Зеленоградск: Како изгледа градот на мачките во Русија?

Павел Кузмичов
Во Зеленоградск мачки можете да сретнете буквално на секој чекор, се излежуваат на клупите на видиковците, седат со туристите во градините, шетаат по пешачките улици и дозволуваат да ги фотографираат. Тогаш, да им отидеме на гости на мачките?

Малиот град Зеленоградск, кој има шеснаесет илјади жители, се наоѓа во Калининградската област и слободно може да се нарече мачкина престолнина на Русија. Овде речиси сè е поврзано со мачките, од сувенирите до семафорите.

Многубројните мачки со задоволство ќе им ги покажат на туристите најдобрите места за фотографирање (и ручек). Како се случи тоа?

Зеленоградск (до 1946 година се викаше Кранц) е стар туристички град на брегот на Балтичкото море. Мачките обично сакаат да се населат во такви приморски градови, во близина на рибари, риби и туристи. Но, токму во Зеленоградск мачките станаа вистинска туристичка знаменитост.

Легендата вели дека во старо време мачките го спасиле градот од глодари кои ги уништувале резервите на храна и пренесувале болести. А грижата за мачките-скитници ја манифестира токму благодарноста на локалното население.

Мачките отсекогаш живееле таму. Меѓутоа, самиот град стана „мачкина престолнина“ релативно неодамна. Сè започна од музејот „Мурариум“ во старата водна кула во 1905 година. Мештанката Ирина Клочкова во 2012 година реши да направи во празната просторија на кулата изложбен простор за својата збирка фигурини на мачки.

Во склоп на музејот живеат и вистински мачки, а главен е лисиот мачор Семјон Семјонович. Тој послужи како прототип за првите музејски сувенири.

Веднаш штом ќе пристигнете, ќе забележите голем број графити на зградите чии главни ликови се мачките. На приврзоците, магнетите и мрежите за купување што ги нудат продавниците за сувенири на секој чекор се прикажани мачки.

На главната улица, проспектот „Курортни“, има и мали клупи за мачки, семафори со мачки, како и автомати каде што можете да купите храна за мачки. Во градската управа има функција надзорник на мачки. Во неговиот делокруг на работа спаѓа хранење и грижа за мачки.

За туристите кои би сакале да ручаат надвор, во градината на некое кафуле, тоа не се препорачува, освен ако не се во друштво. Локалните мачки со задоволство ќе ја споделат трпезата со нив.

Покрај тоа, во градот нема недостиг ни од кучиња, но тие не се мешаат во животот на мачките. Кучињата и мачките не си скратуваат ништо едни на други.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња