Мултинските езера на Алтај – најживописните планински пејзажи! (ФОТОГРАФИИ)

Сергеј Малков/Global Look Press
Ова уникатно место со преку 40 живописни езера е вистинско чудо на природата во Алтајските планини. Идеална дестинација за одмор од интернетот и мобилните телефони.

Цела каскада езера се наоѓа среде Алтајските планини. Секое лето, љубителите на активен одмор доаѓаат тука за да се возат со чамец, да ловат риба и да пешачат во околината. Езерата се на надморска височина од 1.700 метри во басенот на реката Мулта.

Устието на реката Мулта во Уст-Коксинскиот округ.

Најблиски населени места се селата Мулта и Маралник-1. Низ нив води патот преку кој туристите најчесто доаѓаат до езерата. Маралник-1 е 9 километри поблиску до езерата и до него може да се стигне со такси од населбата Уст-Кокс, која е административен центар на овој реон.

Устието на реката Мулта во Уст-Коксинскиот округ.

Оттаму до планинските езера се стигнува по шумски пат долг 13 километри. Туристите обично одат пеш или нарачуваат превоз со камион или теренско возило. Таму не може да помине обичен автомобил. Многу туристички групи, сепак, претпочитаат да одат по други планински патеки, каде што има подобар поглед и нема кал.

Русија, Алтај, Република Алтај, Катунски гребен. Мултинското езеро Попречни. Алтај се наоѓа на листата на светското наследство на УНЕСКО.

Најголемите мултински езера се Горно, Средно, Долно и Попречно. Вкупно има над 40 вакви езера. Водата во сите езера е тиркизна, но со различни нијанси. Не е изводливо да се посетат сите езера во еден ден, бидејќи се оддалечени и по неколку километри едно од друго, а се поврзани со тесни планински превои.

Русија, Алтај, Република Алтај, Катунски гребен. Мултинското езеро Попречни. Алтај се наоѓа на листата на светското наследство на УНЕСКО.

На бреговите на езерата има бројни уредени места за кампување, како и друга туристичка инфраструктура, но најчесто нема струја или сигнал за мобилни телефони (идеално место за интернет детоксикација!). Врска со надворешниот свет постои само во близина на камповите (но не секаде). Сите кампови организираат превоз до езерата од најблиските населби, како и сите екскурзии и пешачки походи.

Република Алтај. Мултинските езера се група езера на северната падина на Катунскиот гребен на Алтајските планини.

Долното Мултинско езеро е најблиску до селата и е едно од најголемите во овој дел на Алтај (неговиот брег е долг 6.570 метри, а просечната длабочина над 20 метри). Ова е местото каде што ќе ги најдете повеќето туристички бази. Во текот на летото водата се загрева и до +15 степени Целзиусови, што значи дека сé уште е малку студена. Ако не ви пречи, можете и да се капете.

Долно езеро.

Следното езеро е Средно, до него по должината на брегот води пешачка патека долга 4 километри. Езерата ги дели водопадот Шуми составен од големи карпи. Популарна тура е возењето со моторен чамец по Долно и Средно езеро.

Цврсто езеро („Крепкое“)

Од Средно до Попречно езеро има 5 километри пешачење по планински патеки. Попречно е на поголема надморска височина, на неверојатно живописно место и е опкружено со глечери. Водата во езерото е студена и светлосина во текот на целата година.

Мултинските езера на Алтај.

Езерото Горно е оддалечено околу 3 километри од Попречно. Тоа е најстуденото. Во јули температурата на водата не надминува 8 степени Целзиусови.

Мултинските езера на Алтај.

Кога е убаво времето, од бреговите на Мултинските езера може да се види Белуха, највисокиот врв на Алтај. Од Долно езеро до тој врв има само 60 километри, па некои туристи го користат одморот на езерата за да се искачат на Белуха.

Горно езеро.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња