ЕУ ги продолжи санкциите кон Русија: реакција на официјална Москва

Владимир Сергеев / РИА Новости
На 22 јуни ЕУ ги продолжи санкциите кон Русија, кои беа воведени минатата година на фонот на украинската криза. Во надворешнополитичкиот ресор на ЕУ забележаа дека ова е направено „со цел целосно исполнување на минските спогодби“. Санкциите се продолжени за шест месеци, до 31 јануари 2016 година. Во Русија велат дека од своја страна тие ќе ги продолжат и своите контрасанкции.

Како одговор на продолжувањето на санкциите против Русија од страна на ЕУ премиерот на Русија Дмитриј Медведев побара да се подготви обраќање до претседателот на државата за продолжување на рокот на минатогодишниот указ за воведување контрасанкции. Тој исто така побара да се подготви список на производи и „објекти на надворешнотрговски зделки“ врз кои ќе се применуваат руските пропорционални мерки. Русија во август минатата година воведе забрана за увоз на земјоделски производи, суровина и прехранбени производи од земјите кои воведоа санкции кон Москва.

Претходно на 22 јуни за неизбежноста од продолжувањето на руските контрасанкции во контекст на одлуката на ЕУ се огласи порт-паролот на претседателот на Русија Дмитриј Песков. „Ние повеќепати сме кажале: во санкциската размена постои принцип на заемност – тоа е основата на нашиот приод“, рече тој. „Русија смета дека овие санкции се неосновани, незаконски. Но, ние никогаш не сме биле и не сме иницијатори на санкциски мерки“, напомена Песков, забележувајќи притоа дека оваа практиката „не само што ѝ нанесува штета на економијата на нашата земја, туку и на оние земји што ги воведуваат санкциите, односно на интересите на плаќачите на данок на европските држави“.

Шефот на кабинетот на претседателот на РФ Сергеј Иванов изјави дека не е изненаден од продолжувањето на санкциите од страна на ЕУ и од тоа дека ваквиот чекор е направен на 22 јуни. „Вас тоа ве чуди? Мене, за жал, одамна не ме чуди“, рече Иванов, коментирајќи го продолжувањето на санкциите на 22 јуни, на Денот на сеќавањето и жалоста – денот кога започна Големата татковинска војна.

Оперативно на одлуката за продолжување на санкциите реагираше руското МНР, изразувајќи големо разочарување со тоа што „повторно во ЕУ надвладеало мислењето на русофобното лоби“. Притоа МНР го нарече апсурден приодот на ЕУ, која продолжува да ја префрла „сета одговорност за исполнувањето на минските спогодби (за регулирање на кризата на истокот на Украина) на руската страна“. „Клучот за решавање на внатрешната украинска криза е и ќе остане во рацете на Киев, кој не брза со исполнувањето на своите обврски“, подвлекува рускиот надворешнополитички ресор.

МНР исто така забележа дека одлуката за продолжувањето на санкциите е донесена на 22 јуни, денот кога фашистичка Германија го нападна СССР. „Би сакале да веруваме дека ова е совпаѓање, а не намерно смислен чекор“, велат од министерството.

Одлуката на ЕУ се коментираше и во двата дома на рускиот парламент. Како што за ТАСС изјави претседателот на комитетот на Државната дума за меѓународни работи Алексеј Пушков, продолжувањето на санкциите од страна на Европската Унија го замрзнува сегашниот политички конфликт помеѓу Москва и Брисел. Притоа тој обрна внимание на тоа дела отсуството на сериозен притисок од страна на ЕУ, Киев го смета како можност „многу слободно да се однесува кон минските спогодби, а всушност може едноставно и да не ги исполнува“. „Сето тоа се одразува во она што јас го нарекувам негативна рамномерност помеѓу Русија и ЕУ: ЕУ не ги проширува санкциите, но не ги ни омекнува и постепено не се откажува од нив“, појасни парламентарецот.

Колегата на Пушков – Константин Косачов, претседателот на истиот комитет во горниот дом на рускиот парламент, изјави дека Европа повторно се обидува да најде решение не онаму каде што постои, туку онаму каде што ѝ е најзгодно. Коментирајќи ја поврзаноста на санкциите од страна на ЕУ со исполнувањето на минските спогодби, Косачов на својата страница на Фејсбук напиша дека „во Украина војуваат едни, а санкции се воведуваат против други. Да се поврзуваат санкциите со дејствијата на трети лица претставува мошне губитничка и бесмислена тактика“. „Европејците повторно се обидуваат да го најдат решението не онаму каде што тоа може да биде – не кај Киев и кај Донбас, туку онаму каде што им е позгодно – како во познатата анегдота за барањето на изгубениот прстен под канделабарот, зашто таму е посветло. Но во овој случај потрагата може да биде вечна, а Брисел, пак, станува мета за лесна манипулација од страна на трети сили – практично на секој оној што повремено ќе сака да пука во зоната на конфликтот“, претпоставува парламентарецот.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња