Како да запознаете 25 руски градови а да не отпатувате од Москва?

Павел Кузмичев
Овде возовите трубат, автомобилите стојат во сообраќаен метеж, пешаците брзаат на работа, се градат згради, вљубените се среќаваат и одат на концерти. Сé како да е стварно, само 87 пати смалено.

Патувајте со воз од Санкт Петербург до Москва, искачете се на Елбрус со жичница и „заглавете“ во сообраќаен метеж кај Москва Сити. И сето тоа во еден ден. Московскиот музеј-диорама „Царот на макетите“ ви нуди да ги запознаете Русија и нејзините жители во размер 1:87.

Со мини-воз низ Русија

Првиот град од кој започнува запознавањето со Русија е Псков со неговиот древен Кремљ и огромната железничка станица. Како на вистинска пруга, покрај возовите има и работилница за ремонт каде се поправаат дизел-локомотиви, неколку колосеци со свртници и луѓе кои се качиле на погрешен воз. Со еден збор, возовите и железницата се главната тема на макетата.

Дизајнерите смислија десетици различни рути меѓу населбите, а работата на железницата, исто како и во реалниот живот, се следи од диспечери кои навремено ги отстрануваат дефектите.

Следната станица е Санкт Петербург. Подвижниот Дворски мост кој се подига два пати дневно, Исакиевскиот соборен храм, бродоградилишта, свадба на брегот во бела ноќ и туристички автобус кој ги вози патниците по познатите авении. Не е лошо ни малку иронија поврзана со климатските услови во градот: врне цела „ноќ“ (или, како што велат мештаните, во Санкт Петербург врне уште од денот на неговото основање во 1703 година) .

А Москва нé пречекува со огромен сообраќаен метеж кај облакодерите на деловниот центар Москва Сити. Метежот изгледа како вистински. За разлика од автомобилите во другите региони, овие московските стојат во место со нивните фарови кои тажно светат и нивните сирени одекнуват. Предност имаат „пешаците“, бидејќи малку подалеку по улицата има фабрика за чоколади. Со притискање на едно копче се активира и добивате вистинско чоколадо, како од автомат.

Во центарот на Москва, недалеку од Кремљ, во тек се археолошки ископувања. А московското „подземје“ ја открива метро-станицата „Новослободскаја“ и нејзините фантастични мозаици (за нив пишувавме овде). Возот пристигнува на секои две минути, како во „природна големина“, т.е. во реалниот живот.

Од Москва патуваме на југ и пристигнуваме во Ростов на Дон. И додека сме таму, не можеме без фудбал. На секои 11 минути паѓа „вечер“, на огромниот стадион започнува фудбалски натпревар и се собираат вистински луѓе да навиваат за нивниот омилен тим.

Потоа одиме на најпознатите туристички дестинации на морињата и планините на Русија. Највисоката точка е, се разбира, Елбрус, каде што се упатуваат планинари со ранци. Во подножјето на планината спелеолози наидуваат на фантастични суштества.

За да стигнеме до Поволжје, поминуваме низ село со удобни дрвени куќи, фарми за животни и мали старински продавници. Има дури и напуштени згради и згради „после пожар“.

Калининградската област е издвоена од главниот дел на макетата. Лесно ќе ги препознаете нејзината катедрала и Рибарското село, најпосетената туристичка атракција.

Скриени „велигденски јајца“ во Цар-макетата

„Цар-макетата“ беше отворена во 2021 година. На неа пет години работеа 30 луѓе кои продолжија да творат и понатаму. Тие додаваат некакви детали, знаменитости и, се разбира, нови приказни и нови човечки фигури. Денес во макетата „живеат“ околу 100 илјади ситни луѓе. Но, не само луѓе. Ако погледнете внимателно ќе видите многу чудни ликови.

На рок-фестивал нинџа-желки нарачуваат пица, во Москва на покрив Казимир Малевич ги слика своите апстрактни „спортисти“ кои му позираат. Во станбена област на Москва можете да видите реплика на познатата фотографија „Ручек на облакодер“. А во Санкт Петербург четворицата членови на „Битлси“ спектакуларно преминуваат улица.

Како што ни рекоа дизајнерите, тие ни самите не знаат колку вакви незабележливи детали нивните колеги сокриле во макетата. Досега се избројани над триесет а нови идеи се појавуваат спонтано.

Сега дизајнерите работат на продолжување на макетата во Сибир. Територијата е огромна, но ветуваат дека ќе ја завршат за една година. Ќе ви кажеме во доверба дека го видовме Бајкал, и тоа навистина е нешто импресивно!

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња