидуваше гасоводот со руски гас да биде изграден на дното на Црно Море, преку територијата на Турција кон турско-грчката граница. На 1 декември 2014 година Гаспром и турската компанија Ботас потпишаа меморандум за разбирање во воска со изградбата на гасоводот Турски тек. Се очекуваше дека во блиска иднина ќе биде склучен меѓувладин договор, но од различни причини неговото потпишување се одложуваше (проблемот на цената и на обемот на испораката, прашањето за попустот, внатрешно-политичката криза во Турција). По инцидентот со авионот темата за Турски тек воопшто не се споменуваше, иако руската страна не најави откажување од проектот.
„Обновувањето на проектот Турски тек ќе биде прашање кое ќе се разгледува како дел од проблемите на билатералните односи, - претпоставува Керим Хас. – Сосема е можно дека на средбата страните ќе се согласат за изградба на една линија од гасоводот при услови што се задоволителни за двете земји“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче