„Нориљск засекогаш ќе остане во моето срце и во моите бели дробови“, често ќе слушнете од локалното население. Животот на многумина на овие простори е поврзан за Нориљскиот рударско-металуршки комбинат (во состав на компанијата „Нориљск никл“) во кој работи околу една половина од вкупно 175 илјади жители. Меѓу нив има и рудари коишто вадат руда, и инженери во фабриките, стручњаци за логистика, и многу други.
Бевме во посета на Комбинатот за бакар, се запознавме, меѓу другото, со човек кој по десет години работа во рудникот станал парфимер и пробавме кафе со еленско месо. Што сѐ видовме и со кого се сретнавме, прочитајте во нашата репортажа.
Комбинатот за бакар е отворен уште во 1949 година. Прво што ќе почувствувате кога се приближувате на фабриката е мирисот на сулфур, но и неговиот вкус. Сулфур диоксидот е нуспродукт од работата на топилничката печка, и колку сте поблизу, толку посилно се чувствува.
Како што ни објаснија во „Норникл“ во компанијата е разработен специјален план поврзан со сулфурот според кој до крајот на оваа година ќе се неутрализира со варовник, а гипсот што ќе се добие ќе се користи за изработка на градежни смеси. Во перспектива штетната емисија ќе се намали за 90 отсто.
Поради штетните материи определени работници во топилницата носат не само стандардни гас-маски, но и онакви со долго црево, што собира сѐ во заднината на конвертерите во кои се топи бакарниот концентрат, а искрите создаваат грандиозна глетка, изгледа како во сцена од некој дистописки филм.
Растопениот бакар се носи во печката за да се добие аноден бакар, без нечистотии. Температурата на топење на бакарот е над илјада степени Целзиусови, па без оглед на моќната вентилација во погоните е исклучително топло.
Aнодите се разлеваат во калапи и вагони ги одвезуваат во цехот за електролиза. Таму остануваат три недели во бањите со сулфурна киселина. На крајот се добива клучниот производ на комбинатот – листови од чист бакар.
Најголем дел од нориљската руда се вади на длабочина од 700 до 900 метри, а на некои места и до два километри. Но, во Нориљск покрај рудникот „Заполарни“ постои и „Медвежиј ручеј“. Тоа е во моментов единствениот површински коп во кој се добива нориљската руда.
„Нашата руда е, секако, уникатна“, додава главниот инженер во рудникот Артјом Мељков. „Во неа има 15 минерали од кои ние добиваме девет. Тоа се обоени метали, бакар, кобалт, никел, платина, злато и други“. Во околината на Нориљск според актуелните податоци се наоѓаат околу 40 отсто од светските резерви на метал од платинската група, 35 отсто никел, 15 отсто кобалт и 10 отсто бакар.
Рудата се наоѓа во внатрешноста на брдото, па мора да се прибегнува кон минирање за да се дојде до неа. Потоа се одвезува со „Белази“, огромни кипери со тркала чија висина го надминува човечкиот раст. Рудата потоа се носи во фабриките за облагородување на руда, каде што се екстрахираат концентрати.
Бакарниот концентрат оди во Комбинатот за бакар, а концентратот од никел и пиротит во Надеждинскиот металуршки комбинат. Работата во производството е мошне сериозна, изискува голема концентрација и не трпи никаков фуш. Во претпријатијата во Нориљск може да се влезе по алкотест на влезот (постои и на излезот). Луѓето тука доаѓаат од сите страни за сезонска или за постојана работа. Платите се повисоки од оние што стручњаците од овие профили ги заработуваат од остатокот од Русија. Да кажеме, во топилниците почетните плати се сто илјади рубли или 1.100 американски долари. Највисоки плати денес имаат рударите коишто работат под земја.
Животот во Нориљск е мошне скап, со оглед на тоа што се сѐ носи. Ова, меѓутоа, не значи дека не постои локално производство. Во рестораните, да кажеме, покрај традиционални северни јадења, како што се еленско месо или строганина, може да се проба и локално пиво. Тоа тука се вари од 1944 година. На почетокот на веков советската фабрика беше затворена поради економската криза, а во 2009 година беше отворена нова, но со старата технологија. Пијалаците коишто се произведуваат не се испорачуваат никаде зашто имаат краток рок на употреба.
Љубителите на кафе во Нориљск ќе најдат најнеобичен вид на омилениот пијалак, со рендано еленско месо (јукола, како што го нарекуваат локалните жители). „Сушеното еленско месо по компактноста потсетува на црна чоколада“, објаснува пронаоѓачот на напивката Сергеј Сербин. Во варијанта на зададена тема, на кафето „Тундра“ му се додава мочуришна капина и брусница, а во „Северна светлина“ има нане и еукалиптус. „На овој начин може да се почувствува здивот на Арктикот“, вели Сергеј.
Доколку со кафето треба да се послужи десерт, јасно е дека не може да помине без сладолед. Тој во Нориљск е повторно со еленско месо, иако на прв поглед изгледа како млечен сладолед извалкан во чоколадни трошки. Го има смислено нориљчанката Нина Федотова, голем фан на северната кујна.
А, поранешниот рудар Александар Шаповалов сфатил дека на жителите на Нориљск им недостасува свеж зелен зеленчук. Тој во своите стакленици одгледува краставици и зелениш.
Уште еден поранешен рудар, Алексеј Болтачов, стана северен парфимер. Со оваа работа започнал да се занимава по десет години минати во рудниците во Нориљск. Алексеј дошол од Удмутрија (централна Русија) во 2010 година „поради љубов“.
Неговата сопруга е родум оттука. „Своевремено ѝ реков на сопругата дека сум подготвен да заминам со неа, ако треба и на крајот од светот. И ете, навистина се најдовме на крајот од светот“, вели тој.
Правењето парфеми станало негова пасија пред неколку години. „Парфимеријата, тоа е имагинација и емоции во шишенце, она што во секојдневниот живот најчесто ни недостасува“, вели тој. „Природата на Тајмир, кусите лета, суровата земја и јарките бои на северната светлина, ми служат како инспирација“.
Вештината на правење парфеми ја совладал онлајн. Учителот му испраќал состојки, а тој ги проучувал, ги опишувал и експериментирал со нив, создавајќи ги првите формули на своите мириси. Во 2020 година го регистрирал својот бренд Mr.Bollex Woodmurt и развил цела линија под називот „Мирисите на Тајмир“ коишто гостите на градот со задоволство ги купуваат. Меѓу парфемите се и „Тундра“ со нишка на јагода и „Северна светлина“ со студени меки ноти. „Имав идеја да внесам зелени нијанси во студенилото и мразот“, вели Алексеј. Најлесниот парфем е „свеж и проѕирен како вода“ и го носи називот на сибирската река Енисеј. Најнеобичниот мирис потсетува на прошетка до „Црвениот камен“, природна знаменитост на Нориљск. Црвената боја е добиена со помош на шипинки и црвена рибизла.
Дека околината на Нориљск е исклучително богата со бакарна руда се знаело со векови наназад. Меѓутоа, првата експлоатација започнала дури во минатиот век, кога Советскиот Сојуз се свртел кон индустријализација и кога започнале да се отвораат фабрики. Во 1935 година градот го основале затворениците на Нориљскиот логор, а по неговото затворање во 1956 година започнале да доаѓаат млади стручњаци од целиот Советски Сојуз.
До распадот на Советскиот Сојуз Нориљск беше затворен град во кој не можеше да се влезе без специјална пропусница. Денес само на странците им е потребна дозвола, додека руските граѓани можат непречено да се упатат во Нориљск и самите да видат како изгледа животот во индустрискиот град зад Поларниот круг. А, тоа е воедно и тест за издржливост.
Многумина жители на Нориљск ни велеа дека едноставно би сакале да заработат и да заминат да живеат во друг дел од Русија. На оние што сакаат да го напуштат градот администрацијата на Нориљск и „Нориљск никл“ им помагаат со преселбата, но за тоа е потребно претходно барем десет години да бидат работно ангажирани. Има и такви кои заминуваат и по само неколку недели, не можејќи да ги издржат студените зими и поларните ноќи. Меѓутоа, многу поголем е бројот на оние што мислеле дека ќе дојдат на неколку години, а останале цел живот.
Јуриј, возач на автобус, вели дека во Нориљск дошол од сибирската провинција уште во советско време, по војската. Преку Комсомолот бил упатен на ударничка изградба на Заполарје. Во младоста имал премногу енергија, и за работа во рудник, но и за „необуздана забава“. Во последно време работи како возач, здравјето не го служи како порано.
Еден годишен одмор минал заедно со сопругата во Волгоград, градот им се допаднал, па решиле да се преселат таму. Веќе купиле плац и сега ги бројат деновите до пензија.
Ољга и Михаил Парсови се познати уметници во целиот Краснојарски крај. Се занимаваат со сликање, со изработка на уметнички предмети и сувенири со северни мотиви, често приредуваат уметнички вечери. Оваа брачна двојка е дел од оние жители на Нориљск кои успеале да го најдат своето северно спокојство. Како што вели Ољга, ќерка им пораснала и заминала, а за неа и за сопругот Нориљск е мошне инспиративен. И затоа не планираат никаде да се селат.
Животот во Нориљск би бил целосно невозможен без пристаништето во Дудинка кој е оддалечена од градот 90 километри и се наоѓа на брегот на големата сибирска река Енисеј. Тука се носи неопходната стока и храна од останатиот дел на Русија и се товари производството од комбинатите. Пристаништето работи во текот на цела година, но со една напомена: ова е единственото пристаниште на светот кое секоја година за време на високиот водостој, кога ќе се придвижи мразот, е поплавено. Но, за тоа прочитајте во нашата следна рубрика.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче