Не чудете се доколку на крајот на разгледувањето на станот, домаќинот ве покани да си седнете во кујната. Извор: Lori / Legion Media.
Непосредни, сигурни, гостољубиви – ова се само некои од особините кои странците ги наведуваат кога сакаат да ги опишат своите впечатоци за Русите и за Русија. Но, поголемиот дел го дели мислењето дека првата посета на Русија може да биде неуспешна, доколку во Русија немате барем еден руски познаник кој би се согласил неколку дена да биде ваш водич.
Не е едноставно да се спријателите со Русите. Иако важат за луѓе со широко срце, кои во секој момент се подготвени да ви помогнат, Русите се затворен народ и можат да ве наречат пријател дури по неколку години дружење. Сепак, доколку имате среќа и доколку некој Русин ве повика на гости, однапред подгответе се, зашто одењето на гости во Русија претставува посебен ритуал.
Најнеобичните навики на Русите според мислењето на странците
Доколку некој Русин реши да ве повика на чај, поканата веројатно ќе звучи вака: Па, дојди околу 5-6, кога ти одговара. Слободен си во сабота? Не? Тогаш дојди во недела, мене ми е сеедно.“ Русите немаат обичај да пијат чај стриктно во пет часот попладне или во недела да се собираат на семеен ручек. Навикнати се да се прилагодуваат на другата личност, но и од неа го очекуваат истото.
Однапред подгответе подарок за домаќинката. Тоа може да биде торта или чоколадни бонбони за со чајот. Ако во домот има деца, на секое дете треба да му се донесе нешто слатко или некоја дреболија (сигурно не сакате децата да ви пречат додека сте на гости).
„Руска реч на македонски“ веќе пишуваше за тоа зошто Русите ретко се насмевнуваат. Тоа не е зашто не се задоволни од животот или затоа што некому се лути. Русите едноставно умеат да се насмевнуваат на илјадници начини кои секој странец не може да ги препознае. И затоа немојте да се сомневате: на вашиот руски познаник му е мило што ве гледа, дури и ако не се насмевнува!
Првата работа која ги изненадува поголемиот број странци е обичајот на Русите да се собуваат кога влегуваат во домот. Домаќинот, веројатно, ќе има подготвено неколку пара папучи специјално за гости.
Потоа, најверојатно, ќе ви ја покаже целата куќа или целиот стан, при што ќе ја посетите секоја соба. Не чудете се доколку на крајот на разгледувањето на станот, домаќинот ве покани да си седнете во кујната. Тука Русите јадат, пијат чај, готват, мијат садови и, воопшто, прават сè што е поврзано со храната. Во дневната соба, по правило, се руча само за празници.
Домаќините најверојатно пред вашето доаѓање веќе имаат поставено нешто на масата. Да се постави масата на руски начин значи да се подготват неколку видови салата, главно јадење и мезе. Вашиот познаник најверојатно постојано ќе ве потсетува дека не треба да се срамите и оти треба слободно да се служите. Затоа не треба да јадете ништо пред да отидете на гости.
Бидете подготвени за долг разговор за животот, за политиката, за сосетката Вања, за децата, за судбината, за Достоевски и за други најразлични теми. Русите сакаат да зборуваат, па обидете се да го поддржите разговорот, а можете и да продискутирате со домаќинот на некоја тема, зашто Русите се љубители на добри дискусии.
Немојте да очекувате дека вашиот руски пријател сам ќе ви предложи да заминете. Тој може да ве задржи на разговор до доцна во ноќта, а за сето тоа време ќе се погрижи постојано да бидете сити. Потоа дури и може да ви предложи да преспиете кај него. Внимавајте на времето! Кога сепак ќе го наговорите домаќинот да ве пушти да си одите, не заборавајте да се заблагодарите на пријатно поминатата вечер и да споменете дека сега вие го чекате кај вас на гости. А, како да го пречекате и што можете да очекувате дотогаш веќе ќе знаете.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче