Со болка преминуваме кон нов модел

Министерот за економски развој на Русија Алексеј Уљукаев.

Министерот за економски развој на Русија Алексеј Уљукаев.

Александар Корољков / Росијскаја газета
Пред две години на Русија ѝ беа воведени економски санкции. Министерот за економски развој на Русија Алексеј Уљукаев во ексклузивно интервју за „Руска реч на македонски“ објаснува како тие влијаеја на Русија и какви можности им нуди руската економија на меѓународните инвеститори.

Поминаа две години откако на Русија ѝ се воведени санкции. Дали тие предизвикаа поголем шок од падот на цената на нафтата?

Секако дека не. Имено поевтинувањето на енергенсите предизвикаа принципиелни промени во приливот на буџетот и во приходите на приватните компании и на домаќинствата. Санкциите пред сè се одразија на компаниите кои активно беа присутни на глобалниот финансиски пазар. Денес економијата во целост се прилагоди на санкциите и во извесна смисла дури и извлече корист од нив.

Во што се огледа ова прилагодување?

Прво, санкциите придонесоа да се зголеми одливот на капитал од земјава, па на тој начин руските компании мораа нагло да ги вратат долговите. Во краткорочна перспектива тоа предизвика девалвација на рубљата, а во долгорочна – намалување на трошоците на руските претпријатија. Долговите на руските компании се намалени во голема мера, а со тоа е помала нивната чувствителност на надворешните ризици. Ова значи дека е дојдено до голем премин на внатрешните извори на финансирање. Претходно разликата помеѓу нормата на внатрешни резерви (30% од бруто националниот приход) и инвестициите (20% од бруто националниот приход) се надополнуваше главно со помош на прилив на средства од странство, а денес овој модел повеќе не функционира. Ние минуваме низ болни промени, но тие водат кон нов и далеку помалку ризичен модел на економски развој.

Неодамна Рускиот сојуз на индустријалци и претприемачи спроведе анкета меѓу странските компании. Повеќе од половината испитаници изјавија дека бизнис-климата во Русија е влошена. Што би им одговориле?

Често имам средби со претставници на странскиот бизнис и знам дека компаниите кои веќе работат во Русија никогаш нема да кажат дека нашата инвестициска клима се влошува. Тие попрво ќе посочат конкретни проблеми. Ние тие проблеми ги разгледуваме на седниците на Советот за странски инвестиции и се обидуваме да ги отстраниме. За негативна клима во Русија главно зборуваат компаниите кои кај нас сè уште не се застапени.

Зошто е тоа така? Немаат ли доволно информации или се расипува имиџот на Русија?

И едното и другото. Пред сè станува збор за недостиг на информации од наша страна и бран негативни информации од странство. Сето тоа е присутно и ние во врска со тоа треба да го направиме механизмот за донесување одлуки потранспарентен. Инвестициската клима во земјава сепак полека се подобрува. Во рамките на Националната бизнис-иницијатива ние се обидуваме да ги отстраниме бариерите за работење. Конкретно, позицијата на Русија на рејтингот на светската банка Doing Business е подобрен (во 2015 година Русија се искачи од 62 на 51 место од вкупно 183 земји – заб. ред.)

Во февруари во Германија говоревте на конференцијата посветена на прашањата поврзани со средниот бизнис, која ја организираше Источниот комитет на германската економија. Гледате ли Вие во малиот и во средниот бизнис можност за подобрување на бизнис-односите помеѓу Русија и Западот?

Секако. Малиот и средниот бизнис имаат голем потенцијал, а за тоа сведочи огромната заинтересираност на руските и на германските бизнис-кругови за годишната конференција која ја споменавте. Во овој момент го започнуваме функционирањето на Рускиот извозен центар заедно со претставниците на Агенцијата за развој на малиот и среден бизнис. Многу руски компании ќе можат да станат извозници. Наша задача е потенцијалните извозници навистина да започнат со извоз. Ние им помагаме во развојот на бизнисот и на логистиката, ги намалуваме трошоците за транспорт, им нудиме поддршка во заштита на патентите, сертификација на производите итн. Засега руските компании мошне тешко продираат на западните пазари, но ние имаме сила да ја решиме оваа задача.

Вие бевте еден од оние кои на почетокот на деведесеттите години од минатиот век во Русија спроведуваа радикални економски реформи. Долго време работевте во Гајдаровиот институт кој имаше клучна улога за реформаторите. Дали сега во Русија се потребни структурни реформи?

Структурните реформи, во основа, се општо место. Под реформи ние често подразбираме нагла промена на правецот и постојано воведување нормативни одредби. Но, не е толку потребно сево ова што го набројав, колку што е потребна систематска реализација на терен. Задачата не е да се спроведат колку што е можно порадикални реформи, ами да се согледаат израстоците на она што веќе постои и да им се помогне, а не да се прават обиди за пресадуваат егзотични билки на наше земјиште. Во Русија веќе се во тек структурни промени во сферите како што се земјоделството и петрохемијата. Наша задача е да ги поддржиме.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња