Во терористичкиот напад на меѓународниот аеродром „Ататурк“ на 28 јуни загинаа најмалку 41 лице, а повеќе од 230 се повредени (меѓу нив има најмалку еден државјанин на Русија). Тројцата бомбаши-самоубијци најпрво отвориле оган од автомат, а потоа ги активирале експлозивните направи на своите тела.
Засега никој не ја презеде одговорноста за овој напад. Турските власти претпоставуваат дека зад злосторството стои организацијата „Исламска држава“. Премиерот на Турција Бинали Јилдирим изјави дека сите траги укажуваат на поврзаност на нападот со „Исламска држава“. Постои и претпоставка дека нападите можеле да бидат организирани од припадниците на Работничката партија на Курдистан (сепаратистичка курдска организација која Турција, САД и ЕУ ја сметаат за терористичка).
Претседателот на Комитетот за меѓународни прашања на Советот на Федерацијата Константин Косачов на својот Фејсбук-профил изјави дека терористичкиот напад во Истанбул е одговор на обидите на Анкара да ги регулира односите со Москва. Други експерти, пак, сметаат дека проблемот е мошне подлабок и дека е пред сè поврзан со сириската криза.
Ориенталистот и турколог, експерт на Кавкаскиот геополитички клуб Јуриј Мавашев, смета дека е малку претерано да се доведува во врска овој настан со нормализацијата на руско-турските односи. „Очигледно е дека терористичкиот напад во кој не загина ниту еден државјанин на Русија не може да се смета како провокација чија цел е да се попречат билатералните односи“, вели експертот.
Со него се сложува и Керим Хас, експерт за евроазиска политика при аналитичкиот центар „Меѓународна организација за стратешки истражувања“(USAK, Анкара). „Не гледам директна врска помеѓу терористичкиот напад во Истанбул и чекорите што Анкара ги презема во насока на нормализација на односите со Москва“, изјавува експертот за „Руска реч на македонски“. Нападот е поврзан со фактот дека ИДИЛ трпи големи загуби во Сирија поради операциите што ги спроведуваат силите на коалицијата. Екстремистите едноставно сакаат да ја заплашат Турција“.
Главна тема во турските медиуми на 27 јуни беше нормализацијата на односите помеѓу Турција и Израел по шестгодишната криза. Да потсетиме дека во мај 2010 година дојде до инцидент со турскиот конвој „Флотила на слободата“ кој превезуваше хуманитарна помош во блокираната област на Газа. За време на обидот да се пробие блокадата израелските граничари отворија оган. Загинаа 8 државјани на Турција. По овој настан односите помеѓу двете земји нагло се влошија и беа симнати на ниво на трет секретар во дипломатските претставништва. По терористичкиот напад во Истанбул се појавија шпекулации за тоа дека тој е поврзан со ситуацијата со Израел.
„Ваквата можност не треба да се исклучи“, смета Мавашев. „Околностите поврзани со Израел би можеле да ги поттикнат терористите да извршат напад на меѓународниот аеродром во Истанбул, со оглед на тоа претходниот став на Турција кон сите кои се бореа против Израел, независно од методот на нивната борба. Овие луѓе сега можеа да ја потсетат власта во Турција дека тие сè уште постојат“.
Утрото по терористичките напади беше воспоставена првата телефонска врска помеѓу претседателот на Русија Владимир Путин и претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган откако турската страна го собори рускиот бомбардер Су-24 во ноември 2015 година, што предизвика криза во односите помеѓу двете земји.
Рускиот лидер му изрази сочувство на својот турски колега. Според извори од информативната служба на Ердоган, разговорот бил „мошне продуктивен и позитивен“. Двајцата претседатели се договориле лично да се сретнат. „На Москва ѝ се даде можност да ѝ изрази сочувство на Анкара и да покаже солидарност со неа. Во вакви моменти таквиот гест е секако добредојден за Турција“, вели Мавашев.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче