Како на Рускиот Север рачно се берат алги

Архангељски комбинат за преработка на алги
Колку што водата е поладна, алгите се покорисни! Затоа нивниот лов во руското Бело море се цени повеќе одошто на други места.

На најоддалечените острови на Соловецкиот архипелаг веќе над сто години се собираат ламинарија и фукус. На почетокот на 20 век од нив се произведувал јод, исклучително важен за руската војска во Првата светска војна. А, денес од нив се прави козметика, прехранбени адитиви и грицки. Притоа технологијата на производство не се менувала. Луѓето излегуваат во море со дрвени чамци и, стоејќи на крмата, рачно ги берат алгите.

Кој собира алги

Острвот Мала Муксалма е еден од „најмалку туристичките“ на Соловецкиот архипелаг. Тој е одвоен од останатите со тесен мореуз со камени плитки места и со огромен гребен. Тука моторните бродови можат да минат само ако имаат искусен капетан којшто добро го познава овој крај. И тоа само во определени месеци, кога Белото море не е оковано со мраз и кога не дуваат силни ветришта.

На островот има само една мала продавница, нема никаква забава, и дури практично не постои мобилна телефонија, но само телефонска говорница од која може да се телефонира во Архангељската област.

Токму на ова место од мај до септември се собираат ламинарија и фукус. Овие алги во суровите арктички услови со себе таложат огромни количества микроелементи – над 70, вклучувајќи го и прехранбениот јод. А, алгите се собираат како и пред сто години – исклучиво рачно.

Со тоа се занимаваат претежно мажите зашто станува збор за мошне напорна физичка работа. Жените на островот исто така работат, но други работи: подготвуваат ручек, помагаат ламинаријата да се постави на сушење.

Како се косат алгите

Собирачите на алги во морето излегуваат рано наутро, во 4-5 часот. За среќа, на Соловецкиот архипелаг налето нема ноќ, поради близината на поларникот. Секој собирач има свој дрвен чамец со мотор, којшто староседелците од Рускиот Север (северните региони на европскиот дел од Русија) Поморите го нарекуваат карбас.

Секој во рацете носи долга коса со прицврстени шајки на дрвена дршка. За време на осеката темните ламинарии добро се гледаат. Со помош на коса собирачите ги сечат алгите на дното и ги извлекуваат во чамецот. Една таква алга достигнува и 6 метри должина и воопшто не е лесно да се извлече. Веќе во 11-12 часот се враќаат во населбата за да ги стават алгите на сушење. Во текот на белите ноќ собирачите излегуваат на море двапати дневно.

За еден ден може да се собере до половина тон, па дури и еден тон алги. Се сушат на отворено и тоа се прави мошне внимателно за да не се оштетат. Во просек ламинаријата се намалува 6 пати. Што значи дека за еден тон сува ламинарија потребно е да се исушат шест тони алги. Потоа исушените алги се испраќаат во комбинатот.

Од беломорските алги во Архангељск главно се прават различни прехранбени адитиви, здрава козметика, завои за брзо зараснување на изгореници и многу други работи.

Платата зависи од количеството собрани алги. Во текот на сезоната собирачите во овој дел заработуваат половина милион рубли (околу 6000 евра) и повеќе, секако, сѐ зависи од поединецот и од временските услови. Многу значи и психичкиот фактор. Не може секој да мине неколку месеци во спартански услови. Освен тоа, на островот постои и забрана за продажба на алкохолни пијалаци, што исто така треба да се земе предвид.

Зошто алгите и понатаму се берат само рачно?

Многу народи уште одамна знаеле дека алгите се мошне корисни за здравјето, но индустриската преработка започнала дури во 19 век кога е откриен јодот. Во тоа време тој се користел првенствено за дезинфекција. На почетокот на 20 век Русија набавувала јод од Европа, главно од Германија, но кога започнала Првата светска војна, морала итно да организира сопствено производство. Без дезинфекција секоја рана можела да биде смртоносна.

Во 1918 година основан е Архангељскиот комбинат за преработка на алги, кој започнал да се занимава со собирање алги на Соловецките острови.

Арктичките алги започнале да ги проучуваат биолозите. За време на опсадата на Ленинград во 1942 година алгологот Ксенија Гемп од Архангељск придонела да се воспостави производство на прехранбени производи од резервите на ламинарија кои ги имало во еден научен институт во градот. Од нив се правеле каши и ќофтиња кои им го спасиле животот на илјадници луѓе.

Потоа на Соловецките острови е направен обид да се автоматизира и да се олесни работата на собирачите на алги. Но, излегло дека машините ја уништуваат ламинаријата. Станува збор за тоа дека овие алги се прицврстуваат со своите ризоиди за камењата на дното од морето, а машините често целосно ги корнат. Така што ламинаријата престанува да расте. Но кога во морето излегува човекот ситуацијата е поинаква. За време на собирањето алги собирачите внимателно го сечат стеблото, така што ризоидите не се оштетени, па ламинаријата и фукусот продолжуваат да растат на истото место.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња