Колку ќе заработи Русија од операцијата во Сирија?

Комерсант
Русија на воената операција во Сирија потроши 464 милиони американски долари, но благодарение на неа може многу повеќе да заработи од продажба на оружје. Сумата на потенцијалните договори за извоз на вооружувањето кое беше тестирано во Сирија во следниве години може да достигне 6-7 милијарди долари.

За пет месеци, колку што трае операцијата на воздушно-космичките сили (ВКС) на Руската Федерација во Сирија, Русија потроши над 33 милијарди рубли (464 милиони американски долари), изјави претседателот Владимир Путин.

Меѓутоа, овие трошоци не се претерано големи, доколку се има предвид очекуваниот приход. Неколку воени извори за неделникот „Комерсант. Дењги“ соопштија дека по почетокот на сириската кампања имало доста пријави од странски држави до Федералната служба за воено техничка соработка на РФ ви кои е искажана заинтересираност за производите на руските военоиндустриски претпријатија. Во најголем дел интерес е покажан за воздухопловната техника.

„Од една страна (во Сирија) ги демонстриравме борбените можности на техниката и го привлековме вниманието на нарачателите, а од друга, повеќе од половината наши воени авиони беа тестирано во воени услови“, вели изворот на неделникот кој е добро запознаен со военотехничката соработка со другите држави.

Договор со Алжир вреден 2 милијарди долари

Во декември 2015 година Алжир изрази желба да купи 12 бомбардери Су-32. Според директорот на Новосибирската фабрика за авиони „Чкалов“ Сергеј Смирнов, преговорите траеле околу осум години, но процесот се одвивал многу бавно. Дури успешната експлоатација на бомбардерот во Сирија дал нов импулс на овие преговори. Како што дознава неделникот „Комерсант. Дењги“, првата ескадрила Су-32 ќе ја чини алжирската армија најмалку 500-600 милиони американски долари, а не е исклучено Алжир потоа да купи уште 6-12 летала. Истовремено се очекува започнување на преговори за купување на најмалку 10 ловци Су-35С. Цврст договор за испорака на толку голем број авиони според процените би чинел 850-900 милиони долари.

Со Алжир е направен и договор за извоз на околу 40 борбени хеликоптери Ми-28НЭ, а првата партија е веќе подготвена за испорака. Треба да се истакне дека улогата на сириската операција во овој случај е помала, зашто овие летала Ирак уште претходно ги купи за борба против ИДИЛ. Во секој случај, експертите проценуваат дека руско-алжирскиот договор за купопродажба на Ми-28НЭ чини 600-700 милиони американски долари.

Што им е интересно на Југоисточна Азија и на Блискиот Исток?

За ловците Су-35 се интересираат и Индонезија, Виетнам и Пакистан. Овие земји имаат искуство со експлоатација на советски на руски авиони, но сега сакаат во голема мера да го модернизираат својот авиопарк. Во Случајот со Индонезија и со Виетнам станува збор за договори кои вредат над една милијарда американски долари, со тоа што индонезиската армија можеби ќе побара од Русија кредит за купување на авионите.

Постои интерес и за хеликоптерите Ка-52 Алигатор. Преку компанијата Рособороноекспорт со Египет е потпишан договор за купопродажба на 46 летала кои ќе почнат да се испорачуваат во 2017 година. Се очекува дека демонстрацијата на нивните борбени можности во Сирија ќе помогне во пронаоѓањето нови клиенти, пред сè од Блискиот Исток.Со Пакистан ситуацијата е малку посложена зашто покрај тешката економска ситуација, потенцијалната соработка е загрозена и од геополитичките аспекти поврзани со Индија. Соговорниците за неделникот „Комерсант. Дењги.“ велат дека пакистанската армија во најдобар случај може да купи шест ловци, но дури и таа зделка според процените би изнесувала околу 500 милиони американски долари.

Очигледен пример

Посебен случај е тенкот Т-90, кој во Сирија издржа удар од американскиот противтенковски ракетен систем TOW. Овој момент е забележан на видеоснимка која потоа беше објавена на Интернет.

Споменатиот пример сега ќе се користи во преговорите со клиентите, вели топ-менаџерот на едно военоиндустриско претпријатие. Меѓу клиентите се Ирак, Иран и други земји од Персискиот залив, како и членките на Заедницата на независни држави.

Примената на системот за противвоздушна одбрана С-400 во Сирија предизвика голема заинтересираност за овој производ кај армијата на Саудиска Арабија и придонесе за активација на преговорите со Индија за купување на ова оружје. Во двата случаи може да се зборува за 2-3 милијарди американски долари, во зависност од бројот на лансерите.

Константин Макиенко, заменик-директор на Центарот за анализа на стратегии и технологии, истакнува дека започнал вистински натпревар за руските производи, но нагласува дека „засега ваквата ситуација не е преточена во преговори“. Сега треба да се започне со потпишување договори, зашто нарачаното вооружување со оглед на производниот циклус би можело да биде готово дури за две до четири години, додава експертот.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња