Зошто Русија инсистира на Евроазиската унија

Kremlin.ru
„Прекрасниот нов свет“ што по завршувањето на Студената војна многумина со нетрпение го очекуваа, никогаш не настапи. Наместо хармонија, соработка и дијалог, имаме сѐ повеќе насилство и хаос. Многумина добиваат впечаток дека се вратила добата на „тврда сила“, кога државите и народите мораат физички да се борат за место под сонцето.

Американската опозиција го обвинува претседателот Обама за недостиг на решителност, а некои Европејци сметаат дека инсистирањето на привлечноста на европскиот проект се враќа како бумеранг во вид на миграциски проблеми и на неефикасност во сферата на „правната политика“. Многумина се натпреваруваат во барањата да се „демонстрира сила“, зашто, небаре, водечката улога во светот ќе ја играат оние што функционираат без двоумење.

Мислам дека тоа е заблуда, исто како што би била заблуда и спротивното расудување, односно потпирањето исклучиво врз средствата на „мека сила“. Овој принцип во извесна мера функционира, зашто во некои земји привлечноста на Европа буди желба да се живее „како кај нив“, а кај други, пак, желба да се живее „кај нив“, односно предизвика масовна миграција. Но, во стратешка смисла, овој принцип не е доволен и токму поради тоа идејата за „мека сила“ подоцна е доработена и преточена во концепцијата „паметна сила“, која во соодветна пропорција претставува спој на „меките“ и на „тврдите“ елементи.

Но, земјите од Западот дури и во своите „најтврди“ потези во ниту еден момент не се откажале од идејата сѐ што прават да прават во име на цивилизациските вредности и против оние кои, демек, ги доведуваат во прашање тие вредности (а, не интересите на тие земји од Западот, нели). Тоа, по сѐ изгледа, е мошне важен момент за сфаќање на ситуацијата и на улогата на нематеријалните фактори во сегашната ситуација.

Битката за човековата свест не престанува дури ни кога се слушаат топовите. Згора на тоа, во 21 век одненадеж се соочивме со неверојатна реидеологизација на меѓународните односи. Идејата за „единствено правилни“ учења и религии, разговорите за посебна нација, рангирањето на останатите народи, „извозот на револуции“ и слично – сето тоа постојано фигурира во говорите на политичарите и во анализите на политичките ситуации. На сите им се потребни возвишени мотиви за образложување дури и на најнеугледните и најбрутални потези. Во претходните векови беше доволно да се објави војна, а денешниот императив е дејствување за општо добро и во име на привлечни хуманистички идеи, а не во име на некакви себични национални интереси.

Не е случајно што се прават обиди речиси сите конфликтни ситуации од најновиот период да се прикажат како борба за човековите вредности, без оглед на тоа дали станува збор за косовскиот, грузискиот, украинскиот, сирискиот или некој друг конфликт. Зашто, едно е судир на геополитички или на економски интереси, а друго е конфликт на „правилни“ вредности со „погрешни“ вредности, односно во суштината на борбата на очигледното добро со очигледното зло.

Точно е дека актуелните настани навистина се поврзани со демократијата. Денес на многумина им е јасно дека мултиполарниот систем е всушност авторитарен систем, со изразен центар и периферија со која се ограничени правата и ресурсите. Она што денес се случува во планетарни размери, во суштина е токму демократска револуција. „Обоена револуција“, ако сакате. Дали таа ќе се реализира исклучиво по мирен пат зависи во голема мера од тоа какви облици на спротивставување ќе избере западот кој сега доминира. Фактот што сегашните западни земји имаат демократско устројство воопшто не е гаранција дека претстојните промени нема да бидат насилни.

Но, сѐ што доаѓа во помала мера е поврзано со општите човечки вредности. Пред сѐ, мнозинството, секако, ги почитува тие вредности. Не им оди на сите од рака на практика да ги испочитуваат, но тешко дека некој, со исклучок на очигледните маргиналци, би ја отфрлил важноста на основните човекови права и слободи. Сепак, тоа воопшто не значи дека оние што ги почитуваат човековите вредности немаат свои интереси и свои ресурси, и дека тие интереси и ресурси не мораат да ги бранат од надворешна узурпација.

Позната е тезата дека демократиите, наводно, не војуваат една против друга. Тоа се доживува како оправдување за „воведување на демократијата“ и со самото тоа воспоставување мир. Точно е дека демократиите не војуваат една против друга, но не зашто се демократии, ами затоа што конкретни држави имаат заеднички геополитички интереси и се обидуваат една на друга да си ги узурпираат ресурсите или други добра, нивните граѓани имаат еднаков животен стандард, а нивните власти не се демонизираат една со друга, и сите изразуваат политичка волја да се обединат и да заборават на историските несогласувања. Едноставно кажано, повеќе им се исплатува да бидат заедно, одошто една против друга. Доколку, да кажеме, САД и Европа дури и во текот на деведесеттите години од минатиот век имаа подобри односи со Саудиска Арабија одошто со Русија, тоа не значи дека Саудијците се поблиски на евро-американската демократија (во спротивно тие идеали неизбежно би биле доведени во прашање).

Во контекст на човековите вредности клучно е тоа што тие се мошне згодно и универзално оправдување практично за сите потези на меѓународната политичка сцена. Дури и за целосно контрадикторните потези, како што е поддршката на сепаратизам во еден случај и поддршката на територијален интегритет во друг. Двојните стандарди зад кои всушност се крие поддршката на страната која спаѓа во категоријата „наши“, се оправдува со едноставно тврдење дека „нашите“ секогаш имаат најдобри намери, а „нивните“ најлоши. Практично во секоја дискусија со западњаците ќе наидете на непремостлива препрека во вид на нивна убеденост дека тие се несомнено добрата и правилната страна.

Зошто, на пример, Косово може да се одвои, а Крим не може?

Зошто Европската Унија е добра работа, а евроазиската интеграција е обновување на империја и несомнено зло?

Зошто САД можат да им продаваат оружје на други земји, а кога Русија продава, тогаш тоа е загрозување на мирот во светот?

Зошто бомбардирањето болница од страна на Американците е случајност и грешка, а која било цивилна жртва во воените операции на Русија или на проруските сили не е ништо друго, ами очигледна зла намера и бруталност на генетско ниво?

Зошто Западот може да поддржува една страна во секој внатрешен конфликт во трети земји, а Русија не може? Како тоа некој политичар (партија, движење) кој е ориентиран кон Заедницата на независни држави е „платеник на Кремљ“, и тоа што го прави не е слобода и не се општочовечки вредности, а политичар кој е ориентиран кон Западот тоа го прави слободно и искрено?

Зошто едни (Мајдан) имаа право да се побунат, а други (Донбас) немаат?

Зашто санкциите се добри, а контрасанкциите не се добри?

На овие прашања или нема да добиете одговор, или на крајот во аргументите на вашиот соговорник ќе согледате едно недвосмислено тврдење: „Затоа што ние сме добрите“. Зошто сме добри? Зашто нашите граѓани се среќни и имашни, и тоа, нели, ни дава морално право да го прекројуваме светот и определени земји.

Овој модел, според кој група држави го има узурпирано правото да определува што е добро, а што зло, и да наметнува сопствен систем за казнување на непокорните, денес пред нашите очи сѐ повеќе бледнее. Но, не бледнее поради тоа. Русија „се крена“ против Системот. Самиот Систем е неправеден, авторитарен и во определена мера дури и расистички (зашто ги дели народите на подобри и полоши). Тој повеќе не се вклопува во реалноста на новиот свет, што, пак, доведе до класична ситуација во која на елитата ѝ се врзани рацете, а на народот му е дојдено преку глава. Поради тоа, кога претседателот на Русија на говорницата на ОН вели дека „суштината не е во амбициите на Русија, ... ами во тоа дека повеќе не може да се истрпи состојбата која постои во светот“, не е предизвик, ами објективна констатација.

Значи, најважно е да се обезбеди постепен премин од еден модел на светски поредок кон друг. Потребно е што повнимателно и побезболно да им се помогне на Соединетите Американски Држави и на целиот Запад да се приклучат кон мултиполарниот свет кој токму сега се создава и да станат негов органски дел. Како што истакнува Жак Сапир, раководител за истражување на Високата школа за општествени науки во Франција „неспособноста на Америка да ги почитува договорите со други земји како рамноправни партнери претставува пречка за нејзината интеграција во светската заедница во 21 век, оваа интеграција се огледа во враќањето на идејата за суверени нации и во неопходната соработка меѓу нив“. Секако, ова не е едноставно да се направи, но без тоа не може да се решат поголемиот број глобални и локални проблеми.

Земјите кои денес, да се изразиме така, се во тренд, кои ги имаат почувствувано светските тенденции и настапуваат како нивни носители и како идејни водачи, стануваат воочливо попривлечни од останатите. Тоа, според мене, е мошне важен извор на „меката сила“ на современа Русија. Таа се најде под мошне силен притисок на „стариот“ центар на светската сила, таа е наклеветена и демонизирана во сите насоки, опколена е со воена инфраструктура и со вештачки воспитани русофобни режими, но и во таква ситуација не само што не попушти кога станува збор за принципиелните прашања, ами напротив, фактички ги диктира новите општи светски трендови, а тие сѐ повеќе го привлекуваат незападниот свет.

Треба да се нагласи дека Русија во секоја фаза сигнализираше дека е подготвена за разговор и за договор, секако, под услов страните во тој разговор да бидат рамноправни и подеднакво да се почитуваат. Говорот на В.В. Путин на Генералното собрание на ОН беше посветен токму на ова нешто, и никако не беше „објавување војна“, како што некому можеше да му се стори. Тој на сиот свет му се обрати со повик за дијалог, за заедничко дело, и не ги поучуваше „неразумните“ од позиција на „посебна нација“ како што тоа пред него го направи американскиот претседател. Говорите на двајцата претседатели беа различно интонирани, со што е истакната и разликата во моделите на кои се придржуваат. Светот го забележа тоа.

На државите кои имаат вакви политички системи навистина им е поедноставно да постигнат меѓусебен договор. Но, новиот глобален модел се состои во тоа што сите држави без исклучок имаат еднакви можности за разговор и светот да не се дели според критериумот на идеолошко-вредносни „подобности“, како според економската и демократската успешност. Човековите вредности и принципи треба да бидат универзални, а не геополитички детерминирани. Луѓето на Крим, во Приднестровје или во Јужна Осетија не треба да имаат помали права од луѓето на Косово. Убивањето деца во Донецк не е помалку шокантно од убивањето деца на сириските бегалци. Спротивставувањето на државниот преврат не е помалку легитимно од спротивставувањето на режимот.

Русија се залага за еднакви права на сите народи и за почитување на тие права, не во смисла на спротивставување на правото на индивидуалноста, ами во смисла на почитувањето на правата кои се нераскинлив дел од правото на истата таа индивидуалност. Таа во своето залагање не се претставува само себеси и некакви светски „ревизионисти“, ами претставува еден новоформиран став на сѐ поширок круг држави и народи. Овој став до неодамна беше вештачки маргинализиран од страна на идеолозите и на практичарите на глобалната монополарност.

Како што неодамна напиша патријархот на германската дипломатија Ханс Дитрих Геншер, „ние живееме во доба на глобализација, и како никогаш порано зависиме од соработката меѓу различни земји. Политиката на конфронтација која функционира според принципот 'оној што е посилен има право' сега е веќе застарена“.

На добата во која владееше „правото на посилниот“ навистина ѝ се ближи крајот, и тоа не звучи парадоксално ниту во контекст на ракетирање и на артилериски плотуни. Тоа е така зашто за секоја сила сѐ почесто ќе се најде друга сила која може да ѝ се спротивстави, што значи дека решението не е во силата. Поради тоа е подобро да се оди со договор, одошто да се примени сила (секако, со оние со кои може да се постигне договор и за кои војната не е модус вивенди). Ниту еден човек со здрав разум не сака војна, и не постојат априори „никакви“ и „зли“ народи. Секој сака и има право да живее во мир, да го определува патот по кој ќе чекори, да гради сопствен политички систем и да се раководи според сопствените убедувања, верата и традицијата. Треба да се обезбеди ова право, а не со сила да се отераат сите луѓе во заеднички „резерват“ на исти вредности и системи. Ова е вистинска задача за светската заедница и за нејзините лидери, меѓу кои ќе бидат токму оние што на светот ќе му понудат оптимални решенија, а не оние што ќе ја узурпираат власта благодарение на својата војна или на економската надмоќ.

Константин Косачов е претседател на Комитетот за меѓународни прашање на Советот на Федерацијата.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња