Од каде во Русија два Алтаја?

Александар Бајдуков; Александар Лешчонок (CC BY-SA 4.0)
Каде точно треба да отпатувате за да ја видите природата?

На југот на Сибир има два субјекти на Руската Федерација со речиси исто име. Тоа се Република Алтај и Алтајски крај. Тие носат такво име затоа што на територијата на двата субјекта се наоѓаат Алтајските  планини. И во тоа е целата нивна сличност.

Две во едно

Алтајка во народна носија, Пазирик, Алтај.

Од дамнина Алтај го населувале домородни народи. Во IV век од нашата ера тука се собирале разни номадски племиња. Подоцна регионот припаѓал на различни империи во Централна Азија, како што е Монголското царство на Џингис-кан. Тие империи постепено исчезнале, а во XVI век Русија почнала да го освојува Сибир. Во XVII век во тој процес стигнала до Алтај.

Првото руско утврдување на Алтај се појавило во 1709 година, а во 1747 година бил основан Коливано-Воскресенскиот планински округ (во 1834 година бил преименуван во Алтај). Ги опфаќал Алтајските земји, дел од Новосибирската и Кемеровската област и неколку други субјекти.

Девојки, Горно-Алтајска автономна област.

Дури во 1917 година Алтај стана независен регион со Барнаул како главен град. Меѓутоа, веќе во 1922 година од него се одвои друг Алтај, т.е. Ојротската автономна област. Денес, Ојроти е застарено име за жителите на Алтај (Алтајците), а регионот подоцна беше преименуван во Горно-Алтајска автономна област. Разликата меѓу овие два региона беше во етничкиот состав – во Ојротската област живееја автохтони Алтајци, а територијата на Алтај главно беше населена со Руси.

Поради административните промени во 1937 година, двата Алтаја се обединија во Алтајски крај. Но, во 1991 година, Горно-Алтајската автономна област повторно стана независен ентитет, а во 1992 година го доби името Република Алтај. Така се родија два региони со речиси исто име.

Националности и економија

Република Алтај, одгледувачи на елени.

Една од главните разлики помеѓу Алтајскиот крај и Република Алтај е националната припадност на нивните жители, и таа разлика сè уште постои. Во Алтајскиот крај околу 93% од населението се Руси, а во Република Алтај, само 56% се Руси, додека 34% се Алтајци. Можеби ви изгледа дека тоа е малку, но за време на последниот попис на населението во 2020 година, во цела Русија само 78.125 луѓе се изјаснија како Алтајци. Ако се земе предвид миграцијата во големите градови, тогаш е јасно зошто Алтајците сочинуваат помалку од половина од населението на Република Алтај.

На брегот на реката Катун, Алтајски крај.

Автохтоните Алтајци зборуваат на алтајски јазик, кој има многу дијалекти. Во 2020 година алтајски јазик зборувале 62.572 луѓе. Повеќето Алтајци живеат на село и се занимаваат со земјоделство: одгледуваат елени, овци, коњи и други животни. Друг важен извор на приход во регионот е туризмот.

И во Алтајскиот крај е развиено земјоделството, но доминантна позиција во економијата има преработувачката индустрија. Таа опфаќа производство на прехранбени производи, машински производи, како и производи од хемиската и фармацевтската индустрија.

Природа и одмор

Ако сакате да видите уникатна недопрена природа во која живеат исклучително ретки животински видови, тогаш Република Алтај е вашата дестинација. На нејзина територија се наоѓа областа „Златните планини на Алтај“, која е на листата на Светско наследство на УНЕСКО и ги опфаќа Катунскиот и Алтајскиот резерват на природата, како и платото Укок.

Горно Шавлинско езеро и врвовите на Северниот Чујски гребен: Мечта, Сказка и Красавица (Сон, Бајка и Убавица).

Во резерватите можете да најдете висорамнини со глечери, уникатни езера, планински реки, водопади, снежни леопарди и паласови мачки. А висорамнината Укок е позната по петроглифите на карпите и древните гробници. Во 1993 година таму беше пронајдена „Алтајската принцеза“, мумија на девојка која живеела во V век п.н.е.

Туристите ја посетуваат Република Алтај заради активен одмор - трекинг, планинарење, јавање и рафтинг. Во регионот ќе го доживеете целиот национален колорит и ќе ги запознаете древните локални традиции, т.е. сé она што го нема во Алтајскиот крај.

Одморалиштето Белокуриха, Алтајски крај

Алтајски крај, исто така, има планини, но тие се малку и се пониски. Алтајскиот крај го избираат туристи кои копнеат за мирен одмор во санаториуми (најпознат е Белокуриха) и комфорни туристички центри. Ова се наоѓа „Сибирската монета“, една од четирите зони за коцкање официјално дозволени од владата.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња