Руската влада одлучи да ја засили контролата на испораката на земјоделски и на прехранбени производи од Турција, а исто така организираше и дополнителни контроли на границата. Ова го изјави министерот за земјоделство на Русија Александар Ткачов, пренесува новинската агенција Интерфакс. Според него, 15% од турските земјоделски производи не се во согласност со руските норми. Овие мерки претставуваат природна реакција на непредвидливото однесување на турските власти, додаде гласноговорникот на рускиот претседател Дмитриј Песков. Во прв ред ограничувањата ќе се однесуваат на увозот на производи од Турција: според официјалните податоци, за десет месеци од 2015 година тој изнесува една милијарда американски долари.
„Во 2014 година трговската размена помеѓу Русија и Турција достигнала 44 милијарди американски долари. Турција се наоѓа на петтото место според трговската размена со Русија и заостанува зад Кина, Германија, Холандија и Италија“, изјави за „Руска реч на македонски“ професорот на факултетот за светска економија и светска политика од научно-истражувачкиот универзитет Виша школа за економија Алексеј Портански. Според него, тоа претставува 5% од вкупната руска трговија со надворешниот свет.
Според податоците на руското Министерство за земјоделство од вкупниот обем на увоз на прехранбени производи во Русија, на Турција во 2014 година отпаднале 4%. Сепак, оваа земја извезува 43% од вкупниот увоз на домати во Русија. Според директорот за развој на синџирот пазари „Петровски“ Андреј Аверјанов, за 9 месеци од 2015 година Турција има извезено во Русија зеленчук и овошје на сума од повеќе од 500 милиони американски долари, од кои 80% е на зеленчук: домати, кромид и краставици. Според него, за Русите откажувањето од увозот на турски прехранбени производи ќе доведе до пораст на цените на производите. „За Турција откажувањето на Русија може да има посериозни економски последици, со оглед на тоа што Русија е главен увозник на земјоделски производи од оваа земја“, додава Петровски.
Освен тоа, министерот за надворешни работи Сергеј Лавров им препорача на Русите да не ја посетуваат Турција како туристичка дестинација. Потоа Руското биро за туризам (специјална организација која одговара за туризмот во Русија) веќе побара од туристичките оператори да ја запрат продажбата на аранжмани за Турција. Во моментов ова е најпопуларната дестинација за Русите: во 2014 година Турција ја посетиле 3.3 милиони туристи од Русија.
Како што изјави премиерот Дмитриј Медведев, руските власти планираат да ја запрат програмата за економска соработка, да воведат ограничувања за финансиските операции и да ги изменат царинските тарифи.
„Дејствијата на руската страна во однос на Турција се разбирливи и основани. Друго прашање е тоа што, земајќи ја предвид големата економска соработка, загуби ќе има кај двете страни“, вели генералниот директор на Forex-брокер еТоrо Павел Салас. На пример, според него, Турција може да се откаже од помош за руските претприемачи во изградбата на новата атомска централа Акку. Овој проект се проценува на десетици милијарди долари, додава Салас.
Впрочем, според експертите, најрадикалните мерки засега не се преземени. „Тие можат да бидат болни за двете земји“, смета Алексеј Портански. Според него, за Русија раскинувањето на врските со Турција во секој случај ќе биде многу чувствително. „Притоа Турција побрзо ќе најде замена за својот зеленчук, овошје итн., одошто Русија нови доставувачи“, додава тој. Затоа, според Портански, „треба мошне ладнокрвно да се размисли, пред да се прекине економската соработка со Турција“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче