МНР РФ: Во ЕУ повторно надвладеа антируското лоби

Москва е повторно разочарана од одлуката на Брисел да ги продолжи економските санкции спрема Русија и истакнува дека ЕУ намерно премолчува дека продолжувањето на рестриктивните мерки ќе направи стотици илјади Европејци да ги загубат своите работни места.

„Длабоко сме разочарани од тоа што во ЕУ повторно надвладеа ставот на антируското лоби, кој предизвика да се донесе одлуката за продолжување на незаконските рестрикции. Притоа Брисел намерно премолчува дека тоа сигурно ќе предизвика стотици илјади, а според некои процени и неколку милиони Европејци да останат без работа“, се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи на Русија што го пренесува „Взгљад”.

Министерството истакнува дека „Европската унија по инерција продолжува да ја префрла врз руската страна сета одговорност за потполната примена на Минската спогодба“. „Апсурдноста на таквиот пристап им е одамна јасна на сите“, смета министерството и додава дека „клучот за решавање на внатрешната украинска криза беше и остана во рацете на Киев кој не брза да ги исполни своите обврски“.

„Посебно цинично е тоа што одлуката за продолжување на антируските санкции земјите на Европската унија ја донесоа на 22 јуни, на денот кога фашистичка Германија го нападна СССР. Би сакале да веруваме дека е во прашање коинциденција, а не намерно смислен потез“, додава  министерството.

Премиерот Дмитриј Медведев му наложи на раководителот на апаратот на владата Сергеј Прихотко да подготви предлози за воведување реципрочни мерки поради продолжувањето на санкциите. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња