Рускиот претседател Владимир Путин на билатерална средба во текот на самитот на Г-20 на 16 ноември, 2015, во Анталија, Турција.
Getty ImagesРускиот бомбардер беше соборен во утринските часови на 24 ноември од страна на турски ловец. Турција тврди дека Су-24 го повредил нејзиниот воздушен простор. Владимир Путин изјави дека авионот е соборен над територијата на Сирија. Рускиот претседател потегот на Турција го карактеризираше како „забоден нож во грбот од страна на соучесниците во тероризмот“.
Во последно време медиумите многу пишуваа за односите помеѓу Русија и Турција. Руско-турските врски беа во центарот на вниманието главно во контекст на одлуката на Москва да го запре проектот Јужен тек, со кој гасот преку дното на Црното море требаше да биде транспортиран на југот од Европа. Во декември минатата година раководството на Русија објави дека се откажува од оваа иницијатива и дека започнува преговори со Турција за изградба на нов гасовод, таканаречен Турски тек, кој исто така требаше да оди по дното на Црното море. Преговорите поврзани за овој проект сега стагнираат поради несогласувањето на двете страни во поглед на цената на гасот.
Според Владимир Аватков, предавач на Московскиот државен универзитет за меѓународни односи чија потесна специјалност е проучувањето на Турција, сега тешко може да стане збор за можен напредок во преговорите поврзани за Турски тек, со оглед на инцидентот, кој пред сè сведочи за тоа дека турските политичари немаат доволно добро стратешко согледување на ситуацијата. „Анкара не сфаќа дека еден таков стратешки проект како што е Турски тек ѝ овозможува на Турција да ја контролира Европа со помош на вентил за гас и дека тоа би ѝ дало нови можности“, изјавува експертот за „Руска реч на македонски“. Наместо тоа Турција сепак избира некакви ситни погодности од тактичка природа.
Како што истакнува експертот, рускиот авион е најверојатно соборен во моментот кога Русија почнала активно да ги уништува цистерните и рафинериите за нафта што ги контролираат екстремистите од Исламска држава. Ова можело да ги загрози интересите на еден дел од турската владејачка елита, која има финансиска корист од трговијата со нафта со Исламска држава.
Аватков смета дека овој инцидент ја покажува неможноста на РФ да воспостави „нормална соработка со Турција во областа на безбедноста и на геополитиката“ и предвидува остра реакција на Москва.
Од друга страна, по неодамнешната посета на Владимир Путин на самитот Г-20 во Анталија и средбата со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се доби впечаток дека РФ и Турција ги имаат сите можности да ги решат постоечките несогласувања. Во декември Ердоган требаше да допатува во Москва. Сега тешко дека ваквата посета ќе биде остварена. Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров вчера требаше да отпатува во Истанбул, но тој се откажа од посетата по инцидентот со авионот Су-24.
Аналитичарите сепак не сметаат дека настанот со рускиот авион ќе доведе до целосно прекинување на руско-турските врски. Според Владимир Сотников од Институтот за ориенталистика при Руската академија на науките, овој инцидент „извесен период ќе ги заостри односите помеѓу Москва и Анкара“. „Ќе има сериозни тешкотии, ќе има протести на руските власти во краткорочна перспектива“, смета експертот. Сепак, тој не предвидува прекин на билатералните односи и не смета дека проектите во економската област ќе бидат жртвувани поради овој инцидент.
Москва и самата не е заинтересирана за претерано остра реакција, изјави за „Руска реч на македонски“ Борис Кагарлицки, директор на невладината организација Институт за глобализација и социјални движења. Според него, „острината на одговорот на Москва нема да зависи дури ни од односите помеѓу РФ и Турција, туку од тоа како Кремљ ги гледа идните односи помеѓу Русија и Западот“. Во овој контекст тој смета дека „руските власите од сите варијанти (одговори) ќе ја избере онаа што е најмалку остра“.
Но, постои мислење дека Турција можеби и нема да може лесно да обезбеди поддршка од Западот во оваа ситуација. Како што вели за „Руска реч на македонски“ Бехлул Озкан, експерт за меѓународни односи на истанбулскиот универзитет „Мармара“, „на дипломатското поле Турција самата себеси се доведе во тешка ситуација“. Турција собори авион што ги бомбардираше џихадистичките групи, а на Запад во тој момент, по терористичките напади во Париз, веќе се смени односот кон екстремистичките групи. „Сега се поставува прашањето за поврзаноста на овие групи со Турција“, истакнува експертот.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче