Макета на „Златниот прстен“: Како за еден час да ги посетите сите руски древни градови

Шоу-макет «Золотое кольцо»
Во јарославскиот музеј во минијатурна форма се прикажани најинтересните локации од древните руски градови. Нивната посета е чисто задоволство!

Веќе пишувавме за „Големата макета на Русија“, уникатен музеј во Санкт Петербург, каде во минијатура се прикажани сите најважни знаменитости од целата земја. Русија во размер 1:87 е прикажана и во московскиот музеј-диорама „Цар-макета“.

Во Јарослав има уште еден интересен музеј – макета на „Златниот прстен“, каде што во една просторија можат да се видат сите градови на Златниот прстен во минијатура. За обиколка на главната руска туристичка рута во земјата на патникот му треба најмалку една недела. Додека во музејот посетителот може да се запознае со овие градови во минијатура за само еден час.

Притоа на макетата не се претставени само главните знаменитости и старите храмови, туку се доловени и животот и атмосферата на градовите.

Камион ита да испорача материјал на градилиште, возови пристигнуваат на станица (и тоа строго според возниот ред), деца се возат на рингишшил, една куќа гори, а пожарникарите доаѓаат да го гаснат пожарот.

На целата макета се поставени многу ситни интересни детали и „тајни“ изненадувања кои е забавно да се пронајдат и погледнат. Тука е дури и Путин кој на мечка јава низ шумата.

Патем, на 84 квадратни метри се распоредени и 5163 мали жители. И секој од нив има свој живот, свои проблеми: некој поправа велосипед, некој доживеал сообраќајна несреќа, а некој излегол на протест.

На минијатурата се прикажани главните градови на Златниот прстен: Јарослав, Кострома, Углич, Иваново, Ростов Велики, Переслав-Залески, Сергиев Посад, Владимир, Суздаљ. Како и градовите кои официјално не спаѓаат во Прстенот, но се неразделно врзани за неговото историско и културно минато: Рибинск, Шуја, Палех, Тутаев.

Додека во Кострома е зима, се слави Нова година (бидејќи таму е родена Снегурочка) и луѓе се скијаат, во Јарослав е лето и навивачите се собираат пред „Арена-2000“.

Во „градот на невестите“ Иваново авторите на макетата се пошегуваа со стереотипите - па можете да видите невести во бели венчаници, додека во тврдината Ростов Велики се одржуваат екскурзии.

Секој објект има свој неповторлив позадински звук - шумот на водата во Угличката хидроцентрала или звукот на камбаните на Троице-Сергиевата лавра во Сергиев Посад.

Ноќта паѓа на секои 10 минути, но животот не гасне. Се палат уличните светла и светлата на прозорците. На некои места може да се забележи огномет, а автомобилите светат со фаровите по улиците.

„Пресметувањето на аголот на свртување на пругата, правилно распоредување на електричните приклучоци, проектирање на автомобилските рути и инсталирање на сите потребни механизми - тоа беа најтешките задачи“, вели авторот на проектот Андреј Назаров.

147 уметници, инженери и инженери за звук работеа две години за да го создадат овој свет во минијатура. И денес посетителите можат да ѕирнат во нивната работилница и да видат како поправаат нешто, како тестираат возови и подготвуваат нови детали, згради и приказни.

Дознајте повеќе на веб-страницата на музејот showmaket.ru

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња