Битката за Алепо: каков е соодносот на силите?

Михаил Воскресенски / РИА Новости
Сириската армија тргна во офанзива кон позициите на припадниците на терористичката организација „Ал Нусра“ (забранета во Русија – заб. ред.) на подрачјето на месноста јужно од Алепо. Но, според началникот на Главната оперативна управа на Генералштабот на РФ, генерал-лејтенант Сергеј Рудској, сириската регуларна армија не планира напад на градот, ами се подготвува за операција во предградијата, со цел да не им дозволи на терористите да го блокираат овој дел.

Сириската армија на 12 април започна офанзива на положбата на терористите од „Ал Нусра“ во предградието на Алепо, соопшти агенцијата Асошиејтед Прес.

Како што изјави началникот на Главната оперативна управа на Генералштабот на РФ, генерал-лејтенантот Сергеј Рудској, регуларната армија со поддршка на Русија не планира напад врз градот, ами има намера да ги спречи терористите да го блокираат Алепо.

„Доколку акциите на терористите не бидат оневозможени, северните делови на Сирија повторно можат да бидат блокирани. Поради тоа сите дејствија на сириската армија и на руската армија имаат за цел да ги спречат плановите на бандитите од Ал Нусра. Не се планира офанзива врз Алепо“, истакна претставник на Министерството за одбрана на РФ.

Како што нагласува рускиот генерал, според податоците од Министерството за одбрана на РФ терористите подготвуваат голема офанзива со цел да го пресечат патот кој го поврзува Алепо со главниот град на Сирија.

„Од населбата Ел Хаифа во населбата Мухејм Хандрат стасаа два одреди терористи – нешто над 100 лица. Имаат еден тенк и 22 теренски возила со монтирани митралези со голем калибар“, истакнува генералот.

Како ќе возвратат Сирија и Русија?

Директорот на Центарот за актиелна стратешка политика Иван Коновалов во интервју за „Руска реч на македонски“ објаснува дека сириската армија во офанзива ќе испрати единици кои се трипати побројни од терористите.

„Покрај сириската национална армија, од наша страна во борбените дејствија учество ќе земат единиците на иранските чувари на револуцијата и одреди на Хезболах. За успешна акција во градските населби неопходно е да се испратат сили кои се барем трипати побројни од непријателските сили во самиот град“, вели експертот.

Според воениот аналитичар на новинската агенција ТАСС Виктор Литовкин, дури и ако воениот и политички врв донесат одлука дека е неопходна офанзива на Алепо, руските воздушно-космички сили нема да учествуваат во него. Во тој случај операцијата ќе биде „хируршки прецизна“.

„Тешкотијата е во тоа што терористите имаат заземено густонаселена населба. Алепо е втор по големина град во Сирија. Операцијата во градските населби со „хируршка прецизност“ ќе ја извршат копнените сили и единиците за специјална намена“, нагласува рускиот воен експерт.

Тој истакна дека САД и силите на меѓународната коалиција ќе ги продолжат акциите против терористите, но дека самостојно ќе ги спроведуваат во околните подрачја. „Тие нема да земат учество во офанзивата на сириските копнени сили со поддршка на руските воздушно-космички сили“, додава Литовкин.

Политички аспект на битката за Алепо

„Сега ќе започне нов бран изјави против Русија за тоа како 'таа бомбардира погрешни цели и убива цивилно население'. Во војната тоа е така. И покрај сѐ соработката помеѓу Русија и Западот во врска со сириското прашање сега е појака од кога и да било, без оглед на драстичните промени во односите во текот на последниве години“, вели за „Руска реч на македонски“ Фјодор Лукјанов, главен уредник на списанието „Русија во глобалната политика“ и претседател на Советот за надворешна и одбранбена политика.

Како што истакнува тој, сега во прв план избива прашањето за иднината на Сирија, а власта на Башар Ал Асад тежнее под своја контрола да консолидира што повеќе од територијата, со цел да има повеќе адути во преговорите.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња