Дудинка: Како еден сибирски град се претвори во пат на животот на Арктик

Павел Кузмичев
Животот во Нориљск, град зад поларникот, би бил невозможен без пристаништето на реката Енисеј во градот Дудинка. Храната, горивото и суровините се испорачуваат тука од останатиот дел на Русија по воден пат.

Пристаништето во Дудинка е уникатно. Станува збор за најсеверното меѓународно поморско пристаниште во Русија. Всушност тоа е морско и речно пристаниште во кое и од кое се испорачува товар како по реката Енисеј (преку Игарка и Краснојарск), така и по Северниот морски пат (има врска Мурманск, преку Архагељск преку Карското море и понатаму на исток до Азија).

Работата на пристаништето во Дудинка е овозможена со изградбата на северниот индустриски центар како што е Нориљск. За среде појасот од шума и тундра да никне голем индустриски град беа потребни градежни материјали, гориво и суровини. Сето тоа е испорачано преку пристаништето во Дудинка, која тогаш била мала населба на реката Енисеј.

Изградбата на пристаништето, како и на градот Нориљск, го започнаа затворениците на Нориљскиот логор во 1935 година. Меѓутоа, во педесеттите години од минатиот век по затворањето на логорот, како и во Нориљск, и тука доброволно започнаа да доаѓаат млади стручњаци од целата земја. Денес во Дудинка живеат повеќе од 20 илјади луѓе, а работата на секој десетти е поврзана со пристаништето. Го посетивме ова занимливо место.

Како работи пристаништето во Дудинка

Сезоната за пловидба по реката Енисеј е мошне кратка и практично се сведува на периодот од јуни до почетокот на октомври. Во тоа време пристаништето покрај морските прима и речни бродови од Краснојарск (оддалечен по воден пат 2.000 километри) коишто носат во Дудинка и во Нориљск свежи прехранбени производи и неопходна стока. Штом ќе започне сезоната на пловидбата на улиците се појавуваат киосци со овошје и зеленчук, а цените во продавниците значително паѓаат. Преку Енисеј во Дудинка доаѓаат и патнички бродови и големи крузери.

А, кога Енисеј ќе замрзне, Дудинка прима и испраќа само бродови наменети за операции во арктичките води коишто пловат по Северниот морски пат. Со нив се носат производи од комбинатите и во фабриките се носат гориво и суровини неопходни за работа.

Пристаништето работи секојдневно, освен неколку недели годишно. Ова е единственото пристаниште на светот кое за време на високиот водостој се поплавува. Движењето по мразот на Енисеј започнува кон крајот на мај. Глетката е импресивна, огромни санти мраз итаат низ водата. Луѓето од целата околина доаѓаат да го видат тоа.

Меѓутоа, вработените во пристаништето немаат време да уживаат во убавата глетката. Пристаништето за време на високиот водостој престанува да прима и да испраќа товар, а вработените транспортираат дигалки на специјално за тоа наменети места на кои ќе почекаат водата да се повлече.

Зошто пристаништето е подобро зиме одошто лете

Во сезоната на пловидба во Дудинка доаѓаат повеќе од педесет бродови. Дента кога го посетивме пристаништето на истовар чекаа единаесет бродови, што бара ден-два работа, како што ни објаснија.

Успеавме да се качиме на контејнерскиот брод на „Нориљски никел“ (брод за пловидба по арктичките води од седма класа) и да поразговараме со капетанот.

„Нашиот брод не се плаши од мраз со висина од два метри. Но, не пловиме праволиниски, туку бараме пукнатини, зашто така полесно се поминува“, вели капетанот Андреј Шлапак: „Станува збор за тоа дека на реката Енисеј назима има најмалку три метри дебел повеќегодишен мраз и самиот може да се движи“.

За да се скрати времето и трошкот за превоз повремено на помош се повикуваат атомски мразокршачи. Тие во дебелиот повеќегодишен мраз прават канали низ кои бродот испловува во морето. Кога снегот паѓа тие, секако се згуснуваат, па затоа морнарите повеќе сакаат да работат на студено време и кога нема снег. „Со излегувањето на мразот којшто плови го продолжуваме движењето сами“, вели капетанот.

Пристаништето во Дудинка во јули

Андреј додава дека во северните мориња се чести бурите, особено опасно е времето во втората половина на септември кога со бурата доаѓа и до замрзнување. „Тогаш го чекаме мразот, зашто во мразот нема толку нишање“, вели тој.

Бродот „Нориљск никел“ најчесто оди за Мурманск и за Архангељск, но постои и линија за Кина. Меѓу другото Северниот морски пат е најкусиот пат по кој од Европа се стасува до Азија. „Излегува дека до Кина налето може да се стаса за само две недели“, вели капетанот. Јасно е дека тоа време е подолго кога има мраз.

Во просек екипажот на море минува пет дена, а една смена работи вкупно два месеци, по што ја менува друга екипа.

Внатрешноста на бродот е прилично пространа, модерна и мошне удобна. Постои и соба за одмор со софа, телевизор и пинг-понг, како и помала сала за вежбање и сауна. Меѓутоа, најмногу нѐ воодушеви мноштвото цвеќиња во саксии за кои се грижат морнарите. Капетанот вели дека многумина колеги на бродот пасионирано се занимаваат со одгледување цвеќиња, а тој се труди да ги полева на време.

Престолнина на Тајмир

За разлика од Нориљск Дудинка е стара населба. Ја основал во 1667 година како место за зимување стрелецот (војник) Иван Сорокин од трговскиот град Мангазеја кога со мал одред тргнал да собира данок (јасак).

Дудинка денес е административен центар на Тајмирскиот Долгано-Ненецки реон на Краснојарскиот крај. Територијата е огромна и по површина е поголема од која било европска земја, само што на Тајмирскиот полуостров живеат сѐ на сѐ 30 илјади луѓе, од кои две третини во Дудинка (Нориљск е посебен реон). Други населени места се Хатанга, Диксон и Караул, расфрлени и оддалечени стотици километри едни од други.

Кога сте во Дудинка немате чувство дека сте во провинција, туку во престолнина, тука има сѐ. Продавници, кина, пунктови на курирска служба, но и ледена арена, единствена на светот зад Поларниот круг. Во градот се одржува меѓународен натпревар во карлинг.

Во Дудинка, без оглед на нејзината богата историја не се зачувани стари куќи. Најголемиот број згради во станбените делови на градот се советски панелни згради, градени на шипови, закопани во пермафростот. За во текот на долгата зима на луѓето да им се подобри расположението фасадите се обоени во живи бои. Кога времето е убаво мештаните одат во Паркот на авијатичарите каде што е изложен Ан-24 кој пред 20 години превезуваше луѓе во Краснојарск, Хатанга и Диксон.

Освен Русите коишто сочинуваат повеќе од половина од жителите на Тајмир, тука живеат припадници на северните народи. Долгани, Ненци, Хганасани, Евенки и Енети. Во Дудинка излегува дневниот весник Тајмир во кој се објавуваат вести не само на руски, туку и на јазиците на северните народи.

Постои и локален местен музеј, еден од најголемите и најинтересни на Арктикот. Збирката на музејот брои 90 илјади најразлични експонати.

Изложени се и предмети за секојдневна употреба што на предците на современите Тајмирци порано им помагале да преживеат во ова сурово подрачје, меѓу кои се и шамански ритуални дајриња и маски.

Еден од катовите е посветен на советската историја на Тајмир и на поларните истражувачи. А, може да се види и мамутот Жења кој има околу 45 илјади години. Научниците на него пронајдоа траги од оружје направени од човечки раце. А, тоа зборува за фактот дека на Арктикот живееле луѓе многу пред она што можеме да замислиме.

Дудинка е оддалечена од Нориљсјк 90 километри низ предел со шума и тундри, мочуришта и пермафрост. Ниту едниот, ниту другиот град не се поврзани со копнен пат со другите региони на Русија. Но, затоа Дудинка и Нориљск се поврзани со железничка пруга, една од најсеверните на светот. Изградена е во 1937 година и до крајот на деведесеттите години сообраќаа само обични приградски електрични возови. Денес се користи исклучиво за испорака на товар. 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња