Местото каде што не можете да му верувате на компасот се наоѓа на границата на три области - Курската, Белгородската и Орловската. Курската магнетна аномалија е едно од подрачјата со најголеми резерви на железна руда во светот. И токму затоа иглата на компасот овде целосно полудува.
Рудникот е активен, но можни се групни тури (освен кога се вршат минирања). Најдобар поглед на рудникот е од горниот видиковец.
Селото Мољобка во Пермскиот крај привлекува уфолози и туристи уште од осумдесеттите години на минатиот век, а некои дури сметаат дека тука има нешто како космодром за НЛО објекти. А како поинаку да се објаснат круговите на тревата во Полето на ужасите или малите пирамиди?
Едно место дури доби име „телефонска говорница“. Само тука, на простор од околу четири квадратни метри може да се фати одличен сигнал за мобилна мрежа.
Можеби веќе сте слушнале за древниот град Аркаим во Челјабинската област. Откриен е на крајот на 1980-тите при подготовките за изградба на акумулационо езеро на тоа подрачје. Ископувањата покажаа дека населбата потекнува од периодот од дваесеттиот до дванаесеттиот век пред нашата ера, односно е врсник со египетските пирамиди. Името Аркаим (гребен) му го дале советските археолози по името на блискиот вулкан. Научниците сметаат дека градот постоел околу 200 години, а потоа бил напуштен, но пред тоа бил запален.
Во радиус од 350 километри се пронајдени темели на уште дваесетина населби и затоа местото е наречено „земјата на градовите“.
Стручњаците веруваат дека никој не живеел во „земјата на градовите“, туку луѓето доаѓале да вршат обреди, да одржуваат колективни празници, како и да изработуваат предмети од бронза. Кога ќе се најдат во „земјата на градовите“, некои луѓе чувствуваат неиспровоцирана вознемиреност, покачен притисок и температура.
Во националниот парк Курски провлак, недалеку од Калининград, можете да видите мистериозна шума. Стеблата на боровите се виткаат во спирали или прстени. Ако мислевте дека тоа е некоја стара шума, сте се излажале. Дрвјата се засадени дури во шеесетите години на минатиот век, со цел да се зацврсти песочната почва. Не „танцува“ цела шума, туку само еден дел од неа.
За шумата се раскажуваат бројни легенди, како онаа за портата што води во светот на духовите. Меѓутоа, ботаничарите го толкуваат „танцот“ како резултат на силно геомагнетно поле и гасениците-штетници од гасеница кои ги сакаат младите борови ластари, како и глинената подлога под песочните дини што се движи и го спречува дрвото да расте право.
Во Мурманската област, во градот Апатити, се наоѓа арктичкото езеро Имандра. Интересно е поради арктичките фатаморгани кои луѓето ги забележале таму. Сведочат дека виделе контури на дрвја, некакви згради, ридови, но тоа се само оптички илузии. Работата е во тоа што Имандра се наоѓа во околината на вулкан, а над него има студен и густ воздух кој делува како леќа. Затоа фатаморганата може да биде и права и обратна.
Секоја земја има свое чудовиште од Лох Нес, а во Русија подводното чудовиште живее во Тверската област, во езерото Бросно. Барем така е, ако му верувате на локалното население или на случајните очевидци. Наводно, во езерото нешто се движи редовно, врие и излегуваат меурчиња. Научниците, за волја на вистината, сметаат дека „меурчињата“ се формираат поради водород сулфидот во почвата. Но, тоа не ги објаснува сите необичности. На пример, главата со крлушки која повеќе пати изнурнала од езерото. Барем така велат.
Висок нешто помалку од 500 метри, ридот Вотовара се наоѓа во централниот дел на Карелија, каде што инаку има малку населени места. Оддалечен е најмалку 30 километри од најблиската населба преку езера и мочуришта. Локалните жители сметаат дека Вотовара е место на духови и се обидуваат да ги одминат тие места. На врвот практично ништо не расте, освен свиткани борови и брези, но затоа има околу 1600 камчиња наместени по одреден редослед. Археолозите сметаат дека тоа би можело да биде ритуално место на Лапонците или на други древни народи.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче