Ердоган: Со божја помош ќе ги надминеме проблемите со рускиот гас

Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган изјави дека земјата нема да пропадне во случај на прекин на испораката на гас од Турција.

„Веќе кажав дека освен од Русија, ние купуваме гас од многу земји, Со божја помош ќе ги надминеме проблемите“, истакна турскиот лидер, додавајќи дека неговата нација е навикната на страдања, соопштува агенцијата „АберТурк“, а пренесува „Лента.ру“.

Од своја страна, премиерот на Турција Ахмет Давутоглу изјави дека Русија нема да се реши на ограничување на испораките на гас. „Тука работата е регулирана со меѓународното право и договорите. Во секој случај бараме алтернативни варијанти“, изјави турскиот премиер.

Во уредбата на руската влада од 30 ноември во која се пропишани мерките кои Москва ги воведува против Анкара, воопшто не е спомената енергетската сфера (проектите „Турски тек“ и АЕЦ „Акују“ не се споменуваат во документот). Меѓутоа, во уредбата е наведено дека работата на мешаната руско-турска комисија за трговско-економска соработка се запира. Комисијата работеше на подготовката на договорот за „Турски тек“.  

Претходно министерот за економски развој на Русија Алексеј Уљукаев истакна дека владата не ја замрзнала реализацијата на наведените проекти. Во 2014 година Турција беше втор најголем увозник на руски гас по Германија – Анкара купи од „Гаспром“ 27,3 милијарди кубни метри гас.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња