Началникот на Главната оперативна управа на Генералштабот на Вооружените сили на Русија генерал Сергеј Рудској изјави дека во текот на операцијата за пребарување и спасување во реонот на падот на рускиот бомбардер Су-24 во Сирија, од територија под контрола на бунтовниците бил соборен руски хеликоптер Ми-8. Притоа загинал припадник на морската пешадија на ВС РФ, пренесува „Ведомости“.
Екипажот и припадниците на групата за спасување биле евакуирани во руската база.
Покрај тоа, според првичните податоци, еден од пилотите на срушениот Су-24 бил убиен со оган од земја. Претходно борците на една од опозициските групи објавија видео од стрелање врз хеликоптер Ми-8АМТШ кој стои на земја.
Според зборовите на генералот, срушениот Су-24 нанесувал удари врз групи во чиј состав имало околу 1000 борци од Северен Кавказ и никој не ја предупредил Русија дека тоа е „умерената опозиција“ во Сирија.
Рудској исто така изјави дека радарот во руската база регистрирал турски авион-ловец кој го нарушил воздушниот простор на Сирија.
Во близина на руската база е позициониран крстосувачот „Москва“, опремен со ракетен систем со голем радиус на дејство С-300Ф кој, според зборовите на Рудској, ќе ги соборува сите потенцијално опасни цели.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче