Во зима, температурите од -50 степени не се невообичаени овде, а сепак треба да се оди на работа и на училиште. Веќе пишувавме за тоа како луѓето во Русија се облекуваат топло во зима.
А сега ќе ви ги претставиме традиционални зимски обувки кои се ценети во различни региони на Русија.
Овие традиционални зимски обувки од валана овча волна одамна станаа симбол на Русија заедно со куклата матрјошка и самоварот. Масовното производство започна во XIX век, кога валенките станаа популарни низ целата земја. Денес, покрај обичните сиво-кафени валенки, постојат специјално украсени модели со удобни дебели ѓонови наменети за градски услови.
Специфичноста на валенките е тоа што нема разлика помеѓу десната и левата обувка. Кога се носат, тие се прилагодуваат на обликот на ногата и секогаш треба да се земаат еден број поголеми. Можат без никаков проблем да служат 10 сезони.
Валенките притоа се и лековити. Имено, волната содржи ланолин кој ги отстранува болките во мускулите и ревматските болки, а помага и при зараснување на раните.
Домородните народи на северот, Ненците и Комите, имаат сопствена варијанта на зимски обувки. Овие чизми се нарекуваат пими и се одлични за снежната зима во тундрата.
Тоа се високи чизми од кожа од ирвас (камус) со крзното свртено нанадвор. Како по правило, пимите се украсени со традиционални северни орнаменти. Бидејќи се меки и се виткаат, може да се врзат или за појасот или под коленото. Денеска се прават и пими со реси. Пимите се носат од 5 до 7 години.
Кисите се исто така традиционални обувки на жителите на Северот направени од крзно од ирвас, но наменети за поблага зима или пролет. Сарата на чизмите понекогаш се прави од сукно или кожа, додека стапалото задолжително од крзно.
Како и пимите, и кисите се украсуваат со орнаменти. Мајсторката може да ги украси со мониста или крзнени ленти. Женските киси имаат мала потпетица.
И унтите се чизми од крзно, но, за разлика од пимите, можат да се прават не само од кожа на ирвас, туку и од овча кожа. Самиот збор во превод од евенкиски значи „обувки“. Тие се многу популарни на Крајниот Север, во Јакутија, во регионите на Сибир. Еден пар може да служи 10-15 години.
Во советско време унтите беа дел од униформата на пилотите кои работеа на Крајниот Север и на Далечниот Исток. Се разликуваа од традиционалните по тоа што крзното на стапалото беше свртено одвнатре, додека однадвор беше мазно и водоотпорно. Сарата е обложена со овча кожа со додаток од ремени за да можат да се стегнат за да не влегува снег. Денес унтите се дел од опремата на пилотите на Север.
Чизмите со сара од валана волна беа специјално дизајнирани во XIX век за студената клима на територијата на денешна Белорусија. А во советско време, на средината на XX век, бурките беа многу популарни во зима во руралните региони.
Денес масовно се произведуваат и во Русија и се многу барани меѓу работниците на Крајниот Север, шумарите и ловците. Тоа е многу отпорна и удобна обувка за активности во природа.
Традиционални обувки на Далечниот Исток, особено популарни кај нанајските ловци. Се прават од говедска кожа со надворешни шевови за да не се прават плускавци. Сарата на чизмите може да биде од кожа или водоотпорно платно. На ѓонот се пришива валана волна или стари валенки. Таквата конструкција овозможува практично нечујно движење низ шума, како и лесно и брзо соблекување на обувките во случај на потреба. Олочите и слични обувки денес се прават и фабрички, иако со модерни модификации.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче